МЕДИУМСКАТА „БУКА“ ОКОЛУ СЛУЧАЈОТ СО ПРЕЧЕКОРУВАЊЕ НА ЛИМИТИРАНИОТ БУЏЕТ НА ФОРМУЛА 1 ТИМОТ ВО СОПСТВЕНОСТ НА РЕД БУЛ УШТЕ ЕДНАШ ПОКАЖА ДЕКА „КОГА АЈКУЛИТЕ ЌЕ НАМИРИСААТ КРВ“, СИТУАЦИЈАТА СТАНУВА САМО ПОЛОША
Воведувањето на лимитиран финансиски буџет во Формула 1 е идеја што се заговара повеќе од една деценија, но конечно се реализираше и дојде до првиот сериозен „испит“. На видело излегоа многу информации, па така се дозна дека и овој лимит од 145 милиони долари, всушност првично бил замислен како 175 милиони долари, но со избивањето на пандемијата од Ковид-19, постоеле сериозни грижи околу финансиската издржливост на екипите.
Дополнително, се предвидува во 2022 година лимитот да биде 140 милиони, а од 2023 натаму 135 милиони долари, со идеја да нема зголемување на износите кои одат во насока на развивање на болидите. Тоа се толкува на начин дека овој буџетски лимит ќе придонесе за израмнување на перформансите меѓу екипите, бидејќи на тој начин нема да има ситуација во која тим што располага со повеќе пари да може постојано и неконтролирано да инвестира во истражувања што другите не можат да си го дозволат.
Откако оваа сезона дебитираа новите аеродинамични правила согласно „Конкорд договорот“, беше јасно дека ќе има тимови што „подобро ќе ги протолкуваат правилата“, па така досегашната доминација на Мерцедес беше нарушена со подигањето на конкурентноста на Ред Бул и Ферари. Сите други, кои оваа сезона ќе ги увидат своите грешки, ќе имаат можност да ги подобрат своите болиди во посакуваната насока, но повторно и тие ќе мора да останат во рамки на буџетот. Од лимитот се исклучени по три „највисоко платени“ лица од секој тим, при што јасно е дека станува збор во најголем број случаи за возачите, иако не е исклучено некаде и славни инженерски имиња или тимски шефови да бидат вброени во таа ставка.
Признанието на тимскиот шеф на Хаас, Гинтер Штајнер, дека самите се подвргнале на доброволна ревизија со цел уште подобро да ги научат процедурите според кои ФИА натаму ќе ги контролира, укажува дека сепак имало недоумици и недоречености при толкувањето и на овие правила, а објавата на ФИА дека Астон Мартин навистина имал процедурални грешки (без да го пречекори лимитот), е дополнителна потврда за комплексноста на целата идеја.
Казната за Ред Бул како прв „грешник“ од седум милиони долари за некои од ривалите е преблага, додека за самите нив е преголема. Дополнително, дел од медиумите се трудеа да укажат дека зголемените трошоци за кетеринг по враќањето на вработените да работат од канцеларија наместо од дома придонеле за пречекорувањето, додека другите укажуваа дека и со помалку од половина милион долари може да се стекне голема спортска предност. Оттука, се поставува прашањето, дали е воопшто битно во кој дел е направено пречекорувањето? Ако со финансиската контрола се успее да се стави ред во трошоците направени само за постигнување перформанси, дали е потребен финансиски лимит за останатите трошоци? ФИА покажа разбирање дека спортската предност можела да биде стекната од Ред Бул, па им ограничи 10% од работата во воздушен тунел што е, исто така, новина во спектарот на казни. Но, веќе нема враќање! Лимитираните буџети се новата реалност во Формула 1 и предвидени се динамички методи за да го следат. Така, лимитот е замислен за календар со 21 трка, па за секоја дополнителна трка ќе биде зголемен за еден милион.
За 2026 година, кога се менуваат техничките правила за моторите, се предвидува дополнителна еволуција на правилата, односно зголемување на уделот на средствата за развој на моторите од 95 милиони на 130 милиони долари. Во овој момент, таа информација може да биде третирана само како индикација, бидејќи 2026 година е сè уште далеку и можни се дополнителни приспособувања на таа тема, но начинот на кој што е замислена реализацијата веројатно ќе остане.