ВО СЕКОЈ СПОРТ Е ПОТРЕБНО НАДВОРЕШНО И НЕЗАВИСНО АРБИТРИРАЊЕ, А ЦВРСТО СПРОВЕДУВАЊЕ НА ДИСЦИПЛИНСКИТЕ МЕРКИ ВО АВТО-МОТО СПОРТОВИТЕ Е ОД УШТЕ ПОГОЛЕМО ЗНАЧЕЊЕ БИДЕЈЌИ И ОПАСНОСТА ПО ЧОВЕЧКИОТ ЖИВОТ Е ПОГОЛЕМА
На оваа тема сум пишувал и порано, без оглед дали поводот за тоа биле настани од Формула 1, Мото ГП или европските туринг шампионати каде што настапуваше Игор Стефановски Иџе. Во основа, правдата треба да биде „слепа“ за националност, пол и раса, но старата мудрост дека кај што има сила нема правдина, за жал, е уште поизразена.
Иако станува збор за трки, а не за дневно политички теми, се забележува тенденција да се врши притисок врз ФИА или некоја нејзина членка (национална федерација) која го воспоставува дисциплинскиот поредок. На пример, за сосема погрешно го сметам мешањето на политиката и забраната за учество на руски спортисти во натпреварувања, на кои им е дозволено да настапат ако се откажат од својата националност и учествуваат под знамето на интернационалната федерациja.
Изминатава зима бевме сведоци на притисоците од Мерцедес за отстранување на Мајкл Маси како технички делегат, откако по мешаницата на крајот од трката за Големата награда на Абу Даби, Макс Ферстапен беше крунисан за нов шампион, а Хамилтон со месеци се криеше од јавноста и се шпекулираше со негово повлекување.
Овој пат, се осврнувам на Порше Карера Куп Италија, каде што настапува Ристо Вуков, бидејќи во два наврати беше удрен од еден ист возач: Стефано Монако. Првиот пат на трката под рефлектори во Римини, контактот и не беше толку голем и Вуков брзо го фати ритамот, но на последното гран при во Муџело, видовме сериозен инцидент во кој автомобилот на македонскиот возач беше тешко оштетен (скршена виљушка), а ривалот кој повторно го удри на стартот (пред првиот свиок), мина без никаква казна. Слични и неразбирливи беа одлуките кога Игор Стефановски – Иџе возеше во ТЦР Италија, па за контакт со друго возило добиваше пенали и му беа одземани победи или пласмани на подиуми, а кога страдаше неговиот автомобил, правдата изостана.
Тркачките инциденти се дел од оние состојки кои даваат извесен „твист“ , како киселкастата вишна на врвот од тортата, бидејќи луѓето ги бараат и очекуваат, во спротивно би недостигала адреналинската возбуда. Сепак, разграничувањето што е дозволено, а што треба да се санкционира е доверено на стјуарди кои мораат да имаат разбирање на проблематиката. Силен удар кој предизвикува толкава штета што води до откажување на друг натпреварувач, мора да помине најмалку низ два филтри, да се разгледа од сите страни и да се понуди правично решение засновано на принципи кои ќе бидат конзистентно спроведувани.
Ако за првиот инцидент од полесна природа до некаде беше нормално да нема реакција од стјуардите (кои можеа да покажат интерес и да ги повикаат возачите на сослушување), во вториот случај веќе е непријатна тенденција која ги загрозува принципите на фер борба. Некој неупатен ќе рече, „па добро ова беше борба за 10. место“, но човечкиот живот е ист, било да се работи за некој што атакува на подиум или не. Видовме дека Иџе беше санкциониран кога на италијански возачи им попречуваше во борбата за титулата, но ова беше на старт од трка, се случи по втор пат, и тоа од ист возач.
Згрозен сум од реалноста во која Вуков мораше на втората трка да стартува од последното место бидејќи правилата се повикуваат на пласманот во првата. Кармата пронајде начин да му го отвори патот до 12 место на крајот (напредок од 23 места), додека Стефано Монако не ја заврши таа втора трка. Убеден сум дека организаторите располагаат со многу повеќе податоци и можат да ја спроведат правдата на многу подобар начин од она што ние го гледаме на малите екрани, но таа слика преку сателитскиот сигнал отиде насекаде низ светот и не говори добро за делење на правдата на трките, особено во Италија каде што Вуков е вториот наш возач (после Иџе во ТЦР Италија), кој искусува вакви проблеми.
Во спортовите со топка постојат правила како жолт и црвен картон, или пет лични грешки наспроти техничка. Во авто мото спортовите сè уште чувствуваме потреба да се воспостави солиден и конзистентен систем на казнување за оние кои си дозволуваат преголема слобода што имплицира загрозување на останатите.