КОЛУМНА СВОЕРАЧНО-СВЕТИОТ ГРАЛ НА ТРКИТЕ

07/10/2020

САМО ЕДЕН ВОЗАЧ ГО ИМА ОСВОЕНО НАЈРЕСПЕКТИРАНОТО ПРИЗНАНИЕ ВО СВЕТОТ НА ТРКИТЕ, КОЕ ОБЕДИНУВА ПОБЕДИ НА ТРИ НАЈСЛАВНИ ТРКИ ВО ИСТОРИЈАТА – ГРЕМ ХИЛ!

 

Фамозната трка „500 милји на Индијанаполис“ се одржува уште од 1911 година и поради својата уникатност во побарувањата за брзина и издржливост е дел од предизвиците за кои сонуваат многу возачи. Речиси истото може да се рече и за „24 часа Ле Ман“ за првпат одржана во 1923 година, која е неколку чекори понапред во смисла на издржливоста, но не ја занемарува ниту брзината. Уште една славна манифестација од светот на трките е уличната трка низ Монте Карло, позната и како Голема награда на Монако, за првпат возена во 1929 година, која е еден од столбовите на денес најпопуларното тркачко првенство на светот наречено Формула 1.

Сите три трки се извор на легенди за големите асови кои доминирале во својата ера, но она што ги поврзува ,исто така, е дека љубителите на трките го сметаат овој триумвират на предизвици како ултимативен дострел за еден возач. Со еден збор, трите победи остварени од еден возач се постигнување кое метафорично се нарекува „Светиот грал на трките“, а тоа не е нешто што се случува „секој ден“.

Еве на пример, ако ја земеме како пример само Формула 1, таму кон крајот на осумдесеттите години од 20. век со појавата на Аиртон Сена се испиша нова историја, со која беа „збришани“ дотогашните постигнувања на тркачите, а потоа процесот го повтори Михаел Шумахер некои 10 години подоцна. Сега, на истекот од 15-годишнината од последната победа на Германецот во Кина 2006 година, сведоци сме на тоа како Луис Хамилтон ги соборува неговите рекорди.

Оттука, не би требало да ве изненади фактот дека во досегашната историја на трките, само еден возач успеал да ги обедини овие три триумфи, што е секако постигнување кое отскокнува само по себе. Упатените во тркачката историја ќе се сетат на великанот од шеесетите години на минатиот век, Грем Хил, чиј син Дејмон тргна по неговите стапки и успеа да стигне до титула во Формула 1 во 1996 година. Англискиот џентлемен е еден од вкупно 19 возачи во историјата кои се обиделе да стигнат до „тројната круна“, во смисла на тоа дека учествувале на сите три настани низ светот, а притоа победиле барем на еден од нив.

Успесите на Грем Хил се крунисани со две титули во Формула 1, во 1962 и 1968 година, а дополнително зачинети со неговите пет победи во Монако. Со настапот на Индијанаполис во 1966 година и победата во таа трка, тој си го отвора патот кон „Тројна круна“, а истата ја освојува во 1972 година со триумфот на Ле Ман. На листата на возачи има уште осум други шампиони од светот на Формула 1, како и други легенди на овој спорт како предвоениот херој Тацио Нуволари, американската легенда А. Џ. Фојт, како и човекот чие име денес сè уште го носи и тим во Ф1 – Брус Мекларен.

Во последните 50 години, односно од посмртниот шампион во Формула 1, Јохен Ринт, кој победи на Монако 1970 и не успеа да го дочека крајот на првенството за да и се израдува на титулата, тројца светски прваци од Ф1 славеле и на „500 милји Индијанаполис“, при што Марио Андрети и Жак Вилнев прво победиле во САД, а Емерсон Фитипалди во Ф1. Но, ниту еден од нив нема победа во Монако. Од друга страна, Хуан Пабло Монтоја нема титула во Ф1, но има победи во Монако 2003 година и два пати на Индијанаполис (2000 и 2015 година), додека кај Фернандо Алонсо сè е во духот на бројот „два“: две титули во Ф1, две победи во Монако, два триумфа во Ле Ман, како и две учества на Индијанаполис (имаше неуспешна трета проба, но не се квалификуваше). Последниот обид беше во август 2020 година, кога успеа да влезе во трката, но не и да победи.

Предизвикот останува предизвик!

 

Александар Табаковски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.