Колумна своерачно-РАСПЛЕТ ПРЕД НОВ ЗАПЛЕТ

17/03/2022

ПО НЕКОЛКУМЕСЕЧНА НЕИЗВЕСНОСТ СВЕТСКАТА АВТОМОБИЛИСТИЧКА ФЕДЕРАЦИЈА КОНЕЧНО СЕ ОГЛАСИ ПО ЖАЛБИТЕ НА МЕРЦЕДЕС ЗА РЕЗУЛТАТИТЕ НА ПОСЛЕДНАТА ТРКА ВО ФОРМУЛА 1, ВОЗЕНА ВО АБУ ДАБИ, ШТО ПАК ВЛИЈАЕШЕ НА КОНЕЧНИОТ ИСХОД ВО БОРБАТА ЗА ШАМПИОНСКАТА ТИТУЛА

 

Спротивно од очекувањата, комисијата на ФИА заедно со новиот претседател Мохамед Бен Сулајем одлучи да преземе мерки и да направи ревизија на судиската хиерархија, каде што досега неприкосновен беше директорот на трката Мајкл Маси.

Маси на оваа позиција беше именуван пред две години, кога ненадејно почина дотогашниот легендарен делегат на ФИА, Чарли Вајтинг. Може да се каже дека на неговата работа досега никој немал забелешки, но тензичното финале се покажа како премногу голем зафат за судење од страна на едно лице, па така ФИА најавува дека со ревизијата ќе имплементира ново судиско тело кое што ќе биде составено од повеќе членови (два ротирачки стју- арди и еден перманентен советник).

Како дополнување на оваа „структурна промена“, за нивно олеснето носење на одлуки ќе биде направена таканаречена виртуелна контролна соба, која што ќе биде надвор од автодромот. Ова на некој начин ќе биде дополнителна судиска соба, која што повлекува паралела со имплементирањето на ВАР технологијата што се користи во фудбалот. На овој начин новиот директор на трката ќе има простор за дополнително разгледување на одредени случаи и за доделување на соодветни казни.

Мое лично мислење, кое што беше кажано и во претходната колумна по прашање на рестартот на трката во Абу Даби е дека најдобро ќе беше ситуацијата да биде исправена со истакнување на црвено знаме и прекин на трката, што ќе донесеше најфер ситуација во рестартот. Надоврзувајќи се на воведувањето на новата контролна соба, заклучокот е дека таа „ќе треба да му купи време“ на директорот на трката, односно да му овозможи да донесе одлука за нешто што поминало  иако трката е сè уште во тек. Тоа става тежиште на носење на одлуки во од, наместо при прекин на трката, и тоа е ризикот што го оптоварува овој нов систем, иако тимовите генерално се среќни со ваквото реструктуирање и воведувањето на дополнителни ресурси за поправедни одлуки.

Истовремено, од страна на ФИА е дадена иницијатива и за промена на регулативата за прекин на трките при невозможни временски околности. Се заговара опција да не бидат доделени бодови доколку во трката нема два круга во кои што лидерот на трката возел слободно, без присуство на безбедносно возило на патеката. Дополнително, понудени се и различни опциии за доделување на поени за ситуации кога трката би била прекината пред истекот на 25 проценти, 50 проценти и 75 проценти. Досега постоеја само два модела: половина поени за прекин пред 75% од трката, и комплет бодови доколку изминале 75% од трката, така што може да се поздрави ваквата иницијатива како тежнеење кон посовршен модел.

До стартот на сезоната можно е да има уште неколку „жешки“ одлуки, пред сè околу организацијата на трката во Русија, а се шпекулира и со безбедноста во Саудиска Арабија каде што имаше проблеми при организацијата на релито „Дакар“. Во новосоздадените услови ќе биде од исклучителна важност да се донесат вистински одлуки, кои натаму можат да имаат големо влијание врз спортот.

 

Александар Табаковски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.