КОЛУМНА СВОЕРАЧНО-ПРАШАЊЕ НА ИДЕНТИТЕТ

10/02/2021

СЕ ПОСТАВУВА ПРАШАЊЕТО КОГА ЌЕ СЕ СЛУЧИ ДВЕТЕ СЕРИИ ДА СТАНАТ ДО ТОЛКУ СЛИЧНИ ШТО ВЕЌЕ НЕМА ДА СЕ ЗНАЕ ПО ШТО СЕ РАЗЛИКУВААТ.

Фактот дека на планетава има сè повеќе различни автомобилистички и мотоциклистички натпреварувања укажува дека на светско ниво организаторите се охрабруваат да организираат нови тркачки серии коишто се одвиваат според некои нови правила, кои во визиите на основачите гарантираат поголема возбуда на патеката.

Не мора да се навраќаме многу далеку, доволно е да се потсетиме дека кога за првпат почна да се организира релито Париз-Дакар на него учествуваа егзибиционисти коишто сакаат да се справат со предизвикот и да ја поминат пустината макар и со приватно рено 4, а денеска е тоа мултимилионска забава во којашто големите фабрики гледаат начин за добар маркетинг на нивните конструкции. Со текот на времето оваа серија од различни комерцијални причини беше преместена во Јужна Америка, па на Блискиот Исток, и со тоа ја загуби својата база на поддржувачи меѓу обичните луѓе.

Во поновата историја знаеме дека се формираше таканаречената ГП 2 серија, којашто денес прерасна во Формула 2, но своевремено беше иновирана од приватни претприемачи коишто освен што успеаја да им овозможат релевантен напредок на младите возачи кои се подготвуваат за Формула 1, испробаа и многу „керефеки“ со правилата, па така на мала врата беше направен историски преседан, во трките квалификации да се возат само со важност за првата трка, додека во втората најдобрите осум стартуваат по обратен редослед.

Кога започна да се организира Формула Е, оригиналноста се однесуваше на користење електромотор и акумулатори како единствен извор за перформансите, но спортските правила останаа како што беа замислени во ГП 2. Со прифаќањето на статусот светско првенство од оваа година, правилата по коишто се организира Формула Е и официјално ќе бидат ратификувани од страна на ФИА како основа за спроведување организација на едно светско првенство. Со тоа ќе постои јасна разлика меѓу правилата што се во употреба во Формула 1 и на оние што се на располагање во другите серии. Мошне е јасно дека таквите правила не се дел од јасно познатата ДНК на Формула 1 низ чијашто седумдецениска историја во преден план секогаш биле промените во техничките правила. Бидејќи Формула 1 се определува да еволуира во таканаречена „јаглерод-неутрална“ серија, тоа значи дека и правилата во блиска иднина ќе се менуваат во насока на избегнување на фосилните горива како извор на перформанси, а со тоа ќе стане мошне слична до она што денес го гледаме во Формула Е.

Се поставува прашањето кога ќе се случи двете серии да станат до толку слични што веќе нема да се знае по што се разликуваат. Определбата за речиси идентична техничко-технолошка иднина неминовно ќе доведе до изедначување на двете серии и едната од нив ќе мора да направи втор чекор во насока на изградбата на својот идентитет и на тој начин да се подготви за иднината. Во овој момент може само да претпоставуваме и да шпекулираме со различни идеи, но иднината многу брзо ќе ни покаже во кој правец ќе се одвиваат нештата бидејќи кај двете тркачки серии е предвидена промена во правилата од 2022 година.

 

Александар Табаковски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.