КОЛУМНА СВОЕРАЧНО-ПЛАТИ, ПА КРИЗИРАЈ АКО СМЕЕШ

05/05/2020

ПРЕД 20 ГОДИНИ КОГА СЕ ПОЈАВИ МОДЕЛОТ „ПЛАТИ ПА ГЛЕДАЈ“, ЛУЃЕТО СÈ УШТЕ ИМАА КВАЛИТЕТНИ ПОНУДИ НА РЕГУЛАРНИТЕ ТЕЛЕВИЗИИ. НАПРЕДОКОТ НА КАНАЛИТЕ СО ПРЕТПЛАТА ИМАШЕ ПРИМЕР СО БОРБАТА МЕЃУ ФЛОЈД МЕЈВЕДЕР И КОНОР МЕКГРЕГОР, КОГА ОБАЈЦАТА ВО ЕДНА НОЌ ЗАРАБОТИЈА 130 МИЛИОНИ ДОЛАРИ.

 

Светскиот непријател број 1, познат под кодното име КОВИД-19, извојува несомнена победа над нормалната секојдневица на речиси осум милијарди луѓе, но историјата досега покажала дека луѓето вообичаено добро се адаптираат на кризни ситуациии, а најмногу страдаат кога се препуштаат на сопствените каприци и не покажуваат грижа за пошироката околина.

Но, кога светската интелигенција ќе се обедини, прашање на денот е кога непријателот ќе мора да го признае поразот. Верувам дека од оваа лекција ќе има многу извлечени поуки, како за светските лидери, нивните владини служби, како оние на кои ова им е основна работа (здравствените работници), но и оние кои во ова гледаат можност за дестабилизација на цела една држава и економија (ткн. Тајни служби).

Меѓу оние што секако ќе мора да извлечат поука се и организаторите на трки. Целиот систем на авто-мото спортот сериозно зависи од публиката, како во живо, така и од онаа крај малите екрани. Од денешен аспект, сигурен сум дека поголемиот број од нив размислувал во смисла „па зарем е можно такво нешто во 21 век?“ или „нема шанси тоа нам да ни се случи“. Но, несреќите не им се случуваат само на другите, ете доаѓа време кога секој ќе ја почувствува тешкотијата на сопствена кожа.

Ако нема телевизија, нема ни спознори, ни пари од ТВ права. Она што во моментов ја прави телевизијата сè уште главен светски медиум е можноста во живо да емитува програма на едно врвно ниво, како што тоа е еден спортски пренос. Покриеноста со камери, можноста да се улови секој момент, да се репризира спорна ситуација, тоа е она што го одвојува просечниот ТВ производ од оној што е премиум.

Можеби може да има повеќе телевизиски канали, ама не секој може да има премиум понуда. Трките се дел од таквата понуда, но исто така и голем број други настани чие што емитување во живо го предизвикува интересот на јавноста. На крајот се сведува дека ТВ каналите се своевидна берза за организаторите на настани кои ги отстапуваат ексклузивните права од своите настани. Но, зошто го пишувам сево ова? За време траењето на оваа криза, една од сториите која најмногу привлече внимание беше одржувањето на спектаклот наречен „ултимејт фајт“, каде што требаше да има и борба за светската титула. Првенствено настанот беше закажан за Њујорк, но организаторите најавија дека поради погоденоста на подрачјето од страна на вирусот, ќе најдат друга локација. И речиси успеаја во сè: најдоа локација близу Калифорнија, каде што извесен резорт (хотел со казино и придружни објекти) беше лоциран во меѓународни води, па најавија дека ќе закупат и посебен остров за да можат да ги сместат сите учесници и припадници на организациската постава. Тогаш уследи мешањето на политичарите и повикот да не се изложуваат луѓето на непотребен ризик, иако беа најавени стриктни медицински прегледи и протокол со високи стандарди на заштита.

Кој е заклучокот? Пред 20 години кога се појави моделот „плати па гледај“, луѓето сè уште имаа квалитетни понуди на регуларните телевизии. Напредокот на каналите со претплата имаше пример со борбата меѓу Флојд Мејведер и Конор МекГрегор, кога обајцата во една ноќ заработија 130 милиони долари. Пред нецели две години, промотерската куќа за организација на „ултимејт фајт“ борбите беше проценета на седум милијарди долари. За споредба, во речиси исто време, Либерти медија ја купи Формула 1 од претходните акционери за четири милијарди.

Иднината на спортот е во овие канали, сакале ние да прифатиме или не, а со тоа ќе бидат репозиционирани и голем број на спортови по завршување на кризата.

Александар Табаковски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.