КОЛУМНА СВОЕРАЧНО-ОДИМЕ НА „ЕВРОПСКО“!

16/12/2020

НЕСОМНЕНО СПОРТИСТИТЕ СЕ СВОЕВИДНА НАЦИОНАЛНА ГОРДОСТ И СО НИВНИТЕ УСПЕСИ СИТЕ САКААТ ДА СЕ ИДЕНТИФИКУВААТ, ПА ВО СЛУЧАЈОТ СО ФУДБАЛЕРИТЕ СЕ ИЗНАГЛЕДАВМЕ НА ЕУФОРИЈА И ОБЛЕКУВАЊЕ ДРЕСОВИ КАКО ДА Е ПРВОАПРИЛСКИ МАСКЕНБАЛ.

Горчлив е лебот на професионалните спортисти. Ретко кој гледа да им помогне пред да направат резултат, а откако ќе направат, сите сакаат да го споделат за свој, што не е случај со поразите. Тие се само нивни, на спортистите, на тренерите…

Но, исто така, не е исто и кога се во прашање различни спортови. За фудбал, кошарка и ракомет, владее национална еуфорија, небаре во тие спортови сме светски шампиони и лебот што го јадеме ни зависи на сите токму од нив. Да, радоста е голема, емоциите се убави, и нема потреба за тоа да се каже лош збор.

Но, има ли подобра шанса од оваа да се спомене какви сè натчовечки напори се вложуваат во помалите спортови за достојно репрезентирање на државата? Сакам да нагласам: кога велам „натчовечки“ мислам на натчовечки напори и не го употребувам тој збор само заради шминка.

Имаме спортови кои се сметаат како „базични“ меѓу кои спаѓаат пливањето, гимнастиката, и атлетиката. Во нив не само што ретко се исполнуваат норми за учество на европско, туку и кога ќе ги исполнат, спортистите се оставени сами на сопствената снаодливост да го најдат патот до големите спортски манифестации. Федерации со блокирани сметки, проблеми со обезбедување средства за патување, сместување и исхрана, немање услови за современи тренажни процеси и дополнителна работа за унапредување на телесните перформанси преку витаминска суплементација или други сродни третмани…

Во таквата реалност, се издвојуваат неколку имиња на автомобилистичката сцена. Пред сè, неоспорен е фактот дека Игор Стефановски – Иџе самиот се одважи и карирата од националните првенства ја замени со меѓународните. Најпрво со возење ФИА ЦЕЗ во шампионатот на ридски патеки, а потоа и во европскиот. По две титули, се одважи да влезе во рингот и меѓу големите ѕверки кои возат на круг, каде што има ТВ преноси и каде што парите за учество се неколкукратно повисоки, што поради котизации, што поради големите трошоци за подготовки на возилото по секоја трка, по секој контакт итн.

Иџе докажа дека е можно, донесе победи од трки кои се бодуваа за „европско“, дури во 2017 година беше во директен дуел со Петр Фулин. Неговиот пример ги охрабри и останатите, како Давидовски, а потоа и Рико Вуков, кој младинските успеси со картингот сега ги возобнови низ учествата во туринг трките. Кај мотоциклистите е слично, со тоа што Слободан Ивчевски – Цобо веќе со години настапува само на меѓународните трки – бидејќи домашно првенство нема!

И кога ќе дојде на ред ваквите имиња да добијат поддршка од државата, тогаш се поставуваат прашања зошто и по кои критериуми, па зошто да не им се дадат парите на некои локални таленти кои ,исто така, би сакале да станат славни. За разлика од споменатите фудбалери, кошаркари и ракометари, автомобилистите и мотоциклистите немаат богати федерации кои можат да ги поддржат, па видени се и ситуации кога во такви моменти се наоѓаат и повикани да го бараат својот интерес за издавање меѓународни лиценци итн.

Оттука, на државните пари нема кој не би им се израдувал, но приватните не смеат да бидат пред националните интереси. За жал, скапиот авто мото спорт е „бунар без дно“, така што без симболичната поддршка од државата не би го имале ни ова. Уште подобро би било кога би имале своевидна официјална „репрезентација“ наместо поединци, но за жал тоа е тешко изведливо. Сепак, свеста за успесите на малите спортови мора да продолжи да еволуира и тие да бидат сфатени многу посериозно, а ултимативно и народот и државата да се обединат.

 

Александар Табаковски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.