КОЛУМНА СВОЕРАЧНО-НЕЗАПИРЛИВИ ПРОМЕНИ НА ИСТОРИЈАТА

11/11/2020

ОБИДИ И ПРИТИСОЦИ ЗА ПРОМЕНА НА ОНА ШТО Е ЗАПИШАНО ВО ИСТОРИСКИТЕ КНИГИ, ИМАЛО, ИМА И ЌЕ ИМА, НО ДОДЕКА НЕКОИ СЕ СЛУЧУВААТ ПО ВОЛЈАТА НА „ПОБЕДНИЦИТЕ“ КАКО ШТО ВЕЛИ СТАРАТА ПОГОВОРКА, НЕКОИ ЕДНОСТАВНО СЕ СЛУЧУВААТ ПО НЕКАКОВ ЕВОЛУТИВЕН ПАТ.

Иако оваа колумна е посветена на промените во историјата на Фор- мула 1, читателите сосема легитимно можат да го доживеат насловот во контекст на дневно-политичките збиднувања на повеќе агли од Земјината топка.

Ако зборуваме за рекордот на гран-при победи што Луис Хамилтон го презема од Михаел Шумахер, би рекол дека таа промена ќе се случеше кога-тогаш, иако лично сум зачуден од фактот дека се случи неверојатно брзо (последната победа на Шумахер беше во 2006 година, а соборувањето на рекордот дојде во 2020 година). Зошто сум убеден дека воопшто ќе се случеше? Едноставно, Велика Британија не е само „колевка“ на авто-трките (Формула 1 започна во Силверстоун во 1950 година), туку е светски епицентар од аспект на подигање на инженери и возачи.

Со исклучок на Ферари сите други екипи имаат фабрика (или извесни оддели) во Велика Британија каде што се произведуваат виталните делови за болидот. За разлика од порано кога Ред Бул беше англиска екипа бидејќи тимот беше лоциран во Англија, денеска правилата дозволуваат тие да се австриски конструктори (во чија чест се интонира австриската химна ако нивен возач слави победа), но фабриката и натаму е лоцирана во Милтон Кинс, каде што своевремено ја постави Џеки Стјуарт, кога во 1996 година се одлучи за влез во Формула 1 како тимски шеф на „Стјуарт Форд“. Потоа се смени сопственичката структура, Форд целосно го презема тимот и го ребрендираше во Јагуар, за на крајот да го продаде на Ред Бул. Истото е кога се зборува и за Мерцедес: тие своевремено беа акционери со 40% удел во Мекларен, но го купија Илмор Инженеринг кој го направи моторот за нив во Формула 1, бидејќи германската фабрика официјално „апстинираше“ од спортот по неславниот инцидент на трката „24 часа Ле Ман“ кога нивното возило излета во публика, по што беше објавено дека загинал возачот Пјер Булин и уште 83 гледачи, а дополнителни 180 биле повредени. Нормално, Мерцедес ја ребрендираше фабриката во Бриксворт, а откако го откупи тимот „Браун ГП“ во 2009 (лоциран во Брекли, најпрвин основан од Крег Полок како Б.А.Р., а подоцна преземен од Хонда, па од Рос Браун), направи сопствена екипа која од 2010 година наваму работеше на случајот да биде успешна, па од таа гледна точка, овие резултати воопшто не се изненадување.

Ретко кој инженер се прославил во Формула 1, за да може да ужива светска слава како што тоа му појде од рака на Енџо Ферари, кој беше современик на оние кои ја започнаа Формула 1. Токму затоа италијанскиот конструктор е легенда сама по себе, но тешко може да се спомне некој друг што го задолжил спортот како Енцо. Иако неговата изрека е дека „аеродинамиката е за луѓе што не знаат да прават добри мотори“, сепак токму на полето на аеродинамиката се постигнаа најголемите унапредувања на перформансите, па согласно тоа најголемите инженерски легенди во поновата историја на спортот се оние кои работеа на ова поле: Колин Чепмен (Лотус), Френк Вилијамс и Патрик Хед (Вилијамс), Рос Браун (Бенетон/Ферари/Браун) и Адријан Њуи (Вилијамс/ Мекларен/Ред Бул). Дури и Ферари кон крајот на осумдесеттите „посегна“ по Џон Барнард и му овозможи да работи од канцеларии во Велика Британија, но потоа ја исправи грешката кога ги најми Браун и Рори Брн, па ги донесе во Маранело, каде што изградија воздушен тунел.

Можеби токму фактот што најмалку „британски“ фактори беа вклучени во успесите на Аиртон Сена и Мекларен Хонда, го прави тоа партнерство да звучи „епско“ и сè уште да биде репер за оние кои ќе се наметнат во современата историја.

Од друга страна, и Формула 1 одамна не е онаа каква што ја знаеле во 1950 година. Наместо 7-8 трки во сезона, сега има преку 20, наместо 5-6 возачи бодови добиваат по 10. Се заговара скусување на гран при викендите на два дена (сабота и недела), како и воведување на „спринт-трки“ каде што првите осуммина би стартувале по обратен редослед итн. За едни, тоа е нормална еволуција, за други промена на ДНК-вредностите што Формула 1 како име ги носи. Но, какви и да се – промени ќе има!

Александар Табаковски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.