ВОВЕДУВАЊЕТО НА ЛИМИТ ЗА БУЏЕТОТ НА ТИМОВИТЕ ВО ФОРМУЛА 1 Е МЕРКА ШТО СО „СУДНИ МАКИ“ БЕШЕ ВОВЕДЕНА ПОСЛЕ ДОЛГИ ГОДИНИ НАЈАВА, НО СЕГА Е НА ТЕСТ НЕЈЗИНОТО ПОЧИТУВАЊЕ
Секоја власт сама по себе како „најголем криминал“ гледа на можноста некој друг да ја собори и да дојде на нивно место, па оттука ригорозните казни за неуспешните обиди за воени удари во различни земји на светот од блиското минато, сè уште претставуваат свежи спомени за поголемиот дел од цивилизираниот свет.
Но, кога станува збор за спортот, сите сме сведоци колку правдата може да биде „растеглива“. Дури и некој судија тенденциозно да досуди нешто во корист на една страна, ретки се примерите во кои би можеле да се потсетиме на тоа дека казната за нив придонела за подобар спорт. Така, суспендирањето на еден судија и одземањето на неговата лиценца можеби ќе биде пример за некого, но тука нема кривично гонење, затвор или слично. Дополнително, дури и кога еден спортски сојуз ќе изрече казна, како своевремено Фудбалскиот сојуз на Југославија кога казни неколку клубови со одземање бодови, тоа може „да падне“ на суд, па така во дадениот пример титулата на ФК Вардар во 1987 година беше оспорена со „враќање на одземените бодови“ на неговите ривали.
Лично сум се изнаслушал секакви „урбани легенди“ за примери со наводно местење резултати, дури и во автомобилизмот, каде се дискутирало за легалноста на поедини делови и можноста нивната употреба да се оспорува со рачно мерење со шублер како би се докажала едната или другата верзија.
Сепак, голем дел од спортските организации ја сфатиле сериозно работата кога треба да се застане на линија на правдата и да се воспостави фер однос за сите учесници. Во американската професионална кошаркарска лига, позната како „Ен-Би-Еј“, со децении постои таканаречен „лимит за плати“ (salary cap), со кој се овозможува во рамки на одреден буџет сите да имаат исти шанси. Дополнително, купувањето млади играчи кои се потенцијални нови ѕвезди, им се дава на најслабо пласираните тимови, па така тие имаат право да бираат „прв пик на драфтот“.
Во фудбалот постои нешто слично кое е наречено „финансиски фер-плеј“, а казните за негово прекршување се зголемуваат од година во година, иако сè уште не се случило некој да биде толку сурово казнет, како на пример кога дузина клубови сакаа да формираат своја приватна лига и да се одметнат од УЕФА. Слично како воениот удар во политиката, нели?
Формула 1 договори лимит за буџетите на тимовите, како би се спречило големите фабрики со огромни буџети да ги „збришат“ малите приватни конструктори, иако според мое видување тоа доаѓа малку доцна, кога приватни инвеститорски фондови ги изнакупија тие мали тимови што се бореа за преживување. Сега главна тема е дали Ред Бул го пречекорил лимитот на трошење и како би бил санкциониран ако тоа се докаже? Сите ривалски тимови се речиси едногласни дека тоа е „најголемиот криминал“ и дека дури и трошок од 200.000 фунти може да донесе „неспортска предност на патеката вредна неколку десеттинки по круг, во повеќе од една трка“.
Имајќи ги предвид сметководствените рокови за книжење, сумирање и анализа, таквите докази секако би се обезбедиле со големо доцнење, па оваа година би се дознало за нешто што можеби се случило лани. Дали тоа ја прави освоената титула (во случајот на Ред Бул) помалку валидна или тотално ја оспорува? Ако се прашуваат тимовите, казните за нивните ривали што се огрешиле треба да бидат драконски, бидејќи тие се однесуваат како ајкули што намирисале крв. Да се потсетиме, оваа година се случи Европската ракометна федерација да го исклучи РК Вардар 1961 од Лигата на шампионите, поради заостанати долгови кон играчите на претходниот сопственик на клубот, кој одамна замина. Сепак, тоа предизвика главните ѕвезди, како Тимур Дибиров, да заминат од скопскиот клуб и да преминат во ривалските тимови.
ФИА е на голем испит, да најде соодветен начин за добро да го одмери случајот, да го анализира евентуалниот прекршок и да изрече соодветна казна доколку навистина востанови заобиколување на правилата. Лично сметам дека финансиски пенали не се добро решение, но менувањето на ланските резултати е уште поглупава варијанта. Мекларен во 2007 година беше казнет со 100 милиони долари во таканаречениот „шпионски скандал“, а денеска буџетот за кој се дебатира цели 15 години подоцна е лимитиран на 145 милиони. Очекувам дека слично како во 1994 година, кога нелегален систем за автоматски старт беше пронајден во болидот на Бенетон, (но не беше докажано дека бил користен), нема да имаме „сензација“, но со сигурност би се обложил на подобри решенија за регулативата во иднина.