Колумна своерачно-МАКЕДОНИЈА НА СВЕТСКОТО

11/01/2023

„МУНДИЈАЛСКАТА ГРОЗНИЦА“ ЗА МАКЕДОНИЈА ЗАВРШИ КОГА НЕ УСПЕАВМЕ ВО БАРАЖОТ СО ПОРТУГАЛИЈА, НО ЗА ВРЕМЕ НА ОДРЖУВАЊЕТО НА ПРВЕНСТВОТО ВО КАТАР, ДОБРО Е ДА ГИ ПОГЛЕДНЕМЕ ДРУГИТЕ НАШИ СОНИШТА ЗА „ОДЕЊЕ НА СВЕТСКО“

 

Предновогодишната атмосфера е погодно тло за мечтаење, но да се обидеме да ги издвоиме фактите. Фудбалерите испишаа историја со пласманот на европското првенство и потоа со успесите во квалификациите за светското, каде што стигнаа до баражот. Ракометарите веќе подолго време успеваат да наметнат континуитет во настапите на големите натпреварувања, и тоа во многу покус натпреварувачки ритам  една година се игра „европско“, а една година се игра „светско“. Во другите екипни спортови како кошарката и одбојката, имаме повремени проблесоци зависно од генерацијата, додека во поединечните спортови, особено онаму каде што нема квалификации, речиси редовно имаме претставници.

Но, кога станува збор за авто-мото спортовите, ситуацијата не е едноставна како кај другите поединечни натпреварувања. Носители на правото на настап се тимовите, кои ги избираат возачите. Во неколку случаи досега видовме дека македонските возачи се пријавуваа за настап со свои тимови, што ги оптоваруваше во исто време да се грижат и за логистиката, и за финансиите, и за резервни делови, што уште не. Меѓутоа, и во такви услови имаме со што да се пофалиме. Двете титули на Иџе на европско се на ридски патеки, додека покрај него и Давидовски и Вуков започнаа свои кампањи на кружни патеки. Учеството на Давидовски со „вајлд карта“ на светското туринг првенство се покажа успешно и донесе резултат за историја. Не смее да се испушти ниту младиот Петар Богатиновски, кој минатата година дотурка до настап на светското првенство во картинг, што се одржа во Бахреин.

Сума сумарум, да се оди на светско никогаш не е лесно но, сепак, е возможно. Во тој дух е и последната најава од Вуков кој објави трансфер од Порше Карера Куп Италија во официјалниот Порше Суперкуп, кој е претходница на Формула 1 трките. Ниту тој, ниту кој било друг од наведените не е „падобранец“, туку индивидуа со голем стаж зад себе, како во Македонија, така и на балканските трки. Верувам дека нивните примери ќе ги охрабрат и другите да се „одважат“ и да се испробаат на повисоко ниво, иако таквиот ангажман бара и време и средства. Да беше лесно, досега сите ќе го практикуваа.

Фактот дека само неколкумина се дел од нашата меѓународна тркачка историја, говори сам по себе за тоа дека во европскиот и светскиот крем не се влегува со ад хок решенија, туку со долга и напорна работа, но и успешен менаџерски пристап.

Државната стратегија е посебно прашање, бидејќи решенијата што се даваат преку политичките канали треба да бидат рамноправно достапни и за оние што возат кајак и за оние што тренираат борачки спортови, па и за оние кои се дел од трките. За жал, во пракса не постои тело кое би се занимавало само со унапредување на авто мото спортовите, бидејќи тие одговорности делумно се надлежност на федерациите. Искуствата од другите развиени земји говорат дека голем број компании се занимаваат со поддршка на млади возачи или возачки школи, со што се забрзува нивниот развој. Федерациите за жал ретко даваат поддршка и нивната улога се сведува на администрирање на она што е поврзано со трките.

Оттука, моето лично мислење е дека ако некогаш се чудиме зошто на големите светски натпреварувања има земји што со традиција се меѓу освојувачите на трофеи, мора да бидеме свесни за тоа дека за големите потфати другите се подготвуваат на поинаков начин, кој делува многу поорганизиран од она што во моментов ние го имаме како полигон за развој на јуниорските категории, а кои подоцна стануваат стожер на трките. Доволно е да се фрли поглед што се работи со фудбалот и ракометот во Македонија и да се заклучи дека успесите на сениорско ниво не дошле случајно.

 

Александар Табаковски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.