Колумна своерачно-ЛУИС ХАМИЛТОН–БОРЕЦ ЗА ПРАВДА ИЛИ „ПЛАЧКО“?

11/02/2022

МОХАМЕД БИН СУЛАЈЕМ УШТЕ НА САМИОТ ПОЧЕТОК ОД СВОЈОТ МАНДАТ СЕ СООЧУВА СО ГОЛЕМ ТЕСТ, ВО КОЈ ШТО ТРЕБА ДА ГО ЗАЧУВА ИНТЕГРИТЕТОТ НА ФЕДЕРАЦИЈАТА КАКО ВЛАДЕЈАЧКО ТЕЛО И КОМПЕТЕНТНОСТА НА СВОЈОТ ПЕРСОНАЛ ДА РАКОВОДИ СО СВЕТСКОТО ПРВЕНСТВО

 

Контроверзниот крај на сезоната во Формула 1 беше навистина ретко очекувано сценарио, при што секоја од засегнатите страни го брани своето гледиште. Тото Волф и Луис Хамилтон не се појавија на гала церемонијата за да ги подигнат пехарите, при што Мерцедес е победник кај конструкторите, а возачот се најде на второто место. Мерцедес ја обжали регуларноста на трката уште по самиот крај, но откако стјуардите ја одбија, тие најавија жалба до највисоките инстанци на ФИА. Сепак, истата ја повлекоа на денот на доделување на наградите, но побараа од ФИА да го расчисти случајот, по што уследи медиумска „кампања“ дека е неизвесно дали Луис Хамилтон ќе ја продолжи кариерата ако ФИА не го казни или замени Мајкл Маси, бидејќи тој го дозволи рестартот на трката. Да потсетиме, според пропозициите, откако на патеката ќе биде аплицирано возило за безбедност, стјуардите им дозволуваат на заостанатите болиди да ги престигнат водечките. На тој начин, оние што се на врвот од трката, магично ќе се постројат еден зад друг и можат да се нападнат во продолжението, иако биле на солидна дистанца пред употребата на безбедносното возилo.

Гревот“ на Маси се состои во тоа што откако се расчистија болидите меѓу Хамилтон и Ферстапен, веднаш дозволи рестарт, а имаше уште заостанати болиди, па така Даниел Рикиардо со задоцнување од еден круг возеше пред Карлос Саинц на третото место. Тука оштетен е Карлос Саинц, бидејќи теоретски не можел да го нападне Ферстапен, но ниту Саинц, ниту Ферари не вложија жалби. Жалбата беше вложена од Мерцедес, бидејќи нивната стратегија беше дека нема да има време за рестарт на трката и таа ќе заврши зад возилото за безбедност. Новиот претседател на ФИА, Мохамед бин Сулајем, кој беше избран на местото на Жан Тод една седмица по трката во Абу Даби, испрати смирувачка нота до Хамилтон и Мерцедес, дека ФИА ќе спроведе детална истрага.

Иако до стартот на Формула 1 веќе нема многу време, и оваа колумна влегува во печат кога има помалку од еден месец до првиот претсезонски тест во Барселона, Мерцедес и Хамилтон и натаму се во „завет на молчење“ и ја префрлаат тежината на страна на ФИА и новиот претседател. Без оглед каков ќе биде конечниот расплет, се поставува прашањето, каква утеха ќе добие Хамилтон ако успее да издејствува смена на Маси? Резултатот веќе замина во историјата, Ферстапен е прогласен за светски првак, камерите регистрираа кога Луис му подаде рака на Макс, па дури и Ентони Хамилтон се ракуваше со Јос Ферстапен. На кого му годи оваа специјална војна?

Мојот личен став го кажав и во претходната колумна: веројатно подобра проценка ќе се направеше ако наместо жолто, беше истакнато црвено знаме, а со тоа трката ќе беше прекината за во рестартот сите да тргнат со исти шанси и иста стратегија, без коцкање со среќата. За жал, Мајкл Маси е само чифт години на оваа позиција, откако го замени легендарниот Чарли Вајтинг, технички делегат на ФИА и долгогодишен директор на трките. Не верувам дека кој било возач, вклучувајќи го и Луис Хамилтон, ќе имаше некаква шанса ако на спротивната страна беше авторитетниот Вајтинг. Во случајов, Маси нема таков углед, а одлуката на ФИА може да доведе до големи натамошни реакции, па дури и најавеното повлекување на Луис Хамилтон од Формула 1. Едноставно, Мохамед бин Сулајем уште на самиот почеток од својот мандат се соочува со голем тест, во кој што треба да го зачува интегритетот на федерацијата како владејачко тело и компетентноста на својот персонал да раководи со светското првенство.

Што се однесува до Луис Хамилтон, лично сметам дека во секоја своја акција се внесува 100%, па така е и сега. И во дуелите со Алонсо го критикуваше Мекларен и Рон Денис за различните стратегии кога се бранеа тимски интереси, а во 2016 година кога ја загуби титулата од Розберг посочи со прст кон Мерцедес како единствен виновник. Во борбата против расизмот доби голема поддршка од организаторите на Формула 1, како и од ФИА, која што ја вклучи церемонијата за анти-расизам на старот од големиот спектакл. Тој не би бил седумкратен светски првак, да не беше голем борец. Прашањето кое се наметнува е дека е дискутабилно дали е доволно созреан да ги поднесе поразите?

И неговиот идол, Аиртон Сена, имаше дуел со ФИА и претседателот Жан Мари Балестре кој беше обвинет дека ја дели правдата со наклоност кон сонародникот Ален Прост, но никогаш не го постави ултиматумот „тој или јас“. При своето неодамнешно повлекување, и легендата на мото трките, Валентино Роси, изјави дека имало ситуации во кои бил наместен да изгуби титула светски шампион, со што јасно алудираше на дуелот со Маркез, за кој беше казнет во 2015 година. Хамилтон, чинам ризикува да оди предалеку а со тоа да добие негативен прекар како „плачко“ – што не прилега на еден таков борец и многукратен шампион.

 

Александар Табаковски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.