Колумна своерачно-КРИСТАЛНА КУГЛА

06/09/2023

НЕ ТРЕБА ДА СЕ ИМА КРИСТАЛНА КУГЛА ЗА ГЛЕДАЊЕ ВО ИДНИНАТА ЗА ДА СЕ ПРЕДВИДАТ НЕКОИ ПОМЕСТУВАЊА НА СВЕТСКАТА СПОРТСКА СЦЕНА

 

Ова лето помина во знак на трансферите на фудбалскиот пазар каде што најголемите трансфери се случија надвор од Европа. Лео Меси потпиша за Интер Мајами, додека пред него Кристијано Роналдо ја отвори вратата за големите трансфери на Блискиот Исток. Тие двајцата се несомнено најголемите спортски икони на почетокот од 21 век и сосема нормално, откако тие ја обелоденија својата иднина, се случија уште дузина трансфери во кои фудбалерите се збогуваа со европските клубови и се упатија кон Саудиска Арабија или САД. Пораката е едноставна: Европа беше презаситена од квалитетот, постоеја десетина големи клубови кои диктираа услови и кои се обидоа дури и да формираат супер-лига. Новите трендови јасно укажуваат дека со зголемување на популацијата на Блискиот Исток (бројот на имигранти кои живеат таму се зголемил за повеќе од два пати во периодот 2005-2015, од 25 на 54 милиони луѓе), па нормално е дека овие земји сега ги „шират“ своите бизниси. Кога се зголемува популацијата, особено на работно способното население, секако дека тоа значи и создавање услови истата да се задржи: оние кои биле навикнати да гледаат квалитетен фудбал во своите татковини, сега ќе ја имаат таа можност и во земјата каде што престојуваат. Дополнително, некогаш овие клубови егзистирале со мали апетити за пробив на меѓународната сцена, а сега веќе ги таргетираат титулите во Азиската лига на шампиони, а тоа ги отвора и интересите за бизнис, продажба на влезници, продажба на ТВ права и така во низа…

Но, би било погрешно да не се запрашаме што може да се случи во светот на трките? Веќе имаме ситуација каде што Катар, Бахреин и Абу Даби имаат свои автодроми, а дополнително и Дубаи има своја патека, додека во Саудиска Арабија трките од Формула 1 се возат да градска патека. За 2023 година беше најавено враќањето на ТЦР серијата на Блискиот Исток, но ис- тата беше поместена за 2024, со цел да се прилагодат на новите трендови кои доведоа до реструктуирање на светската серија. Со други зборови, веќе ќе биде формирано посебно првенство за туринг трките кое треба да привлече и возачи и спонзори во овој регион. Финалето на светската серија во 2022 година се возеше токму во Саудиска Арабија…

Кога ќе се присетам дека со појавата на ГП2 серијата на меѓународната сцена се промовираа и спринт-трките некаде по 2000 година, никој не веруваше дека таквиот формат може да го видиме и во Формула 1. Денеска спринт трките станаа дел од некои Ф1 настани, додека во Мото ГП се возат пред секоја трка.

Сакам да укажам дека богатите шеици на Блискиот Исток не инвестирале по 300 милиони долари во изградба на автодроми за една трка годишно. Веќе видовме дека инвестицискиот фонд Мубадала од Дубаи беше инволвиран во тесна соработка со Ферари, како и дека владеачкото семејство на Бахреин станаа акционери во Мекларен. Дали тоа можеби ќе значи формирање на некое регионално натпреварување, потполно нова серија или некаква друга насока, сега е тешко да се каже прецизно, но околностите укажуваат дека спортскиот бизнис се сели надвор од Европа во потрага по нови дестинации, нова публика и нови херои.

Во моментов, не постојат ресурси за на овие локации да се формираат фабрики кои ќе располагаат со едуциран кадар кој би бил компетитивен и на светскиот пазар. Но, процесот е започнат, затоа што се инвестира и во образованието, па еден ден ќе има и едуцирани инженери и механичари, колку и да изгледа далеку од денешен аспект. Како и секоја друга работа, додека има луѓе и публика, јавен интерес, ќе има и приватници кои ќе сакаат да заработат приредувајќи трки и продавајќи влезници и ТВ права. Процесот е започнат, а каде и како ќе за- врши, засега можеме да нагаѓаме…

 

Александар Табаковски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.