КОЛУМНА СВОЕРАЧНО-ИДНИНАТА НА МЕРЦЕДЕС

28/02/2020

ВО ПРИЛОГ НА ПРОДАЖБА НА ТИМОТ ОДИ МОМЕНТОТ ДЕКА СЕГА НЕГОВАТА ЦЕНА ЌЕ БИДЕ НАЈВИСОКА КАКО АКТУЕЛЕН ШАМПИОН.

 

Гласините дека тимот на Мерцедес во Формула 1 е на продажба ја загреваат атмосферата во јавноста во пресрет на продолжувањето на договорот меѓу организаторите и учесниците во светското првенство што треба да се случи во 2021 година. Факт е дека при промената на правилата во 2014 година, тие со воведувањето на турбо моторите направија револуција и со потполна доминација ги собраа сите награди во овие шест сезони, без оглед дали во поединечна или во екипна конкуренција.

Со исклучок на 2016 година кога Нико Розберг ја освои титулата, Луис Хамилтон во другите пет сезони стана светски првак кај возачите, додека екипно никој не им се доближи на „сребрените стрели“ за да ги предизвика на директен дуел за тронот.

Промената на правилата во 2021 година ќе значи своевидно упростување на аеродинамиката, со цел тимовите да не трошат огромни средства во технологии кои не им се достапни на посиромашните екипи, па да стекнуваат недостижна предност низ лабораториите и воздушните тунели. Дополнително, ќе биде направен исчекор за воведување релевант- ни производи во спортот, па така ќе дебитираат нископрофилните пневматици со дијаметар од 18 инчи. Сето ова треба да го подобри шоуто, за гледачите да имаат можност да следат возбудливи трки во кои нема да има огромни разлики меѓу екипите, а трошоците за стекнување перформанси ќе бидат под контрола. На крајот од денот, се очекуваат повеќе различни победници во трките, како и понеизвесна борба за титулата. Но, целиот медиумски свет бруи дека Мерцедес не сака да остане во таква средина со свој тим. Она што најчесто се пласира е дека германската фабрика ќе си замине од Формула 1 и ќе се посвети на Формула Е, но дури и да има таква намера, тоа не е пресудно. Гласините се инспирирани од фактот дека тимот нема договор со возачите за од 2021 година, а факт е дека ривалите веќе ги потврдија своите пилоти на долг рок, Ферстапен потпиша нов договор со Ред Бул, а Леклер со Ферари. Наспроти ова, Хамилтон и Ботас се слободни на крајот од годината.

Во прилог на продажба на тимот оди моментот дека сега неговата цена ќе биде највисока како актуелен шампион. Со новите правила, таа позиција може да биде повлијателна и потенцијалните купувачи да се дистанцираат од зделката ако видат натамошна потреба за инвестиции. Без оглед дали купувачот е веќе најден или не, како што се сугерира со други шпекулации, Мерцедес очигледно чувствува дека ја докажа својата поента со враќањето во трките и со освојувањето на сите титули. Сè до 1995 година, компанијата имаше четири децениски мораториум на спортските активности поради фамозниот инцидент на Ле Ман, кога излетан автомобил усмртил повеќе десетици луѓе во публиката. Тие се вратија како снабдувачи на мотори со Заубер и Мекларен, а во 2010 година ја преземаа екипата Браун ГП и продолжија како конструктори.

Од друга страна, веќе постои договор за снабдување со мотори, при што Мекларен се враќа на старите патеки од 2021 година, со погон обезбеден од германската фабрика. Тоа значи дека тие остануваат со сигурност во делот на снабдување на мотори, што беше видено во минатото кога на пример Хонда се повлече, но продаваше мотори под брендот „Муген – Хонда“, а исто така, и Рено кој по светските титули со Хил и Вилнев во 1996 и 1997 година си замина од Формула 1, но продаваше мотори како „Мекахром“. Тоа неминовно води до заклучок дека ако се продава тимот, не се продава фабриката за моторите, напротив таа ќе носи профит со продажба на агрегати на заинтересираните приватни тимови како Вилијамс, Форс Индија, Мекларен и други. Впрочем, правилата за моторите најмалку се под влијание за промена при потпишување на новиот договор.

Доделувањето на статус на светско првенство на Формула Е секако го разгоре интересот на Мерцедес, пред сè бидејќи таму се и нивните други конкуренти како Ауди и БМВ, кои ја користат оваа подвижна лабораторија за да тестираат нови технологии за возилата од идната генерација. Но, неминовно тоа нема да значи комплетно откажување од Формула 1. Веројатно само моменталниот интерес ќе даде предимство на тој проект. Ако знаеме дека новите болиди и конструкции се градат од септември натаму, очекувам дека пред летната пауза во Формула 1 ќе ги имаме на располагање сите детали за иднината на „сребрените стрели“, вклучувајќи ги и нивните возачки шампиони.

 

Александар Табаковски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.