ОЧЕКУВАМ МНОГУ СКОРО ДА ПРОРАБОТИ СПОРТСКИОТ ИНСТИНКТ И КАЈ ОНИЕ КОИ ЈА ЦЕНАТ ЕЛЕКТРОМОБИЛНОСТА ПРЕД КОНВЕНЦИОНАЛНИТЕ РЕШЕНИЈА, ПА ДА ВИДИМЕ ТРКИ СО ЕЛЕКТРИЧНИ МОПЕДИ И СКУТЕРИ, А НАСКОРО И СО КАРТИНЗИ И ПРВИТЕ ЕЛЕКТРИЧНИ АВТОМОБИЛИ. МОРА НАВРЕМЕ ДА СЕ РАЗМИСЛУВА И ЗА СПОСОБНОСТА НА НАЦИОНАЛНИТЕ ФЕДЕРАЦИИ КОИ СЕГА ПОСТОЈАТ, ДАЛИ И КОЛКУ СЕ ВО МОЖНОСТ ДА ГИ РЕГУЛИРААТ ВАКВИТЕ ТРКИТЕ, ИЛИ И ТИЕ ТРЕБА ДА СЕ ПРЕСТРОЈАТ, ИЛИ, ПАК, СПЕЦИЈАЛИЗИРААТ ЗА ПОСЕБНИ КАТЕГОРИИ?
Новиот бран на правила кои го „запоседнаа“ авто мото спортот неодминливо го вклучуваат електричното напојување како примарен или секундарен извор на движечка енергија. На тврдокорните љубители на брзините тоа не им се допаѓа, бидејќи спектаклот повеќе не е ист: човекот своите судови за одредени нешта ги дава преку осознавање со сетилата, а во овој случај таквите чувства се осиромашени за емоции кои произлегувале од звукот, сировата механика или обожување на култот на техниката вткаена во моторите со внатрешно согорување.
Имајќи предвид колку се проширила идеата за електрификација на спортот преку воведување на Формула Е, потоа планирање на Мото Е класа во шампионатот на две тркала, станува јасно дека овој процес е незапирлив, иако не е по мерка на секого. Трките од овие првенства можеби сè уште ги нема на телевизија, но веројатно не е далеку ни тој ден кога и таму ќе го преземат приматот. Во прво време – не од што се поинтересни, туку од тоа што се поевтини. Формула 1 и Мото ГП одамна се пренесуваат на ТВ, но цените за нивно емитување од година во година растат и полека ги селат овие преноси на телевизиите со претплата.
Би рекол дека единствена дилема е дали да се продолжи и натаму да се бара спој на двете работи или тие комплетно да се поделат, доколку е тоа можно. Од друга страна, никој не може да гарантира дека на новите генерации ќе им се допаѓа старата механичка технологија и дека ќе ја фаворизирааат пред модерната и воедно најсофистицирана. Едноставно, од Тесла наваму, сè повеќе луѓе се опчинети од електрицитетот и од неговите можности, додека фосилните горива кои ја загадуваат планетата и се во сопственост на мал број земји се сметаат за ретроградни и некомпатибилни со иднината. Своевремено, читавме и гледавме за автомобили со погон на енергија добиена од сонцето, но таа технологија сè уште е скапа за да се симне на најниско корисничко ниво.
Овој век веројатно е осуден да ја понесе транзицијата меѓу двете ери, и тоа е веќе лесно воочливо, по сè претходно напишано. Но, дали сме и ние подготвени за тоа?
Ако сме искрени, во државава едвај заживеаја вистинските професионални трки, а преставници на европската сцена имаме помалку отколку што имаме прсти на една рака. Причините за тоа се и субјективни, но и објективни имајќи предвид дека малечок пазар како нашиот не е најатрактивен за големите компании чии реклами „ги вртат тркалата“. Сè уште нема знаци дека технологијата ќе поевтини со овие нови трендови, но отвора нови простори за нови натпреварувања.
Очекувам многу скоро да проработи спортскиот инстинкт и кај оние кои ја ценат електромобилноста пред конвенционалните решенија, па да видиме трки со електрични мопеди и скутери, а наскоро и со картинзи и првите електрични автомобили. Спортот и трките како такви, претставуваат подвижна лабораторија за големите компании кои се заинтересирани да ја унапредуваат технологијата и да ги подобрат перформансите и корисничките искуства. Оттука, мора на време да се размислува и за способноста на националните федерации кои сега постојат, дали и колку се во можност да ги регулираат ваквите трките, или и тие треба да се престројат, или, пак, специјализираат за посебни категории? Иднината е – веднаш зад аголот… •