Колумна своерачно-„ФИРМА КРСТИЌ“

25/06/2021

КАКО ШТО ТОА СВОЕВРЕМЕНО БЕШЕ ЕКРАНИЗИРАНО НИЗ ФИЛМОТ „КОЈ ТОА ТАМУ ПЕЕ“, ПРИВАТНАТА СОПСТВЕНОСТ Е НЕПРИКОСНОВЕНА, БЕЗ ОГЛЕД ДАЛИ САКАТЕ ДА СЕ ВОЗИТЕ ВО АВТОБУС КАДЕ ШТО ЌЕ МОРАТЕ ДА ПЛАТИТЕ БИЛЕТ СПОРЕД ЦЕНАТА ШТО ЌЕ ВИ ЈА ОДРЕДИ КОНДУКТЕРОТ, ИЛИ ЌЕ МОРА ДА ПЛАТИТЕ ПАТАРИНА АКО САКАТЕ ДА ПОМИНЕТЕ ПРЕКУ ПРИВАТНО ЗЕМЈИШТЕ.

 

Сè помалку натпреварувања се возат „под закрила“ на ФИА, а сè повеќе се отвораат нови приватни тркачки серии. Приватната иницијатива и слободниот пазар се основните начела на системот во кој живееме, со што инвестициите во спортот доаѓаат повеќе како бизнис идеи отколку за развивање на самиот спорт. Така на пример, откако ФИА престана да го организира своето првенство за туринг возила за Европа во 2017 година (додека таму настапуваше Игор Стефановски Иџе), не постои таканаречено „Европско првенство“ кое е санкционирано од ФИА. На светско ниво, ФИА постигна согласност ТЦР хомологацијата да биде основа за нивниот правилник за светско првенство, за што федерацијата постигна договор со носителот на идејата Марчело Лоти.

Од друга страна, сериите како ТЦР Европа не се санкционирани од ФИА, ниту, пак, државните првенства како ТЦР Италија или ТЦР Германија. Со ова се дава голема власт на локалните организатори, а тоа во пракса видовме дека значи незадоволство од правдата која се дели.

Возилото на Игор Стефановски беше во два наврати оштетено во трките на ТЦР Италија, при што на стартот од сезоната во трката на Монца беше удрен одзади од чешкиот возач Душан Курил (втора трка од првиот гран при викенд). Возилото беше сериозно оштетено и беа променeти моторот и менувачот, двете најскапи компоненти. Иако Стефановски во тој инцидент не беше осуден за предизвикување на судар (а и немаше таква можност, бидејќи беше удрен од зади), имаше опција да биде казнет само другиот возач, но тоа не се случи. На следниот гран при викенд, во првата од двете трки, Стефановски се врати во автомобилот и се квалификуваше пред шампионот и победник на првите две трки Салваторе Тавано. Но, повторно беше елиминиран поради судар со Дамјано Редуци. Ударот беше страничен, но силен, по што се постави прашањето каде ли ќе завршеше Редуци да не беше туку возилото на Стефановски за тој да може да се подзапре?

Според изјавите дадени од Стефановски преку социјалните мрежи, тој разговарал со директорот на трката, но не увидел дека имаат идентични погледи на нештата. Според мене, тоа е главната разлика меѓу приватна серија и серија која што е администрирана од ФИА: идентични правила за сите без простор за сопствено убедување.

Според моето сеќавање, слично помина Стефановски и во настапот на ТЦР Европа во 2018 година, а неговиот тогашен инженер Мирослав Растовиќ обвинуваше дека тоа повеќе не е спорт во кој победува најбрзиот, туку повеќе наликува на „креш-рели“. Оттука, не ме изненадува уште и на македонскиот пилот да му извадат „прекар“ дека тој е оној што ја мати водата, иако најчесто е оштетен од таквите игри. Неговите резултати се постојано меѓу првите пет или десет, а тоа јасно го позиционира во борба за бодови, пред конкуренцијата која што отскокнува со подобар буџет. А во трките, не победува најбрзиот, туку оној кој има буџет да ги „закрпи“ раните и да го подготви возилото за следната трка, бидејќи ако седи со скрстени раце, ќе ги изгуби бодовите што би можел да ги освои возејќи.

Приватно првенство и приватни правила не се нешто за што треба да се мечтае, но правдата не треба да биде попречена. За жал, тоа се случува, и оние на кои им смета македонски возач да ги „пегла“ на нивен терен, пред нивната публика и нивните спознори, за жал посегнуваат по такви неспортски потези. Искрено се надевам дека или самите носители на лиценцата за ТЦР ќе се свестат дека тоа не е во ред, или Стефановски ќе смогне сили да се натпреварува во друго првенство кое ќе има многу пофер судење од ова видено во Италија.

 

Александар Табаковски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.