СИГУРЕН СУМ ДЕКА РАЗОЧАРАНИ ЌЕ ИМА ВО ДВЕТЕ СЦЕНАРИЈА, НО НЕ СУМ СИГУРЕН ДАЛИ НА КРАЈОТ ЌЕ ИМА ДОВОЛНО РАДОСНИ ЛИЦА И ШАМПИОН НА КОЈ „НИКОЈ НЕМА ДА СМЕЕ ДА МУ ПИСНЕ“!
Сите спортски првенства беа погодени од глобалната криза со појавата на коронавирусот, а застојот од март до јуни направи во повеќе спортови да биде невозможно да се доиграат започнатите сезони. Тоа најмногу ги погоди спортовите кои се играат во сала, па така, ракометните и кошаркарските првенства останаа без официјални завршници, без прогласени шампиони.
Не им е лесно ниту на спортовите кои се на отворено. Распоредот на активности налага едната сезона да заврши до одреден рок, за да може да почне нова. Фудбалските првенства низ Европа добија препораки од својата матична федерација до крајот на јули да завршат со сите активности поврзани со проблематичната сезона 2019/2020, како би можело сезоната 2020/2021 да започне со ред во август оваа година.
Но, кога станува збор за авто мото спортовите кои се возат во една календарска година, вообичаено во периодот март – ноември, настанува голема мешаница со губењето на периодот март-јуни, бидејќи тие четири месеци се всушност – пола сезона! Импликации има на сите полиња, па така, додека за едни проблем е валидноста и легалитетот на така организираната сезона (споредена со претходните), за други е проблем како да се справат со буџетот бидејќи спонзорите требало да добијат кампања што трае 10 месеци, а сега сè треба да заврши – за 5 месеци!
Изјавата на извршниот директор на Формула 1, Чејс Кери, посветена на тоа како би изгледала оваа проблематична сезона, не случајно на крајот содржеше и забелешка „доколку ја има“. Во отсуство на официјални информации, се дознава дека се заговараат 15 до 18 трки, при што можно е три од нив да бидат „двојни“. Отсуството на публиката е исто така елемент кој не може да се прескокне. Секоја земја што плаќа концесија од апроксимативни 30 милиони долари за да биде домаќин на една Ф1 трка, се надева дека со таквиот трошок ќе го стимулира туризмот и економијата во дадениот регион. Дополнително, нема гаранции дека дури и да се дозволи публика, луѓето ќе поитаат на трибините.
Она што е најстрашно, според мене е неизвесноста дека дури и да започне една сезона со сите усилби, повторно е можно да нема достоинствен крај, доколку со заладувањето на времето по октомври се влоши ситуацијата со пандемијата за која се чека вакцината. Неофицијално, во календарот од 5 јули до 27 септември се предвидени трки низ Европа кои би требало да започат во Австрија и Англија, а да завршат во Азербејџан и Русија. Во октомври се планирани три трки во Кина, Јапонија и САД, додека во ноември би имало уште три во Мексико, Бразил и Виетнам. Доколку ситуацијата дозволи, последни ќе бидат трките на Блискиот Исток, во Бахреин и Абу Даби, кои би требало да бидат во првите два викенда од декември!