КИПАР Е ОСТРОВ НА НЕСПОРЕДЛИВА ПРИРОДНА УБАВИНА, ИСТОРИСКИ СПОМЕНИЦИ, ПРЕКРАСНИ ПЕСОЧНИ ПЛАЖИ И КРИСТАЛНО ЧИСТО МЕДИТЕРАНСКО МОРЕ, НО И НА ВОЛШЕБНА КОМБИНАЦИЈА ОД РОМАНСА И РЕЛАКСАЦИЈА ВО ПРЕКРАСЕН АМБИЕНТ. ОВА Е ОСТРОВ НА УБАВИНАТА И ЗЕМЈА НА КОНТРАСТИТЕ. СОНЧЕВИТЕ ПЛАЖИ, КОСМОПОЛИТСКИТЕ ГРАДОВИ И ЛУКСУЗНИТЕ ХОТЕЛИ СЕ СМЕСТЕНИ МЕЃУ ПЛАНИНИТЕ ПОКРИЕНИ СО БОР И ЖИВОПИСНИТЕ ПЛАНИНСКИ СЕЛА.
Кипар, сместен меѓу Европа, Азија и Африка, е една од најпопуларните туристички дестинации на Средоземното Море. Оние што го посетиле, го опишуваат како остров на љубовта и место каде што секогаш повторно се враќаат. Исклучителниот број сончеви денови во годината, дури 340, го прават идеална дестинација за одмор, дури и во зима, а истовремено и совршено место за живеење.
Кипар е посебен и поинаков и поради неговата историја стара 10.000 години. На островот се преплетени многубројни митови, легенди, а големиот број археолошки наоѓалишта претставуваат мал приказ на неговото бурно и богато минато.
Животот на Кипар е смирен, без мешаница и брзање. Кипраните, главно, секој разговор го почнуваат со зборовите „сига“, што значи полека, без хаос и брзање, со огромна количина позитивна енергија што може да се почувствува на секој чекор. Својата независност ја добил во 1960 година, по 82-годишното британско владеење што оставило големо влијание врз начинот на живеење (сѐ уште се вози на левата страна). Постојат четири града: Ларнака, Пафос, Лимасол и Никозија. Главен град на грчкиот и турскиот дел на Кипар е Никозија.
ЛАРНАКА
Ларнака, еден од најстарите градови на Кипар, се карактеризира со чисти плажи, кристално сино море, пристаниште во кое влегуваат луксузни јахти, богат ноќен живот и голем број фестивали. Градот е најпознат по километарското шеталиште со палми Финикудес, покрај кое се наоѓа и прекрасна песочна плажа. Тука е и тврдината од 14 век, која одредено време подоцна се користела како затвор, а сега е седиште на музејот.
На самиот крај на Финикудес, десно од тврдината, се наоѓа можеби најпознатата зграда во Ларнака, црквата „Свети Лазар“, посветена на Лазар од Витанија, кој откако во Новиот завет го воскреснал Исус од мртвите, дошол на Кипар, каде што живеел повеќе од 30 години. Историски гледано, ова е најголемата привлечност на Ларнака, а внатрешноста на црквата е навистина неверојатна. Исто така, задолжително треба да се посети и џамијата Хала султан Теке, која е лоцирана на 4 километри од центарот на Ларнака.
Кога ќе ја поминете тврдината, влегувате во огромната улица „Пиале Паса“ (шеталиштето покрај морето), која води до популарната плажа Мекензи, каде што ќе најдете многу кафулиња и ресторани до морето.
Спроти плажата Мекензи има друга атракција – Солт Лејк (Солено Езеро), каде што во февруари и во декември може да се видат розовите фламинга (повеќе од 10.000) кои тука нашле свое живеалиште во текот на зимата. Во ноември Солт Лејк почнува да се полни со вода (во лето пресушува), така што Кипар станува живеалиште за различни видови миграторни птици. Илјадници птици живеат во Солт Лејк, Ларнака и во Лимасол и остануваат тука до март.
Ларнака е еден од поевтините градови на Кипар, понекогаш со цени двојно пониски отколку во Аја Напа. Препорачливо е токму тука да купувате сувенири. За оние што се заинтересирани за квалитетен шопинг во Ларнака, тука е улицата „Ерму“ со многу бутици и кафулиња.
За многумина од нас прва асоцијација за Кипар би биле морето и плажите. Малкумина знаат дека целиот централен дел на островот е составен од планинскиот масив Тродос, чиј највисок врв е Олимп со надморска височина од 1.950 метри, со ски-центар и живописни села на планината и во подножјето. Всушност, додека сте на Кипар може да уживате и во скијање.
На Тродос има многу византиски цркви и манастири. Во 1985 година девет од нив УНЕСКО ги прогласи за дел од културното наследство, а кога ќе го посетите ова место ќе дознаете зошто. Секоја година на патиштата околу Тродос се одржува натпреварот Рели Кипар, како дел од Светскиот шампионат во рели.
Посетете го манастирот „Кијкос“ кој се наоѓа во близина. Основан е од императорот Алексиј Први Комнен, а од првичниот манастир денес е останата само иконата на Дева Марија, за која се вели дека има прекрасни сили.
НИКОЗИЈА, ГРАД НА РАЗЛИЧНОСТИ
Никозија, во античкиот свет познат како Ледра, веројатно е најчудната европска престолнина. Поделен е со таканаречената зелена линија, односно демилитаризирана зона на ООН. Иако се наоѓа на брегот, тој не е толку популарен кај туристите. Античкото јадро на Лаики Цитони (што на грчки јазик значи добро соседство) е опкружено со венецијански sидови од 16 век. Малите улички со калдрма по кои треба да се прошетате за да дојдете до многуте музеи, продавници и таверни ве враќаат во античко време.
Како да се објасни фактот дека во место со 130.000 жители има граница и пасошка контрола, дека двата града се поделени во две временски зони затоа што во турскиот дел неодамна решиле да ги придвижат стрелките на часовникот еден час понапред, како што е во Турција. Главната улица „Ледра“ (старото име Никозија) е неизбежна пешачка зона, полна со бутици, кафулиња и ресторани каде што се наоѓа и границата, т.н. зелена линија на разделување меѓу грчкиот и турскиот Кипар. Љубителите на историјата на уметноста можат да уживаат во Археолошкиот музеј и во Музејот на византиски икони и фрески. Посетете ги катедралата „Свети Јован“ и „Фанаромени“, која се наоѓа на границата, како и статуата на независност на Кипар.
Најинтересно за грчкиот дел е „Лаики Гетонија“ (Добри соседи), со многу продавници, ателиери, кафулиња, скриени во тесните улици. Обновен е поголем дел од старите куќи, а во стариот град се наоѓаат и Етнографскиот музеј, Големиот дворец на архиепископот Макариј III, прв и доживотен претседател на Републиката. Таму е и портата Фамагуста, која некогаш се користела за влегување во градот, а денес во неа се одржуваат изложби, предавања и концерти.
За да преминете од грчкиот во турскиот дел на Кипар, потребен ви е пасош што им го покажувате на царинските органи на границата. Штом ќе стапнете на турскиот Кипар, ќе почувствувате дека сте влегле во еден поинаков свет, што нема да им биде туѓо на оние што го посетиле Истанбул.
Во турскиот дел ќе ве импресионира Бујук Хан, најдобриот зачуван примерок на караван сарајската архитектура, изградена во 1572 година од тогашниот гувернер Лал Мустафа-паша. Сепак, со текот на годините местото претрпело големи штети и било реновирано во 1990 година. Во дворот на Хан има неколку кафулиња, како и голем број работилници каде што локалното население изработува традиционални предмети и сувенири.
КИРЕНИЈА И ФАМАГУСТА
Најживописен град на островот, кој со векови бил опсесија на многу владетели. Место полно со бои, историски споменици и, според некои, најдобри плажи на целиот остров. Целиот град потсетува на мал музеј, почнувајќи од делот околу старото пристаниште и Кале Сокак до византиската тврдина, од каде што има неверојатен поглед на целиот град. Токму оваа тврдина е еден од најпрепознатливите симболи на островот, во која низ историјата се менувале Византијците, крстоносците, Турците и Британците.
Само на 80 километри се наоѓа Фамагуста, тивок и луксузен регион, кој се протега на најубавата плажа на целиот остров Кипар, со голем број хотели со стандардни турски туристички хотели.
Градот го красат sидовите со кулата Отело, готската катедрала „Св. Никола“ од 13 век што е претворена во џамија. Тесните улички со калдрма водат кон кулата. На уличките има голем број продавници во кои може да се купи текстил, злато, кожа и разни керамички производи, а покрај морето има ресторани што нудат комбинација од грчко-турска кујна.
АЈА НАПА, КИПАРСКА ИБИЦА
Поранешното мало рибарско село Аја Напа денес е најпопуларно летно одморалиште на Кипар, туристичка дестинација број еден на островот, со многу луксузни хотели, станови, барови и клубови, каде што се собираат помладите генерации, желни за луда забава. Иако овој мал град е познат првенствено по ноќниот живот, многумина ќе се согласат дека ги има и најубавите плажи на островот: Ниси, Пантаху, Ланда. Плажата Ниси може да ги исполни барањата и на најпребирливите. Чисто море, мек и бел песок. Речиси изгледа како да сте на Кариби. Покрај многубројните клубови и кафулиња, во Аја Напа се наоѓаат и античките гробници Макронисос, како и заливот на Кепе Греко, за кој се верува дека е дом на опасното митско чудовиште Аја Напа.
Кипар, генерално, е земја со најчисти плажи во Европа, а дури 64 можат да пофалат со сино знаме. На околу 500 м пред плажата Ниси (во правец на Ларнака) се наоѓа и прекрасната плажа Ланда, а пред неа големиот и малиот Макронисос.
КАПА ГРЕКО
Природниот феномен Капа Греко (Cavo Greco), национален парк, залив и источна точка на грчки Кипар, се наоѓа на половина пат меѓу Аја Напа и Протарас. Без конкуренција, ова место има најубава природа на целиот остров. Кејп Греко дефинитивно не треба да го пропуштите. Неверојатна тиркизна вода, карпи со различни форми и можеби најдобриот поглед што некогаш ќе го видите, ќе ве натера веднаш да се заљубите во оваа мала оаза на мир.
Неизбежен за посета е и Камел Парк, кој се наоѓа на 20 км од Ларнака, во градот Мазотос. Паркот е отворен во 1998 година. Во минатото, на Кипар камилите се користеле за превоз, а денес овие прекрасни животни може да се најдат само во паркот. Камил Парк е одлично место за уживање во возење на камили, а има и игралиште за деца, ресторан и базен.
ДОМОТ НА АФРОДИТА
Пафос, иако според површината е помал од Никозија и од Лимасол, доживува голем напредок во последните години и сега е еден од најатрактивните градови на островот. Започнете ја својата прошетка од прекрасниот Археолошки парк Като Пафос, каде што се сместени Гробот на кралевите и голем број неверојатни мозаици, црквата „Свети Павле“, средновековната тврдина, Археолошкиот музеј… а завршете ја во познатата слаткарница „Џеламо“. Од сите места на Кипар, како што велат, Пафос има најдобра клима. Зимите се умерени и благи, а летата не се премногу топли.
Ако барате тивок одмор во кој може да си организирате интересни патувања, тогаш Лимасол е вистинскиот град за вас. Сместен е меѓу двата антички града Амаут и Курион Лимасл, навистина е идеално место за уживање. На неговиот брег се лоцирани луксузни хотели и туристички населби со големи шопинг-центри. Доколку барате авантура, ќе се воодушевите од големиот број антички остатоци во неговата околина.
Остатоците од стариот град Курион се една од најважните атракции на Кипар. Во близина се наоѓаат и остатоците од светилиштето на Аполо, замокот Лимасол, каде што кралот Ричард од Англија се оженил со Беренгарија од Навара во 12 век, а замокот Колоси го подигнале крстоносците во 15 век.
ОСТРОВ НА МИРИС И ВКУСНА ХРАНА
Кипарската кујна е многу вкусна. Тоа е комбинација од грчката и турската кујна. Кипраните велат дека тајната е во состојките – зеленчук и овошје што растат во земјата на љубовта, 340 дена во годината изложени на сонце. Кравите, овците и козите даваат млеко со посебен вкус, така што никој друг не може да го направи сирењето халуми. Се прави од козјо, овчо и кравјо млеко на посебен начин и најчесто се јаде многу малку печено на скара. Најзастапени се јадењата од риба и морски плодови со многу зеленчук, свежи зачини и маслиново масло.
Познати јадења на кипарската кујна се и суфлаки, лоунза (маринирано месо), калефтико (јагнешко со зеленчук печено во керамички сад), а од пијалаците „командариа“ (вино/ликер) и ликерот „филфар“. Што се однесува до слатките, тука е најочигледно турското влијание. Баклава, тулумби и други парени колачи има на секој агол, рамо до рамо со англиските колачи со сирење и овошен јогурт.