ДЕТАЛНАТА ПРОВЕРКА НА АВТОМОБИЛОТ ТРЕБА ДА СЕ ВРШИ ДВА ПАТИ ВО ГОДИНАТА, ЕДНАШ НА ПРОЛЕТ И ЕДНАШ НА ЕСЕН. АВТОМОБИЛОТ Е „РАЗГАЛЕНОТО ДЕТЕ“ НА СЕКОЕ СЕМЕЈСТВО, ТАКА ШТО АКО НЕ ГО ПРОВЕРУВАТЕ И СЕРВИСИРАТЕ РЕДОВНО, ЌЕ НАПРАВИ НЕКОЈА БЕЉА. ЗАТОА ВНИМАВАЈТЕ И СЛЕДЕТЕ ГИ СОВЕТИТЕ.
Настапи топлиот период од годината и некако патувањата ни се зачестени, а и летните одмори наближуваат, затоа автомобилите треба да ни бидат во исправна, возна состојба.
• Прво што треба да направите е детално миење на автомобилот. Преку зима на улиците и патиштата се фрла сол која се напластува на каросеријата. Сета таа сол, но и прашина мора да биде отстранета, затоа што солта го нагризува металот и за многу пати ја забрзува корозијата. Налепената прашина на каросеријата умее многу добро да ја чува влагата подолго време. И влагата негативно влијае врз автомобилите и препорачливо е по зимскиот период автомобилот да биде комплетно исчистен, посебно долниот дел од возилото, да не останат било какви траги од солта и најфината прашина. Моторот, исто така, да се измие со соодветно средство и потоа детално да се провери, најдобро да биде компјутерски проверен во сервис.
• Посебно внимание посветете му на патничкиот оддел, таму треба да се отстранат сите миризби и убаво ќе биде да се изврши длабинско чистење на седиштата на тапацирите, подот и сè друго што е внатре. На некој начин автомобилот ни е втор дом.
• Следно е менувањето на пневматиците. Зимските заменете ги со летните, потоа избалансирајте ги тркалата и проверете го предниот дел од возилото, да не влече на некоја страна или тресе, а штом тука некаде е и системот за управување и него проверете го. Зимските пневматици чувајте ги подалеку од сончева светлина и топлина, односно во просторија каде температурите не варираат толку како на отворено. Најчесто место се подрумите и визбите. На темно и не ставајте на нив тешки предмети, да не дојде до деформирање на пневматиците. Најдобро е да имате тркала и за летните и за зимските пневматици, бидејќи така најбрзо и најлесно ќе извршите замена. Внимавајте пневматиците да бидат прописно напумпани како што налага производителот на автомобилот. Колку атмосфери треба да бидат напумпани пишува на „визит картата“ која производителот ја има залепено на рамките од вратите или на внатрешниот раб од вратите.
• Откако сме завршиле со замената на пневматиците, сега додека сме кај тркалата потребна е проверка на си- стемот за сопирање заедно со нивото на течноста и целосна проверка на системот за управување. Следно за проверка е моторот и неговата работа. Проверката на специфичните нешта на автомобилот ќе ја направите во овластените сервиси.
• На крај од проверката останува светлосната групација. Таму внимавајте предните светла да бидат убаво центрирани за потоа да го фрлаат снопот од светлина на асфалтот како што треба, а не едниот фар да „мава“ на два метри пред автомобилот, а другиот некаде горе во облаци.
• И сега кога сте завршиле со проверката, на ред е школката и бојата на неа. Заштитата на бојата се врши со квалитетна паста за полирање. Тоа можете да го направите самите или во сервис. Ако одлучите вие да го полирате автомобилот тогаш измијте го надворшниот дел колку што можете подобро, потоа пребришете го со посебната крпа и полирањето може да започне, но никако на сонце. Најдобро време за полирање е кога надвор е облачно или доцна попладне кога сонцето е веќе на залез, но можете и рано наутро. Сега автомобилот е подготвен за возење и да не беше ова досадниов вирус, ќе беше уште поубаво, но останува да се надеваме на негово скорашно исчезнување, а потоа слободно и без оптеретувања ќе се „фрлиме“ на летните шеми без дилеми. Сето ова да се направи лично за вас, за вашата безбедност, но и за безбедноста на останатите учесници во сообраќајот. Не е препорачливо да тргнете некаде, а да не извршите проверка на автомобилот. Сè може да се случи. И најситен дефект може да ве остави некаде на пат. Затоа работата е да тргнете на пат без да размислувате дали нешто му фали на автомобилот. Почитувани возачи, среќен пат и убаво да поминете каде и да одите и не заборавајте да ги ставите сигурносните ремени – ова важи и за патниците од задните седишта.