СЕКОЈ ВОЗАЧ ПОСАКУВА ВО СВОЈАТА ГАРАЖА ДА ИМА ТЕРЕНСКО ВОЗИЛО СО КОЕ ЌЕ МОЖЕ ДА ПАТУВА ДО МЕСТА ШТО СЕ ДАЛЕКУ ОД АСФАЛТОТ. ПИОНЕР ВО ТАА КЛАСА ВОЗИЛА Е ЏИП, СОЗДАДЕН ЗА АРМИСКИ ПОТРЕБИ ВО 1941 ГОДИНА, А ПОДОЦНА ДОСТАПЕН ЗА СЕКОГО. ОТТОГАШ ПОМИНАА 80 ГОДИНИ.
Марката Џип го почнала своето патешествие на почетокот на Втората светска војна. Од една страна, тоа и не е добар почеток за една марка но, од друга страна, нарачувачот имал потреба од такво возило за воени потреби. Тогашната американска армија пратила повик до речиси сите производители на моторни возила, околу 130, за производство на посебно возило. Во повикот биле наведени правилата како да изгледа и колку да биде големо возилото.
Носивоста на возилото да биде околу 300 кг, меѓуоскиното растојание помало од 192 сантиметри, висина помала од 92 см, мотор способен да го задвижува со брзина од 5 до 80 км/ч, Rectangular-shaped body, погон на сите тркала и менувачка кутија со три брзини, предното стакло да се спушта, три седишта, фарови напред и назад и вкупна тежина помала од 620 килограми. На повикот се одзвале само две компании, Вилис и Бантам, но подоцна армијата добила позитивен одговор и од Форд.
Секој производител направил свое видување на возилото, но компанијата Бантам го направила за рекордни 49 дена. Возилата биле испорачани во летото 1940 година, а армиските експерти почнале со испитувања кон средината на есента. Возилата личеле едно на друго, најмногу во вкупната маса. Ниедно ја немало пропишаната тежина. Откако армиските експерти увиделе дека погрешиле, ги направиле потребните исправки и дозволиле возилата да бидат со поголема тежина. Тие побарале од производителите секој да произведе по 70 примероци и да ù ги предаде на армијата.
Во март 1941 година биле потпишани договори со компаниите да произведат по 1.500 примероци, односно Бантам да произведе 1.500 примероци од „модел 40 брц“, Форд да ги подобри особините на „гп пигмис“ и да произведе 1.500 примероци, како и Вилис со моделот „квад“. Во натамошните испитувања армискиот инженерски врв го назначил Вилис за прв производител на возилото, но не бил единствен и им бил отстапен простор и на Форд и на Бантам.
Во текот на испитувањата и подобрувањата на особините возилато добило прекар. На почетокот секој производител му дал име на чудното возило. Бантам го нарекол „модел 40 брц“, Вилис го именувал како „квад“, а Форд „модел гп“ (гп = џенерал прпз). При масовното производство возилото на Вилис во документацијата официјално било запишано како „вилис ма/мб“, но возилата од тој тип војската ги нарекувала „џип“ (Jeep). Можно е името да било некаква кованица од спелувањето на буквите „гп“ скратеница од „џенерал прпз“ – „џи пи“. Но и во зборовите „general purpose“ (GEnEral Purpose) прво се издвоени „GEEP“, а потоа „G“ е заменето со „Ј“ и сега е „Jeep“. Некои велат дека името произлегло од познатиот лик Еуген д Џип од стриповите на Попај и Олива. Сепак, нема цврсти докази за потеклото на името ниту е познато кој прв го изговорил „џип“.
Името „џип“ е запишано како трговска марка во 1943 година, а првото возило со името „џип“ е произведено во 1945 година. Да ги споменеме и дизајнерите Карл Пробс и Делмар Г. Рус. Според статистиката, во годините на создавањето „џип“ биле произведени 368.000 примероци од Вилис, а Форд по лиценца произвел 277.000 примероци.
ОДЛИЧЕН И ВО НЕПРИСТАПНИ ПРЕДЕЛИ
Постојаното подобрување на особините на возилото го направило да биде речиси неуништливо. Кога завршила војната, производителот, но и американската јавност се соочила со потреба од такво возило, посебно за превоз во руралните и непристапните предели. Можеби по војната производството било намалено, но никогаш не згаснало. Производителот и натаму работел на возилото и го испорачувал, но никогаш не било сменето народното име „џип“. Првите примероци произведени по војната биле познати како „џип цј – 2 а“, а се произведувале од 1945 до 1949 година и се разликувале од претходникот бидејќи добил дополнителна опрема. Постепено се зголемувала побарувачката, со тоа и производството, а како што минувало времето, така возилото добивало свои наследници, генерации. Втората (цивилна) генерација е позната под името „џипстер“, потоа следувала третата „цл – 3а“ што се произведувала од 1949 до 1953 година. Развојот на популарниот модел се одвивал успешно. Во текот на производството на четвртата генерација „цј – 3б“ (1953-1968) во 1953 година Хенри Ј. Кајсер го купил производителот Вилис за 60 милиони долари. Компанијата подготвила план за збогатување на програмата со возила. Во 1955 година новиот сопственик ја прикажал следната генерација „џип цј – 5“ (1955-1983). Добрите познавачи за овој модел велеле дека е најрафинираниот што дотогаш излегол од производните хали. Речиси сè било обновено и дотерано и јавноста покажала голем интерес за возилото и тоа било неочекувано за производителот. Моделот опстанал 28 години. Овој модел слободно може да се нарече претходник на сите денешни теренски возила, односно тие што се наменети за народот, а не за армиски цели. „Џип цј – 5“ масовно се купувал и се користел за прошетки во природата. Во автомобилската историја е забележано дека армиското возило „џип“ станало секојдневно возило, како за луѓето со авантуристички дух, така и за оние што живееле надвор од градските средини. „Џип сј – 5“, со погон на сите тркала, одлично се снаоѓал со сите предизвици надвор од асфалтот. Во меѓувреме, производителот го лансирал моделот „цј – 6“ со поголемо меѓуоскино растојание од 50 см. Биле направени повеќе зајакнувања на конструкцијата, со што возилото добило поголем товарен простор, како и можност за вградување на поголеми погонски единици – првпат бил вграден V6 мотор, а подоцна и V8. Флотата од теренски модели се збогатила и со караван изведби наречени „вагонер“. Се појавиле и изведбите камионети карактеристични по отворениот товарен простор.
Џип ја диктирал таканаречената теренска мода и во 1963 година го лансирал моделот „вагонер“, претходник на денешните СУВ возила. Потоа следувале моделите: „гладијатор“, „командо“, „чироки“, а се појавил и наследникот на 35 години стариот „цј – 5“, моделот „цј – 7“ што имал повеќе надворешни и внатрешни измени. Врз основа од овој модел конструиран е камионет со поголемо меѓуоскино растојание, наречен „цј – 8 скрамблер“. Биле произведени 30.000 примероци што сè уште се во возна состојба и од големо значење за колекционерите.
Можеби највпечатлив примерок на џип е моделот „чироки“, односно втората генерација што се произведувала од 1984 до 2001 година. Овој примерок имал најмногу изглед на џип од сите модели пред него и по него. Штета што неговиот првичен облик е премногу изменет и денешниот „чироки“ воопшто не потсетува на легендарниот дизајн. Инаку моделот „чироки“ првпат бил претставен во 1974 година.
Ако треба да се спомене некој од производителите што внел дополнителна новост во теренските возила (и претходниците на СУВ возилата), тогаш тоа повторно е џип. Обожавателите на теренските возила не можат да замислат нивното возило да има пет врати, туку само три. Џип им излегува во пресрет на таквите барања на клиентите, но за другите потенцијални купувачи има и изведба со пет врати. Тие дополнителни две врати направија оваа марка да е прва што ги внела СУВ возилата во автомобилската индустрија, кои се многу барани од денешните купувачи и затоа сите производители ги внесуваат во своите програми.
Американските возила се познати по големината и на Џип воопшто не му било тешко да создаде нешто такво. Всушност, со децении Џип ги имал големите возила. Познато е дека удобните работи во автомобилите прво се вградувале во автомобилите преку Големата бара, а потоа на другите континенти. Луксузот и големината се својствени за Џип и не му било тешко да ги вклопи во моделот „гранд чироки“ и да понуди современо теренско возило со совршена умешност да се движи и по асфалт. Во семејството Џип ова возило е наречено „гранд чироки“ и долг е списокот на сериска и дополнителна опрема, така што секој може да најде тоа што го бара.
Денес Џип води во светската индустрија, но не смее да се потценат јапонските производители што се водечки во светот во некои сегменти од теренските возила, на пример: Митсубиши, најтрофејниот на најтешкото рели што воопшто се вози, релито Дакар, потоа Нисан и Тојота. Но има една разлика меѓу овие марки и Џип. Тие произведуваат секакви возила, од најмало до најголемо, од патничко до товарно или комбинирано, но Џип е единствен што произведува исклучително теренски возила. Неговите СУВ возила конструкциски се директна изведба од теренските. Имено, возилата на Џип претходно се тестираат на секакви терени и сите искуства добиени директно од подлогата по која се движеле, се вградуваат во најновите конструкции. Пример е денешниот модел „компас“. Умешноста на конструкторите од оваа марка е тоа што создаваат возила подеднакво добри за возење по рамна подлога, асфалт, но и надвор од неа. Затоа Џип има предност во однос на другите производители и нијансите и деталите се пресудни за освојување на првото место.
жДенес Џип е во состав на компанијата Крајслер, која е во тесна врска со Фиат, односно Фиат е сопственик и сега компанијата се нарекува Фиат Крајслер Автомобили. Од неодамна оваа компанија влезе се здружи со компанијата ПСА (50%-50%) и ја формираа компанијата Стелантис, која ги обединува сите марки. Од 1944 до 1953 година „џип“ го произведуваше Вилис Оуверленд. Во 1953 година нов сопственик бил Каисер Џип и се именувал како Вилис Моторс, но во 1964 година останало само името Каисер Џип сè до 1970 година. Американ Мотор Компани е запишан како сопственик на Џип во 1970 година, а производството го контролирал Рено. Потоа Крајслер бил сопственик од 1998 година, а по него Дајмлер Крајслер АГ (1998- 2007). Крајслер бил од 2007 до 2009 година, а од 2009 година Крајслер Груп ЛЛЦ и Фиат Груп Отомобилс, потоа Фиат Крајслер Отомобилс од 2014 до 2021 година, а од 2021 година сопственик е Стелантис.
Најкраткото објаснување за теренско возило е „џип“. Уште од првиот ден кога возилото било именувано како џип, па до денес никој не забележува дека тоа е марка на возила, а не општ збор за теренски возила.