Според американските статистички податоци сув возилото „џип компас“ е најпродаваниот модел на познатата марка која во својата производна програма има само теренски и сув возила и толку. Податоците потекнуваат од фирми кои ја надгледуваат автомобилската индустрија како на американско тло, така и на глобално ниво.
Ако е така, а така е, тогаш е повеќе од јасно зошто одговорните во Џип одлучиле моделот „компас“ да биде редизајниран. Однадвор возилото претрпело мали измени, но најмногу од нив се наоѓаат на предниот дел – маската е поделена на седум дела, двата отвори за воздух, на крајната лева и крајната десна страна сега се поголеми, а новите лед светла се потесни од претходните. Ако надворешно „џип компас“ е минимално освежен со по некој нов детаљ и линија, тогаш истото не може да се каже и за внатрешноста. Таму редизајнот фатил подлабоко и речиси сè е ново. Овој пат дизајнерите и конструкторите посветиле поголемо внимание на удобноста и на амбиентот. Сега предните седишта се поинакви, централната конзола заедно со инструмент таблата – 10,1 инчен екран осетлив на допир, рачката од менувачот е нова, а исто така и централно сместениот екран е нов со своите 10,2 инчи дијагонала. И управувачкото тркало е ново, односно нема нешто во внатрешноста што не е ново и сето тоа во служба на патниците и возачот.
Каде и како ќе бидат распределени погонските единици, тоа зависи директно од интересите на производителот и неговите истражувања на пазарот. Познато е дека на некои пазари ќе се нудат 2,4 литарскиот бензински мотор со 175 КС и турбо дизелот со зафатнина од 2,0 литри и 170 КС. Силината од овие мотори се пренесува до погонските оски преку шест степен обичен менувач, или автоматски девет брзински, а за некои пазари ќе се вградуваат бензински 1,3 и 1,4 литарски турбо агрегати, првиот снабден со седум степен автоматски менеувач со двојна спојка, а вториот со девет степен, исто така, автоматски менувач. Сите спомнати погонски единици во текстов се со по четири цилиндри во линија сместени попречно во предниот дел од возилото. Што се однесува до пакетите со опрема, редизајнираниот „компас“ се нуди со следниве пет пакети: „спорт“, „лонгитуд“, „најт игл“, „лимитер“ и „с“.