На официјален настан одржан во ресторанот Рагуза 360, на 21.10.2020 беа свечено доделени наградите од првото издание на Изборот за Најпосакуван Автомобил во Македонија -„Златно Тркало“. Настанот се одржа со запазување на сите протоколи за спречување на ширењето на коронавирусот, а на истиот присуствуваа ограничен број претставници од автомобилската индустрија. Златно Тркало претставува нов уникатен начин за избор на најпосакуваниот автомобил кај нас преку гласање на целата јавност во Македонија која има пристап до интернет и социјалните мрежи. Целиот избор започна минатата годината, (се формира гласање во февруари), по што беа прогласени најпосакуваните автомобили во повеќе категории, како и главната награда за Најпосакуван Автомобил на Годината. Финалистите беа поделени во 5 категории и се избираше меѓу 16 автомобили.
Повеќе од 60 објави на порталите и стотици содржини на социјалните медиуми, 1,5 милиони импресии, над 100.000 прегледи и повеќе од 20.000 следбеници… креираа 13.000 гласања на официјалната страница www.zlatnotrkalo. mk, и се добија 5 победници. Изборот е основан од најстариот автомобилски медиум Авто Плус, а во него во функција на организатори и презентери на моделите се јавуваат Авто Плус, CARclub, Cars by Vik и RPM. Во категоријата Најпосакуван електрифициран автомобил со 55,26 проценти од гласовите е избран Toyota RAV4. Плакетата ја додели Виктор Чемерикиќ од порталот Cars by Vik, а како претавник на Тојота Авто Центар наградата ја прими Г-ѓа Ана Трајковска – маркетинг менаџер на компанијата. Во категоријата Најпосакуван бизнис автомобил со 45,6 проценти од вкупниот број гласови е избран Seat Tarraco.
Плакетата ја предаде Данчо Здравковски од порталот Авто Плус, а наградата ја прими бренд менаџер на SEAT, Г-ѓа Весна Бошнаковска. Во категоријата Најпосакуван семеен автомобил со 69,99 проценти од гласовите е избран Hyundai Elantra. Дритон Заири – генерален директор на Ми-Да Гранд Моторс ја прими наградата, која му ја предаде Кирил Урошев од You Tube каналот RPM.mk. Во категоријата Најпосакуван градски автомобил со 37,43 проценти од гласовите е избран Volkswagen T-Cross. Владо Димитровски – бренд менаџер на Volkswagen ја прими наградата која ја предаде Андреа Јарчевски од портaлот Car Club. Главната награда за Најпосакуван автомобил во Македонија за 2020 година оди кај Range Rover Evoque кој освои 35,79 проценти од гласовите.
Плакетата ја предаде главниот уредник на Авто Плус – Виктор Кошевалиски, а наградата ја прими Љупчо Георгиевски – бренд менаџер на Jaguar Land Rover. Кога станува збор за самиот избор, во него членови се медиуми кои исклучиво функционираат на интернет и социјалните мрежи. Тие кон крајот на секоја година ја формираат листата на нови автомобилски модели презентирани на македонскиот пазар во период од една година или од 1ви март до 1ви март.
По првиот филтер, на листата за гласање се наоѓаат модели кои овластените импортери ќе ги номинираат, поделени во 5 категории. Гласањето годинава се одвиваше на официјалниот сајт на Златно Тркало, каде беа поставени сите модели поделени по категории, а покрај секој модел стојат линковите до членовите на Изборот кои водат до пост, вест или клип за возилото, од медиумот. Гласањето на централниот сајт www.zlatnotrkalo.mk започна на 15 февруари и траеше до крајот на месецот (28 февруари) и сите имаа можност да дадат глас за својот фаворит во сите 5 категории. Победниците беа објавени на 1-ви март, а на 21-ви октомври беа доделени признанијата.