Еве што доби светот на тацна – лимузина висока скоро два метри и долга шест, но не обична, туку со погон на сите тркала и шасија од која најразличните терени имаат уплав. Лимузина со теренски особини која може да ја возите речиси на исти места каде би возеле на пример со „лада нива“. Со точна тежина од 2,65 тони ова е малку повеќе од теренско возило, но и од класична лимузина. Конструкторите ја правеле лимузинава на основа од пикапот „рам 1500“. Колку е успешно приспособувањето на пикапот во лимузина, пресудете сами.
Погонската единица е американска класика, V8 со работна зафатнина од 5,7 литри и двоен турбо компресор со чија помош се добиваат 710 КС кои се пренесуваат преку осумстепен автоматски менувач до сите тркала, максималниот вртежен момент изнесува завидни 900 Нм, додека крајната брзина е 210 км/ч. Секако брзинските способности се повеќе од задоволителни, посебно со забрзувањето од 0 до 100 км/ч за само 4,5 секунди.
Основачот на италијанската работилница Азном, Марсело Марегали, според неговите изјави, сакал да направи нешто посебно, грубо и воедно суптилно со многу осет за луксуз и беспрекорна рачна изработка. Џиновската лимузина ќе биде наменета исклучиво за одбрани купувачи, затоа што ќе биде произведена во само 10 примероци. Добрите познавачи на состојбите во светската автомобилска индустрија и побарувачката на вакви возила е преголема и би требало лимузината „азном паладиум“ да биде произведена во далеку поголем број отколку во само 10 примероци.
На луксузот му нема крај. Употребена е најквалитетната кожа која постои во моментов, а ист е случајот и со останатите материјали. Тие што ќе го поседуваат ова возило, се надеваме ќе умеат да уживаат во сè и со сè што е на располагање.
Жарко Атанасоски