ИСТОРИЈА-Митсубиши и неговите 105 години-МИТСУБИШИ НА СВЕТОТ МУ ПОДАРИ КУЛТНИ МОДЕЛИ

13/08/2022

ТРИТЕ ДИЈАМАНТИ ОД ДАЛЕЧНИОТ ИСТОК НАПОЛНИЈА 105 ГОДИНИ. ОД ТЕШКИ ИНДУСТРИСКИ МАШИНИ, ПРЕКУ ИЗГРАДБА НА БРОДОВИ, АВИОНИ И СÈ ТАКА ДО АВТОМОБИЛИ. ГОДИНАТА 1917 Е КЛУЧНА КОГА МИТСУБИШИ ЗА ПРВПАТ ПРЕТСТАВИ АВТОМОБИЛ. ОТТОГАШ ЗАПОЧНУВА ПРИКАЗНАТА ЗА ТРИТЕ ДИЈАМАНТИ НА ЧЕТИРИ ТРКАЛА

 

По 105 години постоење денес Митсубиши е дел од алијансата Рено – Нисан – Митсубиши, друштво во кое последниот збор го има Нисан, односно Рено. Можеби чудно звучи, но така стојат работите, Митсубиши беше и сè уште е присутен на сите континенти (во 160 држави) додека Рено ја нема таа планетарна распространетост, а е главен во алијансата. Сепак, тоа се денешните движења и превирања во светската автомобилска индустрија. Два гиганта на полето на теренските возила, Нисан и Митсубиши, додека Рено е малку посилен во делот на класичните патнички автомобили. Ќе биде повеќе од занимливо да се види што ќе изникне од соработката на Нисан и Митсубиши, дали на повидок се врвни теренски возила кои ќе бидат достојна замена за легендарните „нисан патрол“ и „митсубиши паџеро“ и „митсубиши л 200“.

Компанијата Митсубиши првенствено се занимавала со изградба на пловила и разни видови машини и алати, но знаењето сакале да го прошират и во правец на автомобилите. Со намера да создадат класика од автомобил во тоа време, конструкторите во 1917 год. го претставуваат прототипот „митсубиши тип а“, автомобил од високата класа со дури седум седишта. Очигледно компанијата сакала да се претстави пред јавноста во најубаво светло и да покаже пред останатите производители што можат да направат и колку се убедливи во намерата да направат луксузни автомобили.

Интересно е да се каже дека првиот автомобил на Митсубиши е правен на основа од „фиат типо 3“. Едно мислеле конструкторите, а друго се случило кога првиот сериски јапонски автомобил бил пуштен во продажба. Луксузот во тоа време не бил обожуван, така што биле произведени само 22 примероци во период од дури четири години, за да производството биде прекинато во 1921 год. Тоа било нешто како излет на Митсубиши во автомобилската индустрија. Оттогаш компанијата прави пауза сè до 1937 год. кога е претставен моделот „п икс 33“ за воени потреби. Овој автомобил е со погон на сите тркала и е далечен претходник на денешните легендарни теренски возила.

Во екот на Втората светска војна, Митсубиши ја снабдувал армијата со многу нешта, дури и со авиони. Негово дело е познатиот воен авион „нула“ (зеро), многу почитуван од останатите конструктори во светот. Веднаш по војната се појавуваат: автобусот „фусо“, малото возило со три тркала „мизушима“ и мопедот „сребрен гулаб“. Во 1951 год. со договорот склучен со Вилис, Митсубиши ќе го произведува популарниот „џип цј 3 бс“ сè до 1998 година. Малку неверојатно затоа што Митсубиши ја имал технологијата 4х4, а дека теренските возила ги владее покажуваат моделите „паџеро“ и „л 200“.

Во ’60 години Митсубиши ќе претстави два семејни модели „миника“ и „колт 1000, а во 1964 ја лансира луксузната лимузина „дебонер“ која била користена и од најодговорните во компанијата. Солидната продажба водела кон претставување на нови модели, а следен бил моделот „галант“ изложен за првпат во 1969 год. Една година подоцна, одговорните го формираат одделот Митсубиши Мотор Компани кој директно ќе биде одговорен за возилата.

Крајслер, Лиужоу Аутомотив, Волво, ПСА, Пежо, Цитроен, Фолксваген, Протон, Хјундаи, Хиндустан, Мерцедес – Бенц, Самкор, Нисан и Фуџијан, тоа се компаниите со кои Митсубиши соработувал низ годините. Денес како што спомнавме на почетокот, Митсубиши е во заедништво со Рено и Нисан. Во сите тие години на развој Митсубиши на светот му подарил неколку модели кои речиси се култни во сета таа индустрија на четири тркала. Првиот и најсериозен бум бил предизвикан од моделот наречен „паџеро“ кој многу години беше теренско возило број 1 во светот. Светот го обожуваше и сè уште го обожува ова возило наменето како за забава (сув), така и за сериозни совладувања на терени надвор од асфалтот. Ако на ова му ги додадеме 12 титули освоени на релито Дакар, најтешкото и најдолгото рели во светот, тогаш е јасно со кого останатите возила имаат работа. Од тие 12 титули, седум се освоени една по друга. Вакви брилијантни резултати досега нема постигнато ниту еден друг производител. И покрај овој светски познат и многу посакуван и продаван модел, сепак Митсубиши западнал неколку пати во сериозни финансиски кризи. Посебно е чуден фактот што Митсубиши го изгубил американскиот пазар, каде теренските возила отсекогаш биле многу почитувани. Вториот модел кој го обиколи светот и предизвика солиден интерес, е малата семејна лимузина „лансер“. И овој модел е еден од тие кои се имаат закитено со четири титули во Светскиот шампионат во рели и тоа една по друга. За ваквиот врвен резултат виновен е возачот Томи Макинен и совозачот Ристо Манисенмаки. Штета што одделот за реклама недоволно ги прател успесите на овие два модели и не успеал доволно и вистинските да ги искористи успесите во рекламни цели.

Во последниве неколку децении Митсубиши повремено имаше претставник од сегментите „а“ и „б“. „Колтот“ беше тука некаде, но речиси редовно доцнеше со обновувањата, со претставување нови генерации. Ако во автомобилската индустрија сегментите „а“ и „б“ се основа за развој на компанијата, се поставува прашањето зошто Митсубиши ја избегнувал оваа веќе испробана формула, односно рецепт(?). Некогашниот модел „спејстар“ беше пример за тоа како треба да се дизајнираат практични и употребливи еднопросторни возила, а денешениот „спејстар“ си тера сосема друга филозофија, спротивна од првичната.

Маките“ на Митсубиши тука не завршуваат туку продолжуваат на американското тло. Таму Митсубиши доживува тежок продажен дебакл.

Крајот од минатиот век и почетокот на овој, Митсубиши го дочекува со добри продажни резултати, а потоа како што одминуваа годините продажбата постојано се намалуваше, од скоро 700.000 продадени возила годишно, падна на околу 50.000. Двата шпиц играчи „паџеро“ и „л 200“ беа и сè уште се присутни, но од засега неразбирливи движења и превирања на тамошниот пазар Митсубиши успеа да ја сведе продажбата на минимум. Да имаш два врвни теренски модели и да си присутен со децении во држава каде се почитуваат таквите возила, а сепак продажбата да тоне, тогаш нешто не е во ред со политиката во врвот на компанијата, а не со работниците. Неговиот пронајдок „тивкото коленасто вратило“ го имаат позајмено и Фиат, и Порше и Сааб.

Митсубиши го имаше и купето „еклипс“, мошне успешен модел, но со лоша завршница. Токму кога требаше да биде претставена новата генерација, некаде во 2015 год. сиот труд вложен во правењето и претставувањето на новата генерација падна во вода. Прототипот постоеше, но истиот никогаш не влезе во сериско производство. Уште една од многуте грешки на Митсубиши.

На почетокот од електро треската кога сите производители итаа кон електрификација на своите возила, Митсубиши имаше одлични резултати, но сето тоа беше недоволно за спас на компанијата. И поради погрешните политики на челниците Митсубиши не беше способен да продолжи сам и подоцна откако беше напуштен од Мерцедес – Бенц, беше купен од Рено и воедно имаше влезе во заедништво со Рено и Нисан. Сега Митсубиши ќе користи туѓи основи за своите модели, најверојатно за „колт“ ќе ја користи платформата од Рено, а Рено ќе ги користи основите од теренските возила.

Основач на автомобилскиот дел од Митсубиши е Јатаро Ивасаки. Сè почнало од него пред 105 години, односно во 1917 год. кога е направен првиот автомобил наречен „тип а“. Воедно тој е творецот на заштитниот знак, трите дијаманти.

 

Жарко Атанасоски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.