ОВА ПРИКАЗНА Е ПОСВЕТЕНА НА АВТОМОБИЛИТЕ ЈАГУАР И НИВНОТО ЕДНОВЕКОВНО ПОСТОЕЊЕ. ДВАЈЦА ДРУГАРИ И СОСЕДИ ПРЕД 100 ГОДИНИ ТРГНУВААТ ВО АВАНТУРА… ПОЧНУВААТ СО СТРАНИЧНИ ПРИКОЛКИ ЗА МОТОЦИКЛИ, ПОТОА ПРОДОЛЖУВААТ СО КАРОСЕРИИ, А ВЕДНАШ ПОТОА ПРАВАТ И СОПСТВЕН АВТОМОБИЛ
Еден век. Толку многу време постои марката Јагуар, една од неколкуте во светот која успеала да ги преброди сите кризи и сè уште да е во врвот на спортските купе автомобили и во врвот на луксузните лимузини.
Сè почнало во далечната 1922 година. Соседите и другари Вилијам Вејлмсли и Вилијам Лајнс биле страсни мотоциклисти и големи љубители на моторните возила, но и добри познавачи на механиката. Во таа година тие одлучуваат да основаат работилница во која ќе произведуваат странични приколки за мотоцикли. Тоа го правеле многу успешно, посебно интересен бил дизајнот на приколките тенка силуета, малку издолжени, поинакви од останатите. Набрзо нивната компанија Свејлоу Сајдкар Компани почнала да бележи добри финансиски резултати, но пријателите Лајнс и Вејлмсли почнале да размислуваат за нешто поголемо – автомобили. Најнапред одлучиле да почнат со изработка на каросерии за автомобилите од марката Остин, односно за моделот „севен“. Заради тоа во 1928 година, ја преименуваат компанијата и оттогаш носи ново име Свејлоу Сајдкар & Коучбилдинг Компани.
Работата земала замав кога компанијата Свејлоу потпишала договор за партнерство со Стандард Мотор Компани со цел да произведуваат сопствени автомобили. Сè започнало во 1931 год. а нивното заедништво го нарекле СС. Истата година бил претставен нивниот прв автомобил, купето „свејлоу сајдкар 1“, односно „сс 1“ направен во таа ново основана заедничка компанија наречена СС Карс лтд. Главна одлика на моделите била нивната должина и ниско поставена каросерија. Моторот имал шест цилиндри во линија со работна зафатнина од 2,0 литри. За „сс 1“ велат тоа е еден од првите спортски купе автомобили во светот. Таа спортска нота подоцна била искористена во мноштво трки, а првите поголеми резултати, со кои марката Јагуар станува позната во целиот свет, се врзани за победите на легендарната трка 24 часа Леман. Практично преку трките Јагуар го градел својот углед и светската слава.
Првиот автомобил кој го носел името Јагуар бил моделот „сс јагуар 2,5 салун“ („2,5“ е зафатнината на моторот изразена во литри). Во 1935 год. сопствениците Лајнс и Вејлмсли, поради големите продажни успеси, сакале нивниот нов модел да има име кое ќе го отсликува големиот успех. Името дошло од нивната маркетинг агенција која се грижела за рекламирањето на марката и моделите. Предлогот од страна на агенцијата бил прифатен, а „сс јагуар 2,5 салун“ откако бил пуштен во продажба веднаш постигнал солидна продажба, а подоцна станал најдобро продаван автомобил. Претходно Вилијамс Вајлмсли не бил на исто мислење со Вилијамс Лајнс, едноставно не сакал веќе да работи во индустријата на четири тркала. Затоа решил сите акции да ги продаде на Лајнс.
Годината 1935 ќе биде запаметена и по појавувањето на лимузина и роудстер направени на основа од претходно спомнатиот модел, но и по лансирањето на „сс 100“ со кој компанијата бележи повеќе од добри резултати во рели натпреварите.
Потоа настапува период на мрачен молк поради Втората светска војна. Во тој период компанијата на В. Лајнс е ставена во служба на одбрана на државата. По војната работите почнуваат да си доаѓаат на свое место и компанијата „СС“ ги отстранува тие две букви, затоа што им припаѓале на тајната нацистичка полиција, односно го носела името СС. В. Лајнс без размислување го тргнал на страна двојното „с“, а Јагуар го оставил и оттогаш компанијата и автомобилите го носат тоа име.
Тука некаде во првите повоени години, поточно 1951 година, Јагуар ја освојува првата титула на познатата трка на издржливост 24 часа Леман. Тогаш пошироката публика во светот дознава за Јагуар. Подоцна Јагуар ќе биде прв на истата трка уште шест пати или вкупно седум. Низ повоените години Јагуар доживува и добри, но и помалку добри мигови.
Продажбата на автомобили не е секогаш на ниво и затоа компанијата неколку пати е купувана и спасувана од други компании како на пример Форд во 1999 год. Од 2008, Јагуар е во јатото на индискиот автомобилски гигант Тата.
Низ децениите неколку модели од Јагуар оставиле голем белег во автомобилската индустрија. Тука веднаш мора да го спомнеме моделот „е тип“, врвна класика од купе. Светот ги издвоил следниве девет модели од Јагуар како највпечатливи и вредни за спомнување. „Икс ј 220“ модел кој со уште неколку од класата беше предвесник на супер купе автомобилите. Постигнува крајна брзина од над 320 км/ч. Тоа „220“ во името всушност ја претставува максималната брзина. Потоа следат моделите „икс к“, „ф тип проект 7“, „икс к 120“, „икс ј р“, „икс е св проект 8“ и секако елегантното купе „икс ј с“, модел без кој не може да се замисли семејството на купе автомобилите. Под капата на Тата работите се одвиваат многу подобро и сега марката Јагуар може полесно да дише.