ИСТОРИЈА-Аутоделта, Карло Чити и Алфа Ромео-ЗАНИМЛИВОСТИ ОД НИВНОТО БОГАТО МИНАТО

21/06/2023

АЛФА РОМЕО ГОДИНАВА СЛАВИ ДВЕ ГОДИШНИНИ. ПРВАТА БЕШЕ 100- ГОДИШНИНАТА ОД ДЕТЕЛИНАТА СО ЧЕТИРИ ЛИСТА И НЕЈЗИНИОТ ТВОРЕЦ УГО СИВОКИ, А ВТОРАТА ГОДИШНИНА Е 60 ГОДИНИ ОД ОСНОВАЊЕТО НА КОМПАНИЈАТА АУТОДЕЛТА ШТО ДОЛГО ВРЕМЕ БЕШЕ СПОРТСКИ ОДДЕЛ НА АЛФА РОМЕО

 

Веројатно се прашувате зошто Алфа Ромео ја слави 60-годишнината од создавањето на Аутоделта. Кога некој ќе почне да ја чита историјата на Алфа Ромео ќе открие многу занимливости во нејзиното богато минато. Името Аутоделта е тесно поврзано со името на конструкторот Карло Чити. Не се знае кој е кој, дали Карло Чити е Аутоделта или Аутоделта е Карло Чити. А кој е Карло Чити чие име се изедначува со Аутоделта, но и со Алфа Ромео?

Да тргнеме од времето кога К. Чити ги завршил студиите за аеронаутика во Пиза. Младиот и талентиран Чити, инаку заљубен во автомобилите, особено во трките, почнал да работи во Алфа Ромео во 1952 година. Неговата способност и талент веднаш биле забележани, така што тоа брзо го вовело во конструкторскиот оддел каде што негово дело е спортското купе „алфа ромео 3000 км“. К. Чити само делумно бил задоволен од состојбата во Алфа Ромео зашто го интересирале трките, а прочуениот производител одеднаш излегол од трките веднаш по освојувањето на втората титула во Формула 1 во 1951 година.

Да потсетиме, Алфа Ромео е носител на две последователни титули во Формула 1. Воопшто првите две титули во современа Формула 1 ги освои Алфа Ромео во 1950 година со возачот Џузепе Нино Фарина со болидот „типо 158 алфета“ и во 1951 година со Хуан Мануел Фанџо со болидот „типо 159 алфета“. Карло Чити решил да си оди од Алфа Ромео и да ја прифати поканата да влезе во Ферари. Таму ги поставил темелите на својата слава како конструктор и тимски водач. Неговата творба „ферари 156“ (ајкулин нос), всушност, е болидот со кој Фил Хил ја освои шампионска титула во Формула 1 во 1961 година. По една година, заедно со уште седум челници од Ферари, му пратиле писмо на Комендаторе во кое барале неговата сопруга да се тргне од работилницата бидејќи предизвикувала вознемиреност кај вработените. Писмото било пратено преку адвокат. Таквата комуникација на осумтемина вработени многу го налутила Енцо Ферари и сите ги избркал од работа. Други извори тврдат дека осумтемина го напуштиле Ферари самоволно. По неколку месеци некои од нив се вратиле во Ферари, а Карло Чити останал на својот став и не се вратил. Набрзо потоа Карло Чити со неколкумина што го напуштиле Ферари ја основал работилницата АТС, со цел да прави болиди што ќе влезат во првенството во Формула 1, да му биде конкурент на Ферари и да произведува туристички автомобили. Но плановите и работата отишле во сосема спротивна насока, а неуспехот со АТС набрзо бил заменет со основање нова компанија во 1963 година во близина на Удине, наречена Аутоделта. Во неговиот план учествувале и браќата Чизола, кои веднаш до работилницата имале продажен салон за автомобилите од марката Алфа Ромео. Уште од почетокот работилницата почнала да го спроведува планот за конструирање на „алфа ромео џулија тз“. Тоа „тз“ на крајот е кратенка за „туболаре загато“, односно тубуларна шасија што во тоа време била вистинска реткост. Автомобилот бил правен врз основа на серискиот модел „џулија“, но заедно со Уго Загато и неговата работилница Загато.

 

Кога челниците виделе дека работилницата Аутоделта била повеќе од сериозна решиле да ја купат и да ја претворат во свој тркачки оддел што ќе работи независно од производството на сериските автомобили и со целосна самостојност во работата, плановите, вложувањата и одлуките. Во тоа време Алфа Ромео била во државна сопственост и донесувањето одлуки во спортскиот оддел би оделе премногу бавно поради големата бирократија и корумпираност. Потоа од Удине, Аутоделта била преселена во непосредна близина на Милано и работата продолжила со исто темпо. Карло Чити ги направил првите мотори V8 и V12 наменети за моделот „трента тре“, но тие биле со цилиндри под агол од 180 степени, односно боксер. Со тим од врвни познавачи на занаетот, луѓе што „играта“ наречена тркачки автомобили ја имале во душата и срцето, многу лесно се доаѓало до врвот. Со моделот „џулија спринт гта“ (од 1965 година) Алфа Ромео освоила пет континентални титули за туристички автомобили и мноштво други локални и државни првенства. Тоа е првиот тркачки гран туризмо автомобил што ја извозел патеката Нирбургринг со познатата „норд шлајфе“ за помалку од 10 минути.

УСПЕСИТЕ СЕ НИЖЕЛЕ ЕДЕН ПО ДРУГ

Во 1968 година Алфа Ромео учествувал во трките на издржливост и победил во својата класа на легендарната патека 24 часа Леман, 24 часа Дајтона и 1000 км Ниргургринг, а на домашен терен на трката 500 км Имола победил трипати.

За Алфа Ромео најтрофејна е прогласена 1975 година. Со моделот „типо 33 тт 12“ со 3,0-литарскиот V12 победил на седум од девет трки и убедливо ја освоил светската титула. Во 1977 година Алфа Ромео со „типо 33 ск 12“ го повторил успехот од 1975 година, но овој пат шампионатот е наречен „Светски шампионат за спортски автомобили“. Алфа Ромео учествувал и во Формула 1 и малку недостасувало да биде поуспешен, но не се случило тоа. Аутоделта успешно ја водела Алфа Ромео во трките низ целиот свет постигнувајќи огромна слава. Во 1982 година Алфа Ромео повторно се повлекла од Формула 1, но и од други трки. Согледувајќи ја состојбата во Аутоделта, Карло Чити си заминал во 1984 година и работилницата била затворена. За Аутоделта, односно Алфа Ромео возеле: Андреа де Адамич, Артуро Мерзарио, Андреа де Чезарис, Бруно Џакомели, Џорџо Франка, Јохен Ринт, Џеки Икс, Жан Пјер Жарије и Марио Андрети. И Ники Лауда е на списокот, но во тимот на „Бребем Алфа Ромео“. Моторот за овој тим е дело на К. Чити.

Потоа големиот конструктор ја основал работилницата Мотори Модерни со која продолжил да конструира мотори за трки и повторно соработувал со тим од Формула 1, овој пат со Минарди и Колони кој влезе во Формула 1 заедно со Субару, а К. Чити го конструирал новиот мотор со 12 цилиндри токму за новиот болид. Тимот Колони го напуштил предвреме првенството, а моторот останал во работилницата. По многу години тој мотор, заедно со сите цртежи, бил откупен од новата работилница Кенигсег, денес позната по супер брзите купе автомобили. И покрај тоа што Аутоделта како работилница не постои, Алфа Ромео сè уште го користи заштитниот знак на автомобилите што се натпреваруваат во ЕШТА (Европски шампионат за туристички автомобили).

 

Жарко Атанасоски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.