ОВАА МАРКА МУДРО ЈА СЛЕДИ И НЕГУВА ДОЛГОВЕКОВНАТА ЈАПОНСКА ТРАДИЦИЈА И НАЧИН НА ЖИВОТ. ЗАТОА АВТОМОБИЛИТЕ ХОНДА СТАСАЛЕ ТОЛКУ МНОГУ ДАЛЕКУ И ДЕНЕС СЕ ЕДНИ ОД НАЈПОЧИТУВАНИТЕ ВО СВЕТОТ
Хонда е една од најпосебните марки во автомобилската индустрија и пошироко, да напoмниме, во светот на градинарските машини, во светот на наутиката, во одделот на две тркала и во поново време во аеронаутиката, дури и во таа што оди надвор од атмосферата на планетава. Влегува во и излегува од Формула 1 кога сака и скоро секогаш со титула. Во 2021 год. Јост Верстапен со болидот од тимот на Ред Бул стигна до шампионската титула, а тој болид имаше мотор од Хонда. Најново од Хонда е следново, официјално се враќа во Формула 1 во 2026 година и повторно со погонска единица која ќе биде вградена во болидот на Астон Мартин. Кога веќе ја спомнуваме Формула 1 и учествата на Хонда, да го спомнеме следниов рекорд, во 1988 год. од 16 трки, болидите со моторите од Хонда победија на 15. Тогаш Хонда ја освои титулата за конструктори, а Аиртон Сена во класата на возачи.
Се прашувате зошто сега пишуваме за Хонда? Годинава овој производител слави два јубилеја, 75 години од основањето на Хонда Мотор Компани и 60 години од претставување на првиот автомобил.
Почетоците на овој производител датираат и пред создавањето на компанијата Хонда Мотор. Во 1946 год. Соикиро Хонда основал институт за технички развој на мали мотори со внатрешно согорување. Во повоениот период велосипедите биле најбараното и најпосакуваното превозно средство, а С. Хонда размислувал како тие мали погонски агрегати да ги „спои“ со велосипедите. Старите армиски агрегати кои служеле за создавање електрична енергија за радиостаниците, ги доработил, а потоа истите ги вградувал во велосипеди. Тој спој предизвикал изненадувачки голем интерес. С. Хонда доработил околу 500 мали погонски мотори со внатрешно согорување и со тоа тркалото почнало да се врти. Тој успех го натерало Соикиро Хонда заедно со Такео Фуџисава да ја основаат компанија Хонда Мотор во малото место Хамаматсу. Малиот мотор вградуван во велосипедите имал зафатнина од 50 ссм и силина од 0,5 КС. Така Хонда го има направено своето прво моторно возило „а – тип“.
Тој ист мотор развиен со сопствени сили почнал да го вградува и во направи за одржување градинарски култури. Соикиро Хонда го проширувал своето знаење и на други полиња каде како основа можел да биде употребен неговиот производ, малиот ото мотор. Добрите продажни резултати го поттикнале С. Хонда да размислува за учество на трки, а изненадувањето било уште поголемо кога Хонда влегува во трките од класата „ТТ“. Тоа се случило во 1954 година. Вториот најголем чекор е создавањето на неуништливиот „хонда супер куб“, мопед со мал мотор, 50 ссм. со едно седиште и мал багажник одзади. Ова мало моторно возило на две тркала постигнало толку голем успех, што производителот не можел да ја наваса побарувачката. Хонда и тогаш била, но и денес е најголем светски производител на мотоцикли. Моделот „супер куб 50 ссм“ постигнал преголеми продажни успеси, а интересот за овој мопед сè уште е голем насекаде во светот. Првиот посериозен мотоцикл е претставен во 1949 година, „хонда д тип“, попознат под прекарот „хонда дрим“.
ПОХОД ВО АВТОМОБИЛСКАТА ИНДУСТРИЈА
Хонда го започнува походот во автомобилската индустрија во 1963 год. кога го претставила малото доставно возило, камиончето „т 360“. И ова возило постигнало солиден продажен успех, дури 108.000 примероци биле доставени на купувачите. По само четири месеци од претставувањето на малото доставно возило, Хонда го лансира купе кабриолетот „с 500“. Развојот и продажбата на автомобилите одел како што треба, но не со таква бура како што предизвикале мотоциклите. Сепак успесите на Хонда оделе по нагорна линија. За поцелосно искористување на агрегатите од мотоциклите, Соикиро Хонда почнал да развива погонски агрегати за пловила, најнапред вонбродски, а потоа и бродски. Првиот вонбродски мотор е лансиран 1964 год. и оттогаш полека но сигурно го зема светскиот примат во свои раце. Денес Хонда е најголем светски производител на вонбродски, но и на бродски мотори.
Истата година, 1964, Хонда учествува во најбрзиот циркус формула 1 со своја погонска единица и свој болид „ра 271“, а првата победа ја постигнува наредната година на ГП во Мексико. Дали приметувате колку Хонда била зафатена со работа во 1964 год. Во 1963 година го претставува првиот автомобил, а една година подоцна влегува во Формула 1 со свој мотор и болид. Паралелно претставува вонбродски мотор и сее страв и трепет во светот со своите мотоцикли. Вакво нешто се нема случено во ниту една друга компанија.
Следниот „поздрав“ за светот од Хонда се случи во 1972 год. кога производителот ја претстави комбилимузината именувана како „сивик“. До денешен ден Хонда на светот му понуди 11 генерации продадени во повеќе од 25 милиони примероци. Моделот „сивик“ претставува синоним за компактен семеен автомобил и сè уште е еден од најпосакуваните меѓу купувачите.
Годината 1973 год. ќе биде запаметена по тоа што основачите Соикиро Хонда и Такео Фуџисава се повлекуваат од водење на компанијата. С. Хонда беше главен за развојот на машинскиот дел, а Т. Фуџисава ги водеше финансиите. Три години подоцна е лансиран моделот „акорд“. Првата комбилимузина практично е „акордот“, а помалиот „сивик“ според својот облик всушност е лимузина. Како што одел нивниот развој, „сивикот“ минува во класика од комбилимузина, а „акордот“ во класична лимузина. Сепак тоа не значи дека не биле произведувани лимузини со името „сивик“. Северноамериканскиот пазар, на пример, посебно обожува лимузина, но и кинескиот, затоа Хонда го произведува моделот „cивик“ во речиси сите изведби. „Хонда акорд“ е лимузина со средни димензии за која светот вели дека е меѓу најдобрите, најпосакуваните и најпродаваните во светот. Според светската статистика „хонда акорд“ е секогаш во врвот, меѓу првите три најпродавани лимузини со средна големина.
Најверојатно не сте знаеле дека Хонда е изумител на системот за навигација и истиот го претставува во 1981 год. Според нејзината филозофија на создавање автомобили и јапонската традиција, секогаш човекот е на прво место, а дури потоа автомобилот, односно машината, како што велат во Хонда.
За американскиот пазар, најголемиот, каде се продаваат најмногу автомобили, Хонда подготвува лимузина уште поголема од „акордот“ и ја нарекува „леџенд“, а за првпат ја претставува во октомври 1985 год. Всушност, Хонда сака да има своја лимузина која ќе може да се спореди со останатите од класата. И сега тука имаме еден невообичаен потег на Хонда. Своите финансиски успеси ги крунисува со создавање своја луксузна марка која сака да биде директен конкурент на европските автомобили од премиум класата. Годината 1986 за Хонда значи создавање на марката Акура, а првиот автомобил со ова име е доработената „хонда леџенд“ – други материјали, друга филозофија на производство и сето тоа зачинето со луксуз. Воедно Хонда е првата јапонска автомобилска компанија која создала своја луксузна марка. Подоцна овој пример ќе го следат и другите производители од Земјата на изгрејсонцето, но и некои други производители од целиот свет. И додека светот го следеше претставувањето на марката Акура, некаде на другата страна од „брзите четири тркала“, Хонда започна да царува во Формула 1. Истата година кога е лансирана марката Акура, Хонда ја освојува првата титула во Формула 1 и така шест години по ред, од 1986 до заклучно со 1991 год. И во класата на возачи Хонда успева да се закити со исто толку титули (1987, 1988, 1989, 1990, 1991 и 2021). И сега да дадеме едно појаснување, Хонда во тие 12 титули учествува со погонска единица. Хондината доминација сите ја почувствуваа, на секоја трка болидите постојано ги освојуваа подиумите, затоа со право зборуваа дека првенствата во Формула 1 стануваат досадни. Последново појаснување доволно говори за тоа колкава беше доминацијата на хондините мотори во најбрзиот циркус. Аиртон Сена, Герхард Бергер, Најџел Мансел, Алан Прост, Џенсон Батон, Макс Верстапен и многу други, сите тие возеле болиди со вградени мотори од Хонда. Кон крајот од минатиот век, за Хонда е врзана една случка со Дајмлер, односно Мерцедес – Бенц. Во тоа време европската компанија барала да купи производител на автомобили и во него да има партнер како во поддршка при продажбата, така и во сервисирањето и снабдувањето со резервни делови. За овој план најпогодни биле производителите од Средниот и Далечниот Исток. Откако одговорните од Дајмлер разговарале со неколку компании, тропнале и на вратата од Хонда. Во тоа време главен во Хонда бил Набухико Кавамото и на понудата од Дајмлер одговорил: „Вие дојдовте да ја купите Хонда.
Не е за продавање, можеби Хонда е мал по обем производител на автомобили, но затоа е производител број 1 во светот по производство на мотоцикли, бродски и вонбродски мотори и градинарски машини.
Одете купете си некој локален производител, а такви имате неколку на континентот од каде доаѓате“. Хонда и денес е независна и многу успешно опстанува во време на некаква си глобализација, не е во никакви алијанси и друштва и не припаѓа никому, но соработува со неколку компании, на пример во најново време со Сони. Тие имаат заедничка компанија Сони Хонда Мобилити која ја создаде марката Афила и неодамна го претстави својот прв автомобил наречен „афела ев“.
Мора да го спомнеме и следново. Хонда е еден од ретките производители на автомобили кои во својата гама немал постојано припадник од ниската класа. Такво нешто е непознато за останатите производители.
Малку е чудно, но сè уште тоа й успева на Хонда, да биде без типичен претставник од ниската класа. Некогаш беше „сити“, некогаш „лого“ и толку. На американскиот пазар никогаш не е потребен автомобил од таа класа бидејќи таму важи правилото лимузина, три метри пред и три одзади. На почетокот од новиот милениум Хонда го лансира еднопросторното возило „џез“ (некаде „фит“) со две должини, за цел свет должината е 3,82 м, а за северноамериканскиот пазар 4,0 м. Возилото е крајно употребливо и практично, но продажбата е далеку од многу добра и одлична, иако жителите од континентов до неодамна беа заинтересирани за еднопросторни возила. Денес таквите возила не се во мода, затоа што „сув“ возилата го преземаат приматот. Најверојатно затоа Хонда го повлекува „џезот“ од Индија. Оваа вест беше обелоденета некаде во април.
Како што одминува времето, така светот се врти кон најсовремените средства за превоз, како на пример леталата. Хонда во 2003 год, го имаше првиот експериментален лет со малиот авион на млазен погон наречен „хондаџет“. Првиот лет како сериски авион беше извршен во 2015 и оттогаш до крајот на 2022 продадени се 217 примероци од леталото „хонда џет“. Сега се чека лансирање на поголемо летало кое е уште во концепт фаза. Моделот „џет 2600 концепт“ е наменет за превоз до најмногу 11 патници. Сето тоа зависи од конфигурацијата на нарачателот, дали сака туристичка или луксузна изведба.
Не само летала за во земјината атмосфера, туку и летала за надвор од тој дел, односно вселенски, но и роботи како на пример добро познатиот Асимо. Сега Хонда се занимава со освојување на месечината и вселената, а за тоа веќе пишувавме минатата година во рубриката наменета за високата технологија.
И за крај уште едно потсетување, Хонда уште во 1970 година создаде оддел преку кој го поттикнува безбедното возење со мотоцикли и автомобили.