АКО НЕКОЈ САКА ДА ДОЗНАЕ ШТО СЕ СЛУЧУВАЛО ВО ФОРД ВО ИЗМИНАТИТЕ 120 ГОДИНИ, ЌЕ МОРА ДА ПРЕБАРУВА ВО НЕКОЈА БИБЛИОТЕКА, ОБИЧНА ИЛИ ЕЛЕКТРОНСКА, А ЗА ДА ДОЗНАЕ ПОВЕЌЕ ЗА БОГАТАТА ИСТОРИЈА НА ОВОЈ АВТОМОБИЛСКИ ГИГАНТ ЌЕ МУ ТРЕБА МНОГУ ВРЕМЕ
Годинава еден од светски најпознатите производители на автомобили слави 120 години постоење. Компанијата е создадена на почетокот од минатиот век, во 1903 година, но зачетоците датираат од 1888 година кога Хенри Форд, иноватор и конструктор, го направил првиот ото мотор. По неколку години во работилницата зад куќата го конструирал и својот прв автомобил.
Согледувајќи дека располага со исклучителна способност и знаење, решил да ги искористи за нешто поголемо. Со помош на неколкумина вложувачи почнал да произведува автомобили заедно со Хенри Лиланд. Работата напредувала, но луѓето што инвестирале не се согласувале со начинот на кој работел Х. Форд и го отстраниле од компанијата. Потоа со други заинтересирани инвеститори во 1903 година ја создал марката Форд и го конструирал првиот автомобил „форд тип а“. Тоа бил почетокот на Форд. Токму „форд тип а“ е многу сличен на „кадилакот“ што го произвеле во првоотворената фабрика, но без Хенри Форд, а кадилак потекнува од името на човекот што го создал Детроит.
Имено, Хенри Форд ја формирал Детроит Мотор Компани во 1899 година, а при реорганизацијата на компанијата во 1901 година го добила името Хенри Форд Компани, но поради несогласувањата со другите челници, Х. Форд ја напуштил компанијата во 1902 година. Подоцна оваа компанија била преименувана во Кадилак Аутомобил Компани по препорака од Хенри Лиланд. Во 1903 година Х. Форд со неколку вложувачи ја основал Форд Мотор Компани и таа година го претставил „форд модел а“. „Кадилакот“ и „форд модел а“ се многу слични затоа што и двете возила се дело на ист творец.
Хенри Форд е познат во светот и по некои други работи од секојдневниот живот на работниците. Тој прв во светот вовел осумчасовно работно време, дневница од пет долари (ја зголемил за повеќе од 100 %) и петдневна работна недела. Ретко некој сопственик на компанија ги почитувал работниците колку Х. Форд. За децата на вработените отворил градинка во кругот на фабриката. Можеби не бил најдобар, но секако многу се разликувал од другите сопственици.
Хенри Форд се разликувал и по производството. Во тоа време сите производители на автомобили настојувале да направат што полуксузен автомобил, а Х. Форд имал сосема спротивна филозофија од колегите. Тој сакал автомобилот да го приближи до поголем број луѓе. Идејата му се остварила со претставувањето на „моделот т“. Не станувало збор само за автомобилот туку и за начинот на кој се правел новиот „модел т“. Првиот дел од планот го остварил со тоа што конструирал солидно возило со пониска цена од останатите во класата. Токму прашањето за цената било дискутабилно.
И тој и работниците имале визија како треба да се одвива производството и тоа побрзо. За еден автомобил да излезе готов од халите биле потребни 12 работни часа. Со помош и идеи од работниците го реорганизирал производството. Возилото се пренесувало од група до група работници, а тие на него ги склопувале деловите, односно двајца работници ја влечеле шасијата со тркала до првата група работници, потоа до втората, третата додека не се направи автомобилот. Од 12 часа времето на склопување било намалено на неверојатни 80 минути. Тој момент од историјата на индустријата бил клучен за целиот свет. Оттогаш започнува брзото производство, овозможено од фабричката лента што прв ја вовел Хенри Форд, но, пред сè, неговите работници. Легендарниот „модел т“ почнал да се произведува во 1908 година, а се продавал по цена од 950 долари. Но откако била воведена производната лента, неговата цена почнала нагло да се намалува. „Форд модел т“ се продавал за 260 долари или во денешно време тоа се околу 8.400 долари. Со производната лента „моделот т“ достигнал производство од неколку милиони, несфатливо за тогашниот свет. Бројката на произведени единици се искачила на 16,5 милиони што е апсолутен рекорд и за денешно време. Така Форд предизвикал револуција во автомобилската индустрија и го внел автомобилот во секојдневјето, луксуз што дотогаш бил достапен само за мал круг луѓе. Овие неколку работи се највпечатливи за периодот до Втората светска војна, а потоа Форд произведувал најмногу за потребите на армијата: авиони, најразлични орудија, тенкови, резервни делови итн.
СПОРТСКИ АВТОМОБИЛ ЗА МЛАДАТА ПОПУЛАЦИЈА
Во периодот по војната автомобилската индустрија го доживела својот зенит и раскош. Мирновременските услови и индустрискиот развој го овозможиле тоа. Тогаш созреала идејата за автомобил наменет за младата популација. Спортскиот автомобил наменет за младите не требало да биде лимузина, туку купе, со прифатлива цена, да биде достапен за поголем број купувачи.
Идејата за овој автомобил била на Ли Ајакока, талентиран млад конструктор кој работел во Форд од 1949 година. За да ја оствари идејата повикал двајца стручњаци – советникот за производи и производство Хејл Спирлич и дизајнерот Гејл Хелдерман. Л.Ајакока да му ја претставил идејата на Хенри Форд II . Иако постоела скептичност, Ајакока добил дозвола од Х. Форд II да продолжи со работа. Прво возилото требало да го добие името „кугар“, но подоцна било заменето со „мустанг“, според името на авионот ловец од Втората светска војна. Работите се одвивале според планот, а проектот „мустанг“ станувал реалност. На 17 април 1964 година Ли Ајакока лично го претставил купето на Салонот за автомобили во Њујорк. Тоа било проследено со голема рекламна кампања, стотици автомобили биле изложени во големите хотелски салони, на аеродромите и на места каде што имало голема фреквенција на минувачи. И неколку дена по премиерата Форд добил 20.000 нарачки. „Форд мустанг“ предизвикал вистинска треска во САД, а Ли Ајакока и автомобилот се нашле на насловните страници на најпознатите списанија. Купувачите спиеле пред салоните чекајќи нивниот примерок да дојде во продажното место. Во автомобилската индустрија никогаш не се повторил бумот на „форд мустанг“. Овој модел на Форд станал своевидна единица мерка за автомобил. Оттогаш поминаа шест децении, но ниеден друг модел не предизвикал толкав интерес. И денес автомобилот е актуелен, но не е ни блиску до популарноста што ја имал пред повеќе од 50 години. Старите примероци се чуваат и често се реставрираат, со цел да траат колку што е можно подолго и за нив владее голем интерес.
Експанзијата на Форд се одвивала на сите континенти и денес е еден од најраспространетите марки во светот – се продава во речиси сите земји на планетава, благодарение на многуте успешни модели. На континентов Форд постигна експанзија со моделот „ескорт“. Тоа е семеен автомобил што се произведувал во повеќе каросериски изведби: лимузина, купе и караван.
Почитта кон овој автомобил трае до денес, само што традицијата му е препуштена на моделот „фокус“,наследникот на „ескорт“.
Уште еден модел, фордовото комбе „транзит“ (1965), предизвикал голем интерес во светот. Возило за секаква намена, за секоја компанија, за секоја услуга. Речиси нема град во светот без „форд транзит“. Следниот модел што предизвикал голем интерес кај европските купувачи е малиот градски автомобил „фиеста“ (1976). Овој модел не бил наменет само за младата популација возачи туку и за возрасните зашто е автомобил за секаква пригода. Погонски единици од најмала до најголема, од бензински до дизел, од каросериска изведба со три врати, пет или карго за превоз на материјални добра. Затоа овој модел опстанал до денес, исто како претходните модели, и обележал една епоха. Исклучителен производ се изведбите со ознака „рс“, „ескорт рс“ и „фиеста рс“, примероци со префинета спортска нота.
Автомобилските трки отсекогаш биле дел од историјата на марката. Форд Мотор Компани не постоела кога автомобилите на Хенри Форд учествувале во трките. Првиот автомобил со кој се тркал Хенри Форд бил направен во работилницата зад куќата. Со неименуваниот автомобил Хенри Форд победил на неколку локални трки, а потоа тркачкиот „999“ бил направен и посебно наменет за трки. Таа традиција се одржувала низ децении. Фордовите успеси се најзабележителни во Формула 1, потоа во Светскиот шампионат во рели, како и НАСКАР, ИМСА, Индикар итн. Во Формула 1 Форд имал 174 гран при победи, 13 светски шампионати во категоријата за возачи и 10 конструкторски титули.
Во Светскиот шампионат во рели Форд победил на 91 настап, освоил четири титули во класата возачи и четири во класата конструктори. Денес во Форд Мотор Компани се следниве марки: Форд, Линколн и Тролер, а до пред неколку години Форд целосно или делумно беше сопственик на: Јагуар, Ленд Ровер, Астон Мартин, Мазда и Волво. Сега е време на електрични автомобили и Форд, сакал или не, мора да биде во тек со тоа. Всушност тоа важи за сите производители. Како што засега се одвиваат работите, сите мотори со внатрешно согорување ќе бидат тргнати од светската сцена најдоцна до 2035 година.