ИСТОРИЈА-100 години Алфа Ромео-АЛФИНАТА ДЕТЕЛИНА СО ЧЕТИРИ ЛИСТА

02/06/2023

ДЕТЕЛИНАТА СО ЧЕТИРИ ЛИСТА НОСИ СРЕЌА, ТАКА ВЕЛИ ЦЕЛИОТ СВЕТ. ТОКМУ ТАКВА ДЕТЕЛИНА 100 ГОДИНИ ЈА ИМА НА ТРКАЧКИТЕ АВТОМОБИЛИ ОД МАРКАТА АЛФА РОМЕО. ОД ТЕКСТОТ ДОЗНАЈТЕ ПОВЕЌЕ ЗА АЛФИНАТА „КВАДРИФОЉО“ (ДЕТЕЛИНА СО ЧЕТИРИ ЛИСТА)

 

Годинава Алфа Ромео слави 100 години од првото појавување на детелината со четири листа нацртана на еден од нејзините болиди што ја има само на некои модели. Еве ја приказната за детелината и главните ликови во неа.

Првиот е Уго Сивоки, кого од младост го интересирале трките со велосипеди, односно тргнал по стапките на постариот брат Алфредо. Многу успешно се снашол со чудото на две тркала, при што постигнал неколку победи. Страста кон брзината останала и кога двете тркала биле заменети со четири. Веднаш по Првата светска војна работел за КМА (Конструциони Меканиче Национали), мала фабрика лоцирана во Милано, која произведувала автомобили под името КМА. Во исто време Енцо Ферари доаѓал во Милано по работа, носел стари лесни товарни возила што потоа биле преработувани во роудстери. Некои преработки биле правени во КМА, каде што Енцо Ферари го запознал Уго Сивоки. Тогаш финансиската состојба на Ферари воопшто не била добра и во прво време Уго Сивоки му помогнал, а потоа го викнал да работи во КМА. Додека заедно работеле во КМА, имале можност да разменат мислења за автомобилите и трките. Уго Сивоки важел за добар возач, но никако не станувал член на добар тим.

Во тие години Енцо Ферари успеал да влезе во тимот на Алфа Ромео како пробен возач, а малку подоцна го повлекол и Уго Сивоки, така што и двајцата повторно биле во ист тим, но овој пат тркачки. Таму Сивоки покажал што умее зад управувачот на болидите, но никако не победувал. Иако бил најтоа толку посакувано прво место. Поради тоа, во кругот на тимовите и меѓу колегите бил познат како „вечно вториот“. На 15 април 1923 година суеверниот Сивоки се подготвувал со своите колеги за стартот на 14. издание од надалеку познатата и престижна трка Тарга Флорио, која се возела низ тесните патишта на Сицилија и важела за една од најтешките поради многубројните свијоци, нагорнините и удолнините. Оваа трка всушност била трка на издржливост и во годината служела како еден вид подготовка за 24-часовната трка Леман и Миле Миља. Уго Сивоки ги направил сите подготовки на својот болид „алфа ромео рл корса“, а тоа го направиле и останатите колеги во тимот, вкупно четворица: Антонио Аскари (негов син е Алберто Аскари, двоен шампион во Формула 1 во 1952 и 1953 година), Џулио Масети и Енцо Ферари.

СО ДЕТЕЛИНАТА ДО ПРВАТА И НАЈГОЛЕМА ПОБЕДА

Откако сè било подготвено за трката, Сивоки зел две кантички со боја, едната со бела, а другата со зелена боја. На предниот дел од својот болид, со белата боја нацртал четириаголник, а во средината детелина со четири листа за да му донесе среќа. Трката траела малку повеќе од седум часа (431 км), а прв на целта пристигнал Уго Сивоки. Неговиот тимски колега Алберто Аскари убедливо водел пред останатите возачи, но буквално пред целта излетал од патеката. Механичарите му помогнале да се врати на патеката и да ја мине целната линија, но судиите на трката го вратиле Аскари назад затоа што ја минал целната линија заедно со механичарите качени на неговиот болид. Затоа Аскари морал да се врати на местото каде што излетал од патеката и повторно да ги извози тие 300-400 метри до целта.

Додека Аскари го правел тоа, Уго Сивоки веќе ја минал целта со околу три минути предност пред Аскари и со тоа ја остварил својата прва и најголема победа, но не само за себе, туку и за Алфа Ромео. На 15 април 1923 година првпат болид од оваа марка победил на меѓународна трка и тоа Тарга Флорио, една од најважните во календарот. Подоцна Алфа Ромео собрал уште девет победи на Тарга Флорио. Тој ден тимот славел победа 1 – 2, а за славењето да биде поубедливо, на четвртото место се пласирал Џ. Масети. Иако бројот 13 го носи епитетот малерозен, тој стартен број го имал победничкиот болид што го возел Уго Сивоки. Во тоа време болидот „алфа ромео рл корса“ важел за технолошко ремек-дело, а творец бил познатиот конструктор Џузепе Мероси.

Тешко дека некој можел да му се спротивстави на Алфа Ромео со толку надмоќен болид и со тогашната најдобра петорка од возачи: Аскари, Масети, Ферари, Кампари и Сивоки. По неколку месеци, поточно на крајот на септември била закажана трката за ГН на Италија што се возела во Монца. Возачите ги тестирале болидите, а меѓу нив и У. Сивоки.

На една од квалификациските сесии, тој излетал од патеката и веќе никогаш не се вратил. Трагичниот настан официјално го потврдил главниот конструктор и шеф на тимот Џузепе Мероси, кој дал изјава пред насобраните новинари. Тогаш најавил повлекување на тимот Алфа Ромео од трката, а потоа си дал неотповиклива оставка. На тој кобен ден детелината со четирите листа не била исцртана на болидот на Сивоки. Велат дека немал време да го стори тоа за време на тестирањата и квалификациите, односно дека цртањето на детелината го оставил за денот кога ќе се вози трката.

На следната трка четворицата возачи (Аскари, Масети, Ферари и Кампари) ја нацртале детелината на бела основа, но не како четириаголник, туку триаголник што го симболизирал отсуството на нивниот тимски колега. Кога Уго Сивоки ја нацртал детелината, ја ставил во основа од четириаголник, четирите страни всушност биле по една за секој од колегите зад управувачите на болидите, односно по еден агол за секој возач. Детелината ја нацртал за да им носи среќа на сите во тимот, а не само нему.

Повеќето марки ја користеле црвената боја за своите болиди и бидејќи биле речиси исти по дизајн, публиката тешко можела да ги разликува, но веднаш ја забележувала детелината на бела основа и знаела дека тоа е еден од болидите на Алфа Ромео.

Има уште едно нешто посебно за болидот на У. Сивоки, а тоа е неговиот стартен број. На тој трагичен ден болидот го имал стартниот број 17. Оттогаш ниеден италијански тркач не го ставил тој број на своето возило. Така е до денес, односно за пилотите од Апенините бројот 17 не постои веќе еден век.

Како што претходно спомнавме, детелината со четири листа станува нераздвоен дел од тркачките возила на Алфа Ромео. Сепак, челниците одлучиле да ја стават детелината и на сериските автомобили, тие со најсилни мотори, со најмногу коњски сили. Првпат детелината со четири листа во триаголник е ставена на сериски автомобил во 1964 година на моделот „џулија ти супер“, а веднаш потоа „среќата“ била ставена и на „џулија спринт гт велоче“ и „џулија 1750 гт велоче“. Алфа Ромео умее да ја стави детелината и во најопремените изведби, но тогаш е „квадрифољо оро“ (златна детелина со четири листа), со тоа што белата заднина останува иста, но триаголникот и детелината се нацртани со златна боја.

Не постои марка на Земјината топка чие име тежи толку многу како тоа на Алфа Ромео. Пребогатата тркачка историја е таа што тежи и има посебен белег во автомобилската историја. И покрај тоа што Алфа Ромео не е глобален играч од рангот на Тојота, Киа Мерцедес или БМВ, не произведува најмногу автомобили и не ни блиску до првите 10 најпродавани, сепак во неа има нешто толку многу специфично што го немаат останатите. Таа „магија“ обоена во црвено има 10 победи на трката Тарга Флорио, 11 на Миле Миља, има четири победи на најпознатата трка во светот 24 часа Леман и уште стотина други во другите класи. Да не ја заборавиме надмоќта на Алфа Ромео во трките за туристички автомобили. Во домашното првенство за туристички автомобили во 1992 година победи убедливо и нејзина следна цел за наредната година беше ДТМ. Тогаш во 1993 година моделот „155 V6 2.5 ти дтм“ беше гостин во ДТМ (Дојче Туренваген Меистершафт) и пред очите на домашната публика ја порази целата германска автомобилска индустрија победувајќи на 12 од 20 трки, а зад управувачите на трите „155“ беа Никола Ларини, Алесандро Нанини (брат на пејачката Џана Нанини со која легендата Тоше Проески испеа дует) и Кристијан Данер. Титулата отиде во рацете на Никола Ларини со 11 победи од вкупно 20 трки, што е апсолутен рекорд во ДТМ, а по него беа Роналд Еш и Бернд Шнајдер, двајцата од тимот на АМГ – Мерцедес. И да напоменеме, таа година Н. Ларини успеа трипати да победи на легендарната патека Нирбургринг (мит Нордшлеифе). Тоа беше прво учество на Алфа Ромео на ДТМ и победи на вкупно 13 трки, 11 на Н. Ларини и две на А. Нанини.

А кога е во прашање Формула 1, Алфа Ромео има пет титули. Првата е извојувана со болидот „п 2“ управуван од Брили Пери во тогашниот светски шампионат наречен Ауто Рејсинг. Во тој шампионат Алфа Ромео освои дополнителни две титули, а потоа уште две во современата Формула 1. Првиот шампионат во современата Формула 1 е одржан во 1950 година. Тогаш се возеле 11 трки и на сите победил Алфа Ромео со болидот „типо 158“ што го возел Џузепе Нино Фарина. И наредната сезона минала во знакот на Алфа Ромео, но овој пат со легендарниот возач Хуан Мануел Фанџо со болидот „типо 159 алфета“. И, секако, сите тркачки возила биле обоени во црвено, со бел триаголник со детелина со четири листа во средина. Дека токму таа детелина носи среќа потврдил тимот на Алфа Ромео во Формула 1. Минатата година за време на британското Гран при, кинескиот возач Жоу Гуани имаше тешко излетување. Неговиот болид заврши зад безбедносниот појас од пневматици, странично паднат во тесниот простор помеѓу високата жичена ограда и оградата што дели појасот од пневматици. Можеби таа детелина не придонела многу во последниве неколку децении да донесе среќа за освојување повеќе први места, но затоа кинескиот пилот имал преголема среќа затоа што минал без гребаница, а глетката на неговиот болид била страшна. По повод 100-годишнината од појавувањето на детелината со четири листа, Алфа Ромео подготви посебни изданија од моделите „џулија“ и „стелвио“ – V6 мотор 2,9 литри со двоен турбополнач способен да „извади“ 520 КС. Ќе бидат изработени само по 100 примероци и веќе се распродадени.

 

Жарко Атанасоски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.