ISORIVOLTA-Маестро Загато и „исориволта“

13/08/2020

Ретките примероци отсекогаш биле почитувани од останатиот свет, но со мала резерва затоа што имало и доза на чудење, необичност и доза на љубомора со зачин од типот „редок примерок, ама не е нешто нарочно“. Таква им е „среќата“ (ѕведата) на тие ретките примероци и тоа ќе го носат со себе засекогаш, но ние да се вратиме на нашите реткости, а тоа е дизајнерскиот перфекционист Загато и непрежалената марка „ИсоРиволта“.

На почетокот од месецов дизајнерската куќа Загато најави конструирање на вистинска бајадера, највкусното во автомобилската индустрија. По оваа вест светот на тркала веднаш се заврте кон познатата италијанска дизајнерска компанија со цел да дознае нешто повеќе. И кога сите очекуваа повеќе информации наидоа на „празна табла“ – Загато обелодени само неколку детали и тоа беше сè.

Најавата беше за возобновување на марката ИсоРиволта, а намерата на Загато е да створи и обликува сосема нов модел под спомнатото име со ознака „гтз“. Инспирација за овој потег на големиот мајстор на дизајнот е некогашниот модел „риволта а 3“ од 1963 година. Засега познато е тоа што во автомобилот ќе се вградува V8 мотор позајмен од „шевролет корвета з 06“. Моторот има зафатнина од 6,2 литри, но дополнително е доработен и сега има големи 6,8 литри.

Повод за овој потег на Загато е да се прослави и воедно нагласи италијанско американската соработка на полето од автомобилската индустрија. Според првичните изјавите, вистинската реткост од автомобил ќе биде произведен во само 19 примероци. Истовремено од дизајнерската куќа стигна изјава за бројката на „нетаксани“ примероци – има уште 10 слободни, затоа кој сака примерок од оваа автомобилска егзотика може веднаш да се обрати по електронска пошта на страната од Загато, а тамошните ќе ве контактираат додека сте трепнале. Ако се прашувате што значи името „ИсоРиволта“ во индустријата на четири тркала, во Загато ќе ви објаснат до најситен детаљ.

За нештата да бидат појасни, Загато на Салонот за автомобили во Токио во 2017 год. прикажа концепт именуван како „загато исориволта вижн гран туризмо“. Токму овој концепт е основа за развој и производство на „сериското“ купе кое ќе биде произведено во само 19 примероци.

Првиот примерок ќе стигне до веќе познатиот купувач годинава во октомври, така што тогаш компанијата Загато ќе обелодени не само генералии туку и детали за „бајадерата“ на четири тркала „исориволта гтз“. Тоа „гт“ во превод е „гран туризмо“, а тоа „з“ ѝ припаѓа на дизајнерската компанија Загато.

Цена??? Од седум милијарди жители на планетава само 19 ќе бидат привилегирани да бидат сопственици на „исориволта гтз“. За вакви нешта цената е најмалку битна.

 

Жарко Атанасоски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.