Интервју со Владимир Карчицки–Кац-МАТИЧАР НА МАКЕДОНСКИОТ АВТО СПОРТ

27/10/2022

КАКО ВО РОМАНТИЧНА ПРИКАЗНА, ЕДЕН СИМПАТИЗЕР И ВЉУБЕНИК ВО ТРКИТЕ, УСПЕА СВОЈАТА ПАСИЈА ДА ЈА ИЗДИГНЕ НА ПОВИСОКО НИВО И ДА СТАНЕ ДЕЛ ОД ШОУТО, ВОДЕЈЌИ ЛИЧНА СТАТИСТИКА ЗА ИСТОТО

 

Автомобилизмот се сака со срце, со душа, но и со бројки кои ја раскажуваат историјата на нашите трки во нетипичниот нумерички израз. Владимир Карчицки ги следи трките од македонските првенства на ридски и кружни патеки, а потоа ги внесува резултатите во својата архива, што датира од осамостојувањето на Македонија. Од обичен гледач, тој со текот на годините се етаблираше во спортските кругови како добар познавач на состојбите во македонскиот автомобилизам, но и пошироко во балканскиот реон. Дополнително, денеска тој често е ангажиран и во службата за мерење на времето, со што најчесто и прв стигнува до резултатите кои сите ги чекаат.

АМСМ КМ: Приказната звучи „филмски“, иако се однесува за македонскиот авто спорт. На почеток, би те замолил на поширокиот дел од публиката да им доловиш од кога датира твојот интерес за автомобилизмот и од кога ги следиш трките во македонскиот шампионат?

Владимир К: Уште во тинејџерските години покрај училиштето, главна преокупација ми беше спортот. Во тоа време редовно следев преноси од Формула 1 и пројавив интерес и за авто спортот. Затоа, еден пролетен викенд веднаш го прифатив предлогот на брат ми да одиме на трка на Водно. Случајно или не, тоа беше првата трка што се одржа од осамостојувањето на Македонија во 1992 година. Да се надоврзам на воведот во прашањето, можам да кажам дека тоа беше „љубов на прв поглед“. Адреналинот беше сосема поинаков кога тркачките автомобили поминуваат на метар од тебе, кога во боксот може да се погледнат одблиску сите моменти околу нивна подготовка за старт, како и да се чујат коментарите на искусните познавачи од авто спортот. Потоа, редовно почнавме да одиме на трки по патеките низ Македонија.

АМСМ КМ:Јас како новинар те запознав пред 20 години, кога за првпат почна со собирањето на резултати од македонските трки и нивно хронолошко следење. Колкава е денеска твојата архива на резултати, колку државни првенства на ридски и кружни патеки се индексирани од твоја страна?

Владимир К: Секако мојот интерес не застана само со следење на трки, успеав преку роднини да најдам постари авто списанија во кои ги имаше резултатите од трките, потоа почнав и сам да купувам весници и списанија, полека ја зголемував мојата архива и водев посебен тефтер за секоја сезона од македонскиот шампионат. Годинава се навршија 3 децении од таа прва трка кај нас, а секоја сезона досега ја имам веќе префрлено во електронска форма. Шампионатот на ридски патеки се одржуваше непрекинато од 1992 до 2001 година, потоа од 2012 до 2014 година се возеше само трката на Водно, во 2017 се возеа 2 трки во Пробиштип, а од 2018 година повторно редовно се одржува. Шампионатот на кружни патеки се одржуваше редовно од 1995 до 2010 година, а потоа и 2018 и 2019 година.

Севкупно тоа се 196 официјални трки (124 ридски и 72 кружни) во изминатите 30 година. Дополнителното во мојата архива имам резултати на трки во различни купови и неофицијални трки.

Покрај тоа, имам статистика за освојувачите на дијамантски и златни кациги, шампионски титули, победници и рекордери на патеки, како и индивидуална статистика за секој од над 300 натпреварувачи кои настапиле во шампионатите од овие 2 дисциплини. Паралелно со македонскиот шампионат од 2002 година започнав со следење на шампионатите во соседството и регионот, а во 2003 година со група од истомисленици и вљубеници во авто-мото спортот од поранешна Југославија го основавме порталот „Пун гас“. Тоа беше вистинско освежување во тоа време, сите резултати од трките можеа да се најдат во брзо време на „Пун гас“ форумот и затоа имаше голема посетеност.

АРХИВАТА СЕ ПРОШИРУВА

Мојата архива ја дополнував и со резултати од трките во регионот, а следните десеттина години ми беа исполнети со посета на многу трки од европски, регионални и национални шампионати во Австрија, Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Србија, Бугарија, Грција, Албанија и Косово. Во последно време почнав да истражувам и да барам резултати од трки почнувајќи од 1978 година кога била првата трка на Водно, па сè до распадот на Југославија и последната сезона во 1991 година. Иако потешко се наоѓаат овие резултати преку пријатели и нивни познаници, полека, но сигурно ја комплетирам и таа архива. Годинава со нетрпение го очекувам секој настап на нашите Виктор Давидовски во ТЦР Европа и Игор Стефановски во ФИА европскиот шампионат на ридски патеки со што ја дополнувам статистиката за учество на македонски натпреварувачи на меѓународен план.

 

АМСМ КМ: Познатата изрека на Марк Твен е дека „постојат лаги, поголеми лаги и статистика“. Претпоставувам дека тоа се должи на можноста некои факти да се толкуваат на различен начин, во корист на една или друга страна, но што станува со тркачките резултати?

Владимир К: По вокација сум математичар и секогаш велам дека математиката е егзактна наука. Статистиката може прецизно да ни одговори кој колку пати победувал, кој бил шампион со најмногу титули, но не може да ги долови случувањата од секој тркачки викенд. Толкувањата секогаш може да се прилагодат кон сопствените потреби, но историјата и фактите не може да се избришат или занемарат.

АМСМ КМ: Дали имаш изведено некои факти од типот, кои се најуспешните возачи во македонските првенства, кои од нашите тркачки великани имаат меѓусебни скорови кога настапувале во иста конкуренција и слично на тоа?

Владимир К: Да, секако. Веќе напоменав дека имам таква статистика, збирно во ридскиот и кружниот шампионат досега најмногу титули 10 имаат остварено 3 наши натпреварувачи: Блаже Јанакиевски (3 златни кациги и дијамантска во 2008 година), Крсте Трајковски (3 златни кациги и дијамантска во 2011 година) и Илија Малинковски (1 златна кацига). Со оглед на тоа што ги имам времињата и пласманите од трките во изминатите 3 децении може лесно да се видат остварувањата во меѓусебните дуели на најдобрите наши автомобилисти. Работата е малку посложена кога се гледаат и резултатите постигнати од наши возачи во странски трки или европски првенства, бидејќи сепак тоа се поинакви натпреварувања од нашите шампионати, но со непристрасно толкување на фактите може да се заклучи дека Виктор Давидовски е најтрофеен возач на кружни патеки, а Игор Стефановски на ридски патеки.

АМСМ КМ: Дури и на светската сцена постојано се во оптек приказни од типот, „кој е подобар Шумахер или Хамилтон“ или „да беше Сена жив колку титули ќе освоеше“. Постојат ли вакви „закачки“ и за македонските возачи, за нивните победи или титули во различни категории, па дури и во различни земји и различни шампионати?

Владимир К: Нормално како и во секој спорт, вљубениците имаат еден или повеќе свои миленици за кои навиваат. Често се случува, со оглед на тоа дека сум познат како единствен кој има толку обемна архива и статистика, да ми се јават поранешни натпреварувачи за да ме прашаат кое време имале на трка која била пред 20 и повеќе години. Еден од нив ми се јавуваше почесто и ме нарече „матичар на македонскиот авто спорт“. Кладбите се редовни пред да ми се јават, така да секогаш внимателно проверувам пред да им ја доставам потребната информација. Од една таква споредба на двајца мои блиски пријатели, со оглед на тоа што скорот беше нерешен 2:2, произлезе да организираме нивна меѓусебна трка во картинг. Но, за да биде поинтересно поканивме повеќе од 40 натпреварувачи да бидат дел од „Трката на шампионите“ и целиот настан беше многу позитивно оценет од сите присутни и заврши со прекрасно дружење. Исто така, имам помогнато на повеќе натпреварувачи да се подготви нивна биографија и буџет за подобро претставување пред спонзорите, медиумите и пошироката публика.

АМСМ КМ: Денеска те гледаме како дел од службата за мерење на време „Тајминг солушн Македонија“, па си присутен во уште повеќе спортови. Дали можеби собираш и резултати од нашите мотоциклистички односно мотокрос трки? До каде е проширен твојот интерес за статистиката?

Владимир К: Што се однесува до мото спортот, се сеќавам дека уште како мал со татко ми одевме на мотокрос трките кои се одржуваа на патеката Зајчев рид за шампионатот на Југославија. Од 2005 година активно се вклучив во авто-мото спортот, полагав и се стекнав со лиценца на спортски функционер. Во 2007 година кога на иницијатива на Зоран Наумовски-Кизо се основаше Мотоциклистичката федерација на Македонија (МФМ), бев еден од основачите. Токму Кизо е „виновникот“ што како екипа во 2008 година почнавме да мериме време на трки. Тој донесе мерна опрема на мото трката на патеката во Кичево.

Заедно со Велибор Каевски-Вили и Деан Блажевски-Глауч брзо ги поделивме должностите околу мерењето време, тотализацијата и обработката на резултатите и видовме дека можеме успешно да ја извршуваме и оваа одговорна работа без која не може да се замисли ниту еден натпревар.

Потоа набавивме понова, посовремена опрема и во првата екипа од тимот се приклучи Коста Ефтимов-Коки. Досега имаме мерено време на преку 300 натпревари во повеќе спортови: автомобилизам, мотоциклизам, кајак, скијање, велосипедизам и трчање во 7 држави од Балканот. Годинава за првпат бевме одговорни за мерење време и обработката на резултатите на трка од ФИМ светскиот мотоциклистички шампионат во хард ендуро во Србија. Во периодот од 2008 до 2018 година прво бев технички секретар, а потоа и генерален секретар на МФМ и ја докомплетирав својата архива од македонски мотоспорт, пред сè резултатите од мотокрос трките. Годинава ги мериме времињата на сите трки од македонскиот мотокрос шампионат, како и од БМУ европскиот шампионат во Крешево (БИХ) и на мое задоволство прв ги дознавам резултатите и веднаш ги архивирам.

АМСМ КМ: На крајот, чувствуваш ли потреба да објавиш некаков труд, зборник на резултати или да ја направиш твојата архива „јавна“, со што би станала достапна за пошироката публика?

Владимир К: Првата идеја за објавување на печатена верзија на мојата архива ја имав во 2005 година кога го добив Специјалното признание за промоција на авто-мото спорт во чест на 100 годишнината од првиот автомобил во Македонија во организација на АМСМ. Целиот концепт за монографија на македонски автомобилизам планирав да го предложам на АМСМ, меѓутоа потоа дојде до формирање на посебни федерации за автомобилизам и мотоциклизам, а АМСМ поради одредбите од Законот за спорт повеќе не можеше да ги организира шампионатите од авто-мото спорт. Потоа се „оладив“, а и дигитализацијата придонесе печатените верзии да не се толку пожелни од публиката. Втора идеја што ја имам е реализација на документарна серија во кој би говореле нашите стари и нови асови, дополнета со нивните постигнати резултати и преглед на сите сезони. Третата идеја што е можеби најлесна и наједноставна за реализација е креирање на веб страница со сите резултати кои ги имам, биографии на натпреварувачи, поединечна статистика и др., а во изминатата година многу од тоа прилагодив за електронско објавување.

 

Александар Табаковски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.