Интервју со Марио Изола – Пневматиците се развиваат и кога нема промена на правилата

05/01/2019

ОТКАКО Е ВЛЕЗЕН ВО ФОРМУЛА 1, ПИРЕЛИ СЕ СООЧУВА СО РАЗНИ БАРАЊА ОКОЛУ ПНЕВМАТИЦИТЕ КОИ ТРЕБА ДА ПРЕТСТАВУВААТ СВОЕВИДЕН ЗАЧИН НА ЦЕЛОТО ТРКАЧКО ШОУ. ОД ГОДИНА ВО ГОДИНА ПРАВИЛАТА СЕ МЕНУВААТ, А КОМПАНИЈАТА „ПОСИЗОЛААНО“ ИНВЕСТИРА ВО НОВИ ТЕХНОЛОГИИ, ПА СО НОВИОТ ДОГОВОР ПРЕЗЕМА ОБВРСКА ОД 2021 ГОДИНА ДА ИСПОРАЧУВА ПНЕВМАТИЦИ КОИ ЌЕ ИМААТ ДИЈАМЕТАР ОД 18 ИНЧИ СО ЦЕЛ НИВНОТО ЗНАЕЊЕ И УМЕЕЊЕ ПОЛЕСНО ДА МОЖЕ ДА СЕ УПОТРЕБИ ПОДОЦНА ЗА ПРОИЗВОДСТВО НА ПАТНИЧКИ ПНЕВМАТИЦИ НА АВТОМОБИЛИТЕ.

 

КМ: Пред сезоната најавивте дека очекувате времиња кои ќе бидат две секунди побрзи по круг, дали сте во рамки на тие очекувања или можеби побрзи или побавни?

Изола: Кога зборувавме за две секунди, тоа беше за просечна патека, како во Барселона, или слично. Тие можат да бидат и повеќе на поголеми кругови, како во Спа, и да биде помалку на пократки секвенци, како во Австрија. Мислам дека сме ја оствариле целта горе-долу во однос на подобрување на перформансите во однос на минатата година. Ако ја гледате Барселона, да ви дадам патека која е добро позната, беше многу импресивно да се види дека ако се спореди 2015, пред 3 години, со 2018, сега сме девет секунди од круг побрзи! Девет секунди од круг е многу. Овие Ф1 болиди сега се најбрзи досега, тоа е сигурно. На некои патеки сè уште има некои стари рекорди кои не се урнати, од болиди кои возеле во 2004, 2005 година. Се сеќавам дека во 2004 и 2005 година болидите биле 130 килограми полесни од денешните. Ако го земете предвид влијанието на тежината кое е грубо една секунда на 35 килограми, тоа значи дека ако извадите 130 килограми, тие болиди се 4 секунди побрзи. Тоа е навистина многу во споредба со денешната Формула 1.

 

КМ: Имаше идеја дека годинава ќе видиме два пит-стопа во трка. Сепак, многумина си ја испробуваат среќата и експериментираат со еден пит стоп во трка?

Изола: Да, го зборуваме тоа со ФИА и со промотерската компанија, целта беше да се има два пит стопа во трка, а моментално во повеќето трки има само еден. Но, исто така, имавме целно писмо, пред две или три години, каде што имавме бројки кои треба да ги постигнеме, бројки за времињата, за смесите, нивото на деградација на трите смеси кои ги одбираме за секоја трка, и направена беше пресметка на овие броеви, земајќи предвид дека имаме трки со еден пит стоп, два пит стопа и три пит стопа, со различни стратегии но со истото време по трка. Ова значи дека ако таргетираме два пит стопа, при стратегија со еден пит стоп која е многу слична, сите ќе одат на еден пит стоп зашто е помалку ризично, имате помала можност да се вратите во мешаница, а знаете колку е тешко престигнувањето со овие болиди, имате помал ризик да направите грешка за време на пит стопот. Значи, ако имате различни стратегии, но целосното време за трка со еден, два или три пит стопа е слично, целта на сите ќе биде еден пит стоп. Но, треба да направиме нова калкулација за да имаме стратегија со два пит стопа која дава предност во однос на таа со еден пит стоп, но не премногу. Зошто тогаш сите ќе одат на два пит стопа, сите ќе имаат иста стратегија, сите ќе застануваат во истиот круг првиот пат и во истиот круг вториот пат, а ние не го сакаме тоа. Сакаме да создадеме диференцијација во стратегиите за да има повеќе акција на патеката. Ако има еден, два или три пит стопа, и сите запираат во истиот круг и така не создаваме диференцијација, не создаваме повеќе акција на патеката.

 

КМ: Колку се суштински разликите меѓу одредени смеси? Малку е чудно да се имаат четири типа на меки гуми?
Изола: Да, да, да. Во основа затоа што го поместивме целиот ранг кон помеката страна. Лани беше прва година со поширока нагазна површина и сфативме дека сме малку преконзервативни. Им благодариме на тимовите што обезбедија доволно информации. Беше многу тешко да се направи соодветна гума за новиот болид, со повеќе даунфорс, поширока гума, исто така. Годинава решивме да го поместиме рангот кон помеките гуми, да додадеме повеќе смеси за да се добие на флексибилност и да ги испровоцираме тимовите да одат со стратегии со две застанувања, но тие „се снајдоа“ и ја контролираа својата брзина во трка за да го продолжат животниот век. Од таа причина, сега имаме многу смеси со различни имиња. Разбирам дека понекогаш на гледачите не им е лесно да ги разберат сите овие бои и компаундс, затоа дискутираме со ФИА за следната година да имаме поинаков пристап. На трката секогаш ќе има три типа на пневматици: тврди, средни и меки со три бои за секој тркач. Тогаш гледачите ќе гледаат три бои и три имиња, но под овие три имиња ние ќе имаме различни смеси, зашто очигледно за различните патеки ни требаат различни гуми. Не можете да се тркате во Монте Карло и на Сузука со истите компаундс. Ќе најдеме начин да им ја пренесеме вистинската информација на сите без да го збуниме гледачот за тоа што правиме во текот на трката. Оваа година имавме поинаква ситуација, имавме смеси кои се премногу близу, како меки, супер меки и ултра меки, а идната година ќе направиме пет нови.

 

КМ: Дали можете да ни откриете со кои смеси планирате да ја направите 2019 година поинтересна?
Изола: Оваа сезона многу малку се користеа „супер-тврдите“, така што тие ќе ги елиминираме, додека ќе ги задржиме „тврдите“ и „медиум“ кои сепак ќе бидат малку помеки од досега. Најверојатно смесата на „меки“ гуми ќе остане идентична, додека „супер-меките“ ќе бидат укинати. Досегашните две најмеки смеси наречени „ултра“ и „хипер“ ќе продолжиме да ги употребуваме со извесни корекции за подобрување. На пример, „хипер-меките“ се покажаа доста добри за перформанси, но префериравме да имаме подобар механички отпор за да спречиме распаѓање, па ќе бидат консолидирани, додека „ултра-меките“ ќе бидат за нијанса поконкурентни.

 

КМ: Што станува со безбедноста и почитувањето на препораките кои ги давате? Дали тимовите ги почитуваат или сепак ги користат по сопствено убедување?
Изола: Сега системот е многу поцврст отколку во првите години кога бевме во Формула 1, бидејќи тимовите ни даваат податоци. Со тие податоци можеме да разбереме колкав е стресот на гумите и потоа да ги подесиме во тестирањето на тестот за интегритет под вистинските услови. Тие треба да ги следат и почитуваат нашите насоки, во однос на минимум притисок и максимум температура. Нашите бројки се даваат за безбедност, не за перформанси. Перформансите зависат од тимот, да разберат како да ги употребат гумите за да постигнат максимални перформанси. Ние им даваме препораки само за безбедност. Верувам дека сега сме на многу многу добро ниво, не сме загрижени за иднината, ги надгледуваме сите детали, има некои ситуации кои мора да ги земеме предвид. Ние секогаш се трудиме да развиеме нови материјали, да бидат поотпорни на пукнувања, повеќе да ја заштитиме гумата, но особено ако гумата е потопла, тогаш има најголема веројатност за пукнување.

КМ: Најавено е промена на пневматиците во 2021 година, да се заменат сегашните гуми со дијаметар од 13 инчи со нови кои ќе имаат пречник од 18 инчи. Какви се предизвиците за конструирањето на тие нови пневматици?
Изола: Нашите инженери веќе работат на тој проект, бидејќи за да се направи солидна гуми е потребно многу време, особено што постои и план да се укинат електричните „ќебиња“ за загревање на гумите. Работејќи во Формула 1, ние не развиваме само нови смеси, туку и испитуваме материјали, развиваме производствени процеси, решаваме ситуации кои подоцна ни овозможуваат знаење и умеење што го пренесуваме на обичните патнички возила. На пример, кога во 2014 година се воведоа турбо моторите, се зголеми параметарот за влеча. Тоа доведе до мало пролизгување на гумата од бандажот, поради што моравме да развиеме поинаков раб на гумите, а потоа тој дизајн го применивме во гумите што ни се за спортски возила. Конкретно кај 18 инчните пневматици страничниот ѕид ќе биде помал и работи како дел од суспензијата на болидот. Јасно е дека тимовите ќе мора да имаат промени во тој дел на конструкцијата, но исто така, и ние ќе мораме да го одработиме нашиот дел. Ќе има поинаква еволуција на притисокот, гумите ќе бидат ладни на стартот и ќе треба да бидат напумпани на одредена температура, а потоа ќе треба да се загреат на температура од 120 степени. На тој начин и притисокот ќе се зголеми, а тоа ќе треба да се контролира. Со 18 инчни пневматици ќе има потреба да се загреат гумите многу побрзо, нема да може да се чека 5-6 круга, а тоа ќе бара нови смеси. Управливоста ќе биде поинаква, така што има навистина многу области кои треба да се набљудуваат, а воедно да се соработува со тимовите за да се тестираат очекуваните перформанси.
Така постапивме и кога се зголеми нагазната површина на гумите во 2016 година, неколку пати разменивме виртуални модели на гуми и перформанси, така што благодарение на тие повратни информации можевме да развиеме производ кој ќе одговори на сите барања. Целта е да се задржат истите перформанси, односно ако сега ги ставиме тие нови пневматици на сегашните болиди, да се задржи нивото.

 

КМ: Спомнавте дека сте тестирале во симулатор, можете да ни појасните како го изведовте тоа?
Изола: Имаме виртуелен симулатор каде што развиваме дел од технологијата. Преку користење на виртуелен термо-механички модел на пневматиците се обидуваме да ги реплицираме перформансите, однесувањето на гумите на патеката, па кога имате такви сознанија, многу лесно е да ги реплицирате на патничките возила. Многу е побрзо и поевтино да се прават измени на таквиот виртуелен модел, а потоа на патеката да ги тестирате само оние кои се покажале како најдобри солуции, а не сите. На тој начин процесот станува и побрз и подобар.

 

КМ: Од еден аспект вие сте италијанска компанија, но сте на меѓународниот пазар. Имате нови сопственици од Кина, па морате да ги комбинирате двете земји. Дали ова влијаело на деловната страна или треба да мислите и на тоа за време на трките со Пирели?
Изола: Искрено, не, зашто Кинезите, како што рековте, се новата сила која влезе во компанијата. Тие и веруваат на компанијата, па продолжуваме да работиме како и во минатото, се обидуваме да направиме нешто добро за компанијата. Нашите кинески инвеститори досега се среќни за нивната одлука да бидат дел од компанијата.

КМ: Кога ви беше барано да произведете гуми кои побрзо ќе се распаѓаат и возачите почесто ќе влегуваат во бокс се случи возачите да бидат незадоволни и тоа да проструи во јавноста. Како ја менаџериравте таа ситуација?
Изола: Тоа беше предизвик, зашто со години работевме на технологијата за да ги направиме пневматиците издржливи, без деградација. Значи, тоа барање беше поинакво, да произведеме пневматици со поголема деградација, за да го подобриме шоуто, да има поинаква ситуација отколку во минатото, со повеќе престигнување. Би рекол дека го постигнавме тоа зашто ако ги погледнете бројот на претекнувања во 2011 и 2012 година, тие се многу повеќе отколку претходните две години.
Тогаш особено возачите не беа среќни, зашто деградацијата беше преголема, и тие рекоа дека сакаат да има помалку деградација. Тогаш, во вториот момент рековме, добро, мораме да седнеме сите заедно, со возачите и тимовите и да решиме сите заедно што сакаме. Тоа беше на почетокот на 2015 година, а потоа имавме голем состанок во Милано, креиравме соодветен документ, како што би се рекло целно писмо со целосни дефиниции за гумите со кои се согласија сите.
Тоа беше многу корисно, зашто имавме нешто за што се договоривме и почнавме да работиме на тоа, а не само да следиме еден или друг коментар. Мислам дека сега тоа е правилниот пристап и треба да се продолжи во таа насока. Ако во иднина, актерите од овој договор решат да имаат нови болиди или нови гуми, нови смеси, важно е да седнеме пак и да се договориме што сакаме и тогаш можеме да работиме во таа насока.

 

КМ: Своевремени Хирохиде Хамашима од Бриџстон направи трансфер во Ферари, откако целата своја кариера ја помина во компанијата за пневматици. Дали и вас ве привлекува таков предизвик?
Изола: Искрено, моментално сум среќен што работам во Пирели. Веќе 22 години работам во Пирели и во иднина се гледам овде. Во Формула 1 сме осум години, со новиот договор ние ќе направиме 13 години, а притоа се соочуваме со различни и нови технички предизвици во оваа „лабораторија на отворено“. Снабдуваме околу 15% од пазарот на престижни автомобили, имаме навистина многу моменти кои не окупираат и веќе размислуваме за тоа што треба да направиме во иднина со гумите.
Знаете, дури и да нема промена во правилата, тимовите постојано ги развиваат болидите, а пневматиците мора да одговорат на новите барања од тие возила.
Кога имам слободно време се обидувам да останам во контакт со пријателите, или да волонтирам во итната медицинска помош, вообичаено за време на празниците, како на пример за Божик. Повеќе години наназад возам во ноќните смени, од седум навечер, до седум наутро…

 

Александар Табаковски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.