Интервју со Игор Стефановски Иџе – Само трките од Европското првенство ме мотивираат да запнам

04/02/2019

ИГОР СТЕФАНОВСКИ – ИЏЕ Е НАШ ТРАДИЦИОНАЛЕН СОГОВОРНИК МЕЃУ ДВЕ ТРКАЧКИ СЕЗОНИ, А ОВОЈ ПАТ СЕ ОСВРНА НА СВОЈАТА ПРВА СЕЗОНА ВО ТЦР ЕВРОПА, ЕДИНСТВЕНА ТРКАЧКА СЕРИЈА НА КРУЖНИ ПАТЕКИ НА СТАРИОТ КОНТИНЕНТ. ДОСЕГАШНИТЕ ТРКИ ОРГАНИЗИРАНИ „ПОД КАПАТА“ НА ФИА (ЕТЦЦ И ВТЦЦ) СЕ ПРИКЛОНИЈА КОН НОВОТО ПРВЕНСТВО, А СО ТОА И КВАЛИТЕТОТ Е МАСИВНО ПОДИГНАТ, ПРИ ШТО СТЕФАНОВСКИ ВО ЦЕЛИОТ ПРЕДИЗВИК ВЛЕГУВА НЕ САМО КАКО ВОЗАЧ, ТУКУ И КАКО СОПСТВЕНИК НА ТИМ.

 

Клуб Мобилити: Зад нас е првата сезона на натпреварување од првенството на Европа во конкуренција на ТЦР возилата. Каков е заклучокот, дали се избистрија сите позитивни и негативи страни?

СТЕФАНОВСКИ: Морам да бидам искрен и да кажам дека со престројувањето на светската ТЦР серија, која сега е единствен таков шампионат за туринг возила, нивото на европското првенство драстично порасна за само една година. Возачките величини како Фаjлс, Таши, Борковиќ, Џованарди и другите придонесоа за ова првенство да добие на тежина и да бидам искрен, на почетокот сметав дека тоа е добро бидејќи ростерот на учесниците ќе биде направен од респектабилни противници. Беше тешко во такви услови да се преговара со одредени екипи за ангажман, бидејќи одеднаш се ослободија повеќе возачи кои лани учествувале во двете светски првенства кои сега се унифицираа. Се формираше своевидна елита од оние возачи кои порано настапуваа во светската серија и во такви услови проценив дека е најдобро да настапам како независен тим со сопствено возило, а тоа повлече со себе голема борба на организациски план.

Дефинитивно тоа ми одзема многу време, фокус и нерви, посакувам да можам да имам услови да се фокусирам само на моето возење.

 

Клуб Мобилити: Дали сè уште веруваш дека првичниот избор на автомобил од марката Хјундаи се покажа како добра одлука со оглед на тоа што претходно возеше Сеат?

СТЕФАНОВСКИ: Јас имав можност да го тестирам ова возило во Италија на патеката „Тацио Нуволари“ и немаше сомнеж дека станува збор за побрзо возило кое има огромен потенцијал. Сеатот не беше воопшто слаб петходно, напротив мислам дека производителот сам згреши што ја менуваше тркачката спецификација за 2018 година.

Хјундаи цела претходна сезона се подготвуваше за влез во ТЦР, но организаторите на почетокот како да беа уплашени од перформансите. Имавме премногу ригорозен БОП (баланс на перформанси), но од друга страна, тој важеше за сите.

 

Клуб Мобилити: Главно прашање е дали сезоната ќе имаше поинаков тек да не беше излетувањето на првата трка во Франција?

СТЕФАНОВСКИ: Се согласувам дека тој судар во Франција ни ја трасираше среќата и можностите за повеќето следни натпревари, но не сум убеден дали ќе имавме навистина многу подобри пласмани бидејќи набавката на возилото беше направена по истекот на рокот и го добивме на само два дена пред првата трка. Тој инцидент на патеката „Пол Рикар“ оневозможи добро да го запознаеме возилото во тркачки услови и со тоа загубивме драгоцено време бидејќи дури и на крајот од јуни имавме можност да го тестираме во полна сила на патеката „Гробник“ во Хрватска. Недостатокот на резервни делови се покажа како лоша страна, но и покрај тоа бев убеден дека го имаме најбрзиот и најдобриот автомобил бидејќи конкурентите со истото возило правеа „дар-мар“ на првите неколку трки.

 

Клуб Мобилити: Колку беа евидентни разликите во конкуренцијата и во одржувањето на дисциплината споредено со европското првенство кое што ФИА го организираше минатите две сезони?

СТЕФАНОВСКИ: Слободно можам да кажам дека санкционирањето на возачи те во претходното европско првенство (ЕТЦЦ) беше на многу повисоко ниво што јас го искусив и на своја кожа кога заработив казна на последната трка иако се борев за титулата. Едноставно стјуардите дозволија да има многу поблиски дуели во ТЦР Европа, но мислам дека тоа беше злоупотребено од некои возачи кои буквално демонстрираа опасно возење, особено при стартот на трките. Би рекол дека и двете крајности не се добри, за сите нас потребно е да има одредена слобода за маневрирање на патеката но мора да се знае границата и санкциите да бидат конзистентно спроведувани во континуитет за да има навистина добри тркачки дуели.

 

Клуб Мобилити: Сепак на крајот од сезоната го активираше ланското возило Сеат и направи паралела меѓу него и сегашното со учество во Монца на трка од ТЦР Италија кон крајот на септември. Зошто ти беше потребна таа споредба?

СТЕФАНОВСКИ: Вистина е дека сакав да ја почуствувам разликата особено што поради некои дефекти не бевме во можност да го извадиме максималниот потенцијал што го нудеше Хјундаи. Едноставно не сакав да ја обвинувам само лошата среќа, сакав да проверам и да не е нешто до мене како возач, но ете добрите резултати во тој настап ме разубедија. Беше добро да се почувствува дека на истата патека каде што претходно возев со новиот автомобил и имав страшни проблеми, само една недела подоцна успеав да се борам за врвот иако во друга конкуренција. Инсистирав на тој тест дури и за да им покажам на инженерите на Хјундаи дека навистина има и некаков посериозен проблем кај моето возило кое тие не можат да го лоцираат. Верувам дека после таа трка посериозно ме сфатија бидејќи со ланскиот Сеат се борев за победа и за подобри времиња отколку со новиот автомобил.

 

Клуб Мобилити: Од друга страна, за нас делува интересно дали е можно македонски возач по таквата демонстрација на квалитет да се одлучи да вози и евентуално да го освои националното првенство на некоја друга земја, како во случајот со ТЦР Италија, за да докаже дека треба да добие шанса во некоја силна екипа од ТЦР Европа. Би се обидел ли да направиш таков потег?

СТЕФАНОВСКИ: Апсолутно не, иако секогаш е подобро кога се бориш за победи. За мене првенството на Европа е предизвикот што ме влече. Колку и да се силни првенствата на Италија, Германија или на некоја друга земја сепак тоа е понизок квалитет и за мене тие не се доволно интересни за да настапувам во таква конкуренција. И јас по она што го видов таму верувам дека можам да бидам конкурентен и да се борам за титулата, но таа не ми значи ништо, сметам дека конкуренцијата е премногу слаба. Само ТЦР Европа „вреди“ од гледна точка за да се мотивираш и да „запнеш“, дури и кога работите не одат како што треба.

Клуб Мобилити: Кога сме веќе кај плановите за иднината, дали е веќе склопен мозаикот за 2019 година?

СТЕФАНОВСКИ: За жал, сè уште не. Иако и јас посакував оваа година тоа да биде многу порано а не како лани. Не сакам никого да обвинам меѓутоа нашите компании имаат лимитирани можности да спонзорираат врвни спортисти, а во овој спорт без сериозна финансиска конструкција едноставно не можеш да преживееш. Како што спомнав и во претходниот одговор, моја цел останува Европското првенство бидејќи сакам да возам против најдобрите, најсилните и најподготвените, а колку и да се интересни другите трки од национаните првенства едноставно не ме привлекуваат. ТЦР шампионатот на кружни патеки е мојата прва опција, но доколку не успеам да ја затворам потребната конструкција ќе се обидам можеби во друго европско првенство, евентуално на ридски патеки каде што веќе освоив 2 титули во минатото, но чувствувам како да имам „недовршена мисија“ особено во класата на прототипови, за кои размислував во последно време.

 

Клуб Мобилити: За првпат се случува еден наш возач на меѓународен план да настапува таму каде што има уште еден македонски пилот па ме интересира, во колкав размер трките против Давидовски беа „експлозивни“ како и против секој друг конкурент?

СТЕФАНОВСКИ: Има само една вистина а тоа е дека кога си на патеката сакаш да бидеш побрз и да ги победиш останатите. Сите ние можеби тактизираме во одредени моменти, на тренинзите, на квлификациите, но кога ќе дојде моментот на трка најмалку сме заинтересирани за тоа кој е пред нас, едноставно гледаме да го престигнеме и да бркаме уште повисока позиција. Верувам дека тоа не важи само за мене, туку за сите, и дека најмалку е битно дали си сонародник со некој друг возач бидејќи на патеката сите сме ривали. Ние возиме во различни тимови со различни автомобили, па единствената добра страна е тоа што има двајца возачи од Македонија што се обидуваат да и покажат на европската елита дека имаат храброст самите да се справат со сите предизвици. Тоа само ја поставува Македонија на подобро, повидливо место на тркачката мапа во Европа.

 

Клуб Мобилити: Очекуваш ли наскоро да има и уште повеќе македонски возачи во ТЦР Европа?

СТЕФАНОВСКИ: Сосема е извесно дека доаѓаат млади возачи кои што, исто така, ќе си го бараат своето место под сонцето, а јас искрено се надевам дека ќе бидам во можност да пренесам дел од моите знаења и искуства и со тоа да им помогнам на заинтересираните. Во моментот мојот тим „Стефановски рејсинг“ настапува смо со едно возило, но ако се создадат услови да имаме уште еден возач и уште еден автомобил тогаш би можеле заедно да се обидеме да ги постигнеме сите цели и да ги израдуваме нашите навивачи и општо љубителите на трки во Македонија.

 

Александар Табаковски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.