НА САМИОТ ПОЧЕТОК НА ФОРМИРАЊЕТО, ТОРО РОСО БЕШЕ ПРЕДВОДЕН ОД ГЕРХАРД БЕРГЕР, ПОРАНЕШЕН ВОЗАЧ ВО ФОРМУЛА 1 И ПОЗНАТ ПО СВОЈОТ СТАТУС НА ПЛЕЈБОЈ, НО ТАКВОТО ПАРТНЕРСТВО СО РЕД БУЛ ИАКО ИЗГЛЕДАШЕ ИДЕАЛНО НА ХАРТИЈА, ТРАЕШЕ КРАТКО. ОД МОМЕНТОТ КОГА БЕРГЕР ЗАМИНА, ТОРО РОСО Е ПРЕДВОДЕН ОД ФРАНЦ ТОСТ, КОЈ ВЕЌЕ ЦЕЛА ДЕЦЕНИЈА Е НА ОВАА ПОЗИЦИЈА И ПРЕРАСНА ВО КЛУЧЕН ЧОВЕК КОЈ ЈА ВОДИ ПОЛИТИКАТА ЗАЦРТАНА ЗА ДАВАЊЕ ШАНСА НА МЛАДИТЕ ПИЛОТИ.
Клуб Мобилити: На почетокот би сакал да ве прашам повеќе за вашите искуства со Хонда бидејќи сите зборуваат за очекувањата кога следната година Ред Бул ќе ги има овие мотори и ќе сака да се бори за првите позиции, а во моментот вие ги имате сите тие податоци на располагање. Видовме дека Торо Росо со Хонда може да освои неколку пласмани во топ пет оваа година, но што е тоа што може да се очекува за 2019 година, всушност вие најдобро го знаете?
Тост: Изминува точно една година кога одлучивме Торо Росо да се трка со моторите на Хонда и тоа можам да кажам дека беше апсолутно исправна одлука. Од зимските тестирања на почетокот од сезоната, па сè до крајот Хонда направи големи чекори напред, како на страната на издржливоста, така и на страната на перформансите. Исто така, во текот на сезоната, тие ја подобрија својата брзина, а тоа секогаш не подразбира дека станува збор за коњските сили, туку за менаџментот на сите делови кои што го лимитираат моторот, на некаков начин (двата помошни мотори кои се напојуваат од претходно ослободената енергија, потоа моторот со внатрешно согорување и турбо полнач, акумулаторот) каде што се складира таа конвертирана енергија односно да се комбинираат сите овие елементи на најефикасен можен начин. Тоа воопшто не е лесна задача и Хонда го направи најголемиот напредок токму на ова поле. Сосема сум убеден дека наредната година Ред Бул ќе биде мошне конкурентен со моторите на Хонда и ќе сакаат да се борат за победи.
Клуб Мобилити: Дали тоа значи дека и Торо Росо ќе може да очекува бенефит имајќи предвид дека Хонда ќе мора да биде со својата најсилна спецификација досега, бидејќи Ред Бул е тука да се бори за титулата?
Тост: Се разбира. Ние ќе ја добиеме истата спецификација на погонскиот агрегат како од гледна страна на хардверот, така и од гледна страна на софтверот. Ќе има многу поголема синергија од претходно меѓу Торо Росо и компанијата „Ред Бул Технолоџи“ и поради тоа очекуваме мошне конкурентен пакет за трките во 2019 година.
Клуб Мобилити: Во 2008 година се случи Себастијан Фетел да победи со Торо Росо, што е негова прва победа во кариерата, но оттогаш наваму немаме видено ништо слично. Дали е преостаната дел од таа енергија и од тие желби за победа во денешниот тим на Торо Росо?
Тост: Кога ја освоивме победата со Фетел на трката за големата награда на Италија во Монца 2008 година, тоа беше мошне спектакуларна трка и Фетел имаше извонредно возење во дождливите услови.
Во тоа време екипите беа мошне поизедначени за разлика од денес. Мерцедес, Ферари и Ред Бул се многу понапред од сите други, со што станува сè потешко за некој тим од средината да стигне до победа. Се надевам дека ќе има промени во правилата за 2021 година и дека тогаш повторно перформансите на тимовите ќе бидат на извесно изедначено ниво.
Денеска во Формула 1 има само две класи: Мерцедес, Ферари и Ред Бул се далеку пред сите други. Тоа мора да биде приоритет поставен од страна на Либерти Медиа, бидејќи во спротивно Формула 1 ќе се соочи со проблеми во иднина.
Клуб Мобилити: Дали тоа што вие не припаѓате во таа група значи дека вашиот живот е полесен и дека вие немате притисок за остварување победи како другите тимови?
Тост: Ние секогаш сме мотивирани да се натпреваруваме за најдобрите можни позиции, но да бидеме реалистични, вие ме прашавте за победи во трките. Јас затоа велам, се додека се овие правила и додека врвните екипи трошат 500 милиони долари годишно, а ние трошиме помалку од една третина споредено со нивниот буџет, тогаш не може да се очекува ниту ние, ниту кој било друг тим од средината да освои трки.
Едноставно првите три четири, пет болиди, зависно од тоа колку од нив ќе ја завршат трката се цел круг пред останатите. Да се намали таквата разлика е сосема спротивен проблем, но ние би сакале тоа да се случи, се обидуваме да го направиме спротивното.
Клуб Мобилити: А што се однесува до притисокот?
Тост: Во Формула 1 секогаш има притисок. Тоа пред сè се однесува како на тимот така и на возачите, но и на производителот на моторот. Секој од нас сака да биде фокусиран, да биде во состојба да излезе со најдобри можни перформанси… Буквално секој тим што е во Формула 1 сигурно мора да биде под притисок.
Клуб Мобилити: Школувавте многу возачи во Торо Росо за Ред Бул, почнувајќи од Фетел, преку Рикиардо, Ферстапен и Гасли. Дали може да направите некаква лична евалуација во смисла како некој се разви од нив во подобар возач?
Тост: Лично не се занимавам со такви рангирања. Едноставно Себастијан Фетел четири пати стана светски шампион и има и други возачи кои веќе победуваа на трките како Ферстапен и Рикиардо, и едноставно лесно може да видите кои се најуспешни.
Клуб Мобилити: Дали очекувате еден ден да го видите Макс Ферстапен како освојувач на титула?
Тост: Ако добие коректен болид, и сè во тој пакет се вклопи идеално, тогаш сигурен сум дека и тој би можел да се бори за шампионската титула.
Клуб Мобилити: Во текот на сезоната беше објавено дека техничкиот директор на Торо Росо, Џејмс Ки, сака да си замине од тимот и да направи трансфер во друга екипа, има ли нешто што би можеле да појасните по ова прашање?
Тост: Нема никаков развој во овој момент, нашиот став е дека тој си има договор со Торо Росо. Во овој момент не можам да изјавам ништо друго. Тоа се доверливи информации кои ќе мора да сочекаме за да бидат официјално објавени.
Клуб Мобилити: Во пресрет на оваа трка беше најавено дека од 2021 болидите во Формула 1 ќе користат 18-инчни пневматици, па ме интересира вашиот став по ова прашање во смисла на тоа дека спортот заговара да има технологии што се релевантни за патничките автомобили, па дали така и вие гледате на овие промени во правилата за пневматиците во Формула 1?
Тост: Мислам дека погонските агрегати што ги користиме во моментот со мали измени (мотор со турбо компресор и зафатнина од 1,6 литри и два помошни електромотори со акумулатор за складирање на енергијата) како технологија се мошне добра основа за во иднина и тоа е добро и за автомобилската индустрија. Зошто? Сега сите зборуваат за автомобилите со електронско напојување и тоа е добро, но јас сè уште не сум сигурен кога ќе имаме толку енергија за да ги наполниме сите тие возила што се на патиштата навечер. Мислам дека хибридните возила со мали мотори и турбо компресор и системи за повторно користење на потрошената енергија се пореална опција за иднината бидејќи целта што може да си ја поставите е потрошувачка од 1 литар гориво на 100 километри и притоа да го наполните акумулаторот или барем со половина наполнет акумулатор. Формула 1 во моментов користи таков систем и мислам дека тоа е нешто што може да биде многу интересно за иднината.
Клуб Мобилити: Што очекувате од другите најавени промени на правилата за 2021 година?
Тост: Основата е дека мора да се намалат трошоците во Формула 1. Тоа што некои тимови трошат 500 милиони долари годишно едноставно не е оправдано. Второ, треба да има безбедна дистрибуција на парите што во моментот не е случај, а како трето мора да се направат навистина добри технички правила со цел да се подобрат престигнувањата. Тоа е нешто што навивачите сакаат да го видат, да има борба за позициите, исто како што сакаат прашањето за титулата да биде решено во последната трка, а не неколку трки пред крајот. Ова се клучните нешта по коишто Либерти Медиа и Формула 1 треба да се усогласат и да излезат со заеднички предлог, односно решение.
Клуб Мобилити: Од страна на Ред Бул беше посочено дека доколку не се во борба за победи, би можеле едноставно да си заминат од Формула 1. Дали и ситуацијата за Торо Росо е идентична?
Тост: Мислам дека ако Ред Бул запре, тогаш сигурно ќе запре и Торо Росо. Ако Ред Бул одлучи дека не треба да биде во Формула 1, истото ќе се однесува и на нас.
АМСМ: Дали мислите дека имате вистински поддржувачи на вашиот тим, бидејќи вие сте со сосема поинаков имиџ од првиот тим на Ред Бул?
Тост: Нашата стратегија е мошне јасна. Ние ги поддржуваме Ред Бул и ние сме тим што ги едуцира младите возачи од Ред Бул Драјвер Пул. Во некои случаи сме многу успешни бидејќи Ред Бул ги користи возачите од Торо Росо, а идната година ќе имаме поголема размена на технологии со Ред Бул Технолоџи и тоа е нешто што сопственикот на Ред Бул, Дитрих Матешиц сака да го види.