Интервју со Душан Борковиќ-РЕЛИ ТРКИТЕ СЕ МОЈ ГОЛЕМ СОН!

04/05/2020

ДУШАН БОРКОВИЌ Е ЕДЕН ОД РЕТКИТЕ ВОЗАЧИ ОД БАЛКАНОТ КОЈ УСПЕАЛ ДА НАПРАВИ РЕЗУЛТАТИ ЗА ПОЧИТ НА ИНТЕРНАЦИОНАЛНО НИВО И ДА СЕ ЕТАБЛИРА ВО САМИОТ ВРВ НА СЕКОЕ НАТПРЕВАРУВАЊЕ ВО КОЕ ШТО УЧЕСТВУВАЛ.

 

Клуб Мобилити: Сезоната на трки во 2020 година всушност не ни почна, но се заканува да го растури системот на натпреварување и тоа на повеќе нивоа, како националните првенства, така и разните континентални и светски шампионати. Има многу сценарија за тоа што ќе се случува со трките во следниот период, а нас не интересира Вашето мислење, бидејќи на некој начин ова е спорт каде што ривалите се изолирани еден од друг…

Душан Борковиќ: Токму така. Авто-мото спортот е поинаков од останатите. Можеби нема да имаме публика на трибините оваа година, но убеден сум дека ќе видиме акција на патеката. Мислам дека сите календари ќе бидат одложени за крајот на годината и веќе гледаме некои примери како во рели првенствата каде што последната трка е префрлена во декември. Очекувам во некои пониски класи на натпреварување дел од трките да бидат сосема откажани, но автомобилската индустрија врти многу пари така што промоциите низ спортот ќе мораат да се одржат.

Клуб Мобилити: Некогашниот светски првак на Формула 1, Жак Вилнев, предложи да не се прогласува шампион за оваа сезона, туку да се организираат ревијални трки од типот на тениските грен слем турнири. Дали може само еден модел да одговара за сите потребни решенија во спортот, како што е предлогот на Вилнев?

Душан Борковиќ: Ќе видиме! Ова дефинитивно е голем шок и промена за целиот свет, а не само за нашиот спорт. Ќе мора да се адаптираме на вр емето во кое живееме.

Клуб Мобилити: Кои беа вашите тркачки планови за 2020 година пред да избие ов аа криза?

Душан Борковиќ: На почетокот од март, непосредно пред почетокот на вонредната состојба ширум Европа, имав намера да објавам каде ќе се натпреварувам. Сепак, сфативме дека не е време за тоа со оглед на ситуацијата, па така таа објава ја одложивме за понатаму. Кога ќе го победиме овој вирус, дури тогаш можеме да најавиме нови спортски планови и победи.

Клуб Мобилити: Можете ли да направите мала ретроспектива на вашата кариера: почнавте со картинг, но не продолживте кон трките со „едноседи“, во таканаречените конструкции со отворени тркала. Тргнавте по пат којшто е покарактеристичен за нашите подрачја, со ридско брзински трки, а потоа и кружни, и тоа подоцна на интернационално ниво.

Душан Борковиќ: Мојата кариера е долга 25 години. Во 2011 година ми се укажа прилика да се обидам во интернационалните трки и тогаш ја донесов таа одлука. Во овој спорт пресуден фактор е буџетот, па од него зависеше што и кога можам да возам. Во 2011 година почнав во европскиот шампионат на ридски патеки, а кога станав шампион во 2012 година ми беше логично да прејдам во некој нов предизвик. Тогаш се префрлив на кружните патеки, но ми остана голем сон врзан за рели натпреварите. На трките на кружни патеки постигнав многубројни успеси, вклучувајќи ја и титулата во туринг шампионатот за 2015 година, а претходната 2014 имав вицешампионска титула на светското првенство, натпреварувајќи се против легендите како што е Себастијан Леб. Во 2019 година, по пауза од 10 години, имав голем успех и го освоив 52. рели Србија.

Клуб Мобилити: После сите овие успеси дали денес може да се каже дека имате некоја неостварена желба или нешто друго за што сте мечтаеле како млад?

Душан Борковиќ: Како што спомнав, релито е мој голем сон. Исто така, еден ден би сакал да се испробам во трките со ГТ автомобили и да возам една трка низ улиците на Монте Карло.

Клуб Мобилити: Додека сме кај спомените, кои возачи ви беа пример? Ги паметите ли вашите херои од младоста и дали имавте шанса против некој од нив и да се натпреварувате?

Душан Борковиќ: Најголем пример ми беше и остана Себастијан Леб. Со него се тркав 2014 година во светското првенство на ФИА со туринг автомобили. Никогаш нема да заборавам дека веќе на првата трка во Мароко бев пред него, а на втората во Франција дека повеќе од половина трка се бранев и му одолевав на познатата патека „Пол Рикар“.

Клуб Мобилити: Паралелно со тркачката кариера, градите и кариера во политиката. Дали може да се каже дека во овие тешки времиња сте ја пронашле вистинската комбинација? Како вие гледате на ваквиот спој бидејќи чинам дека ривалите ви завидуваат на снаодливоста?

Душан Борковиќ: Искрено немам големи аспирации во врска со политиката. Пред сè јас сум спортист којшто ја разбира својата одговорност кон својот народ и кон навивачите на којшто сум им пример. Многу се залагам за безбедноста во сообраќајот и тоа го истакнувам на секој медиумски настап, како и преку моите профили на социјалните мрежи.

Клуб Мобилити: Трките во ТЦР Европа се едно поглавје од вашата богата кариера. Како денес гледате на сè тоа што се случи таму? Дали е тоа мамец за една незавршена приказна или веќе имате други проекции за иднината?

Душан Борковиќ: Во трките, исто така, има голема политика. Чинам дека е тоа поради големите вложени суми во промоција на сите автомобилски фабрики и др уги спонзори. Јас сум борец и мојата борба постои и на патеката, но и надвор од неа.

Клуб Мобилити: Кога се споредуваат ТВ преносите на мотоциклите и колите се добива впечаток дека е потребна поголема динамика. Дали сте поборник за класични долги трки или ги сакате новите жанрови како што се спринт трките?

Душан Борковиќ: Лично ги сакам различните платформи. За секоја категорија има различна платформа и има луѓе коишто тоа го сакаат.

Клуб Мобилити: Автоспортот е интересен, но и опасен. Луѓето коишто имаат тркач како идол го сакаат затоа што е брз и не се плаши, но исто така, врвните возачи се тука за низ кампањите да им порачаат на луѓето дека улиците не се место за трки и дека треба да се вози внимателно. Како вие се снаоѓате во овие дв е улоги?

Душан Борковиќ: Веќе спомнав дека сум голем поборник за безбедност во сообраќајот. Во Србија сум заштитно лице на Агенција за безбедност во сообраќајот и во многу други индивидуални акции на разни компании што работат на тоа. Се трудам на моите фанови особено да им обрнам внимание на опасностите кои демнат од непрописното возење во сообраќајот. Секој што сака да вози брзо треба тоа да го прави на тркачка патека. За жал, на Балканот немаме многу тркачки патеки каде што заинтересираните би можеле да изнајмат автомобили, или да се повозат со што би ја задоволиле својата желба за брзина. Но тоа не значи дека така ќе остане и во иднина.

Клуб Мобилити: Поголемиот дел од возачите имаат некаква амајлија или веруваат дека извесен ритуал им носи среќа. Што вас ве чини опуштен и полн со самодоверба пред стартот на трката?

Душан Борковиќ: Моето семејство и мојот тим.

Клуб Мобилити: Кој беше најтешкиот момент од вашата кариера и како го надминавте?

Душан Борковиќ: Ги имаше многу. Секоја кариера е полна со подеми и падови. Она што е најбитно е после секој пад да се издигнеш уште посилен. Имав само десет години кога ги скршив двете раце и тоа ми падна многу тешко. Но два месеци подоцна, кога ми го извадија гипсот, повторно седнав да возам. Исто така, во 1999 година за малку ќе ја загубев раката бидејќи дланката ми беше повредена од тркалото на картингот. Тогаш во Србија беше бомбардирањето, а трката беше во Унгарија. За среќа, ми ја спасија раката и повторно успеав да продолжам да возам откако минав неколку болни месеци. Еден од најтешките периоди сепак беше кога моето семејство ги потроши сите средства вложувајќи во мојата кариера и кога морав да почнам да се борам сам, да најдам спонзори и да постигнам меѓународен успех. Но дефинитивно најтежок момент ми е ненадејната смрт на мојот татко во 2015 година, затоа што покрај него го засакав авто-мото спортот.

 

Александар Табаковски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.