БРАНКО КИПРОВСКИ Е ИМЕ ШТО ПОТЕКНУВА ОД МАКЕДОНСКАТА АВТОМОБИЛСКА СЦЕНА, НА КОЈА ГИ НАПРАВИ ПРВИТЕ ЧЕКОРИ И ГИ ПОСТИГНА ПРВИТЕ УСПЕСИ. ЖИВОТНИОТ ПАТ ГО ОДВЕДЕ НАДВОР ОД МАКЕДОНИЈА, НО СТРАСТА КОН ТРКИТЕ ПРОДОЛЖИ ДА ЈА НЕГУВА И ВО ЗЕМЈАТА ШТО ЈА СМЕТААТ ЗА КОЛЕПКА НА АВТОСПОРТОТ
Н е е лесно да си сам против сите, но трките се токму тоа! Во интервјуто за „АМСМ Клуб Мобилити“ македонскиот возач во англискиот „Фокус Куп“ вели дека настапувајќи како странец во тамошниот шампионат се соочил и со низа други непријатности, каде што бил санкциониран од судиите ако допре туѓо возило, а не добивал иста заштита од нив кога бил оштетен неговиот автомобил. Македонскиот автомобилист Бранко Кипровски (40) на почеток на сезоната одржа прес-конференција во Скопје и најави дека ќе настапува во трките што се возат во Велика Британија, со идеја да почне од пониските категории и да стигне до „ВТСС“, односно тамошното првенство за туринг возила. Поради глобалната пандемија дошло до промена во планот, па така првите трки што беа извозени во 2021 година беа дел од „Фокус Куп“, каде што Кипровски успеа да освои и една победа.
Првенствено требаше да бидам дел од „Mini Challenge UK“, како и тест-возач во „ВТСС“ со тимот „Excelr8“. Но поради забраните поврзани со КОВИД-19 дојде до промена во планот и им се посветивме на овие настапи. Оваа се зона настапив во „Фокус Куп“ на Велика Британија бидејќи ми беше потребно да соберам искуство и да ги научам патеките. Накратко, сакав да „влезам во форма“ бидејќи имав одредена пауза, па посакував ново искуство. Оваа сезона ми беше добредојдена, имав интересни дуели што ја разбудија мојата самодоверба. Сметам дека влегов во добра форма, а тоа не е само моја оцена туку и на менаџерскиот тим „Purple Dot Performance“ што стои зад мене. Се надевам дека ќе продолжам на ист начин, носејќи повеќе победи и потенцијално помали штети. За своите искуства од 2021 година Кипровски вели дека се чувствувал како да вози сам против цела Англија.
Гледано од мој агол, ги добив сите можни казни, сите возможни отежнувања. Ми се чинеше дека возам сам против цела Англија. Сепак, успеав да дојдам до победа и најбрз круг, како и до тоа да сме препознатливи и видливи на секоја трка. Лично сметам дека го подигнав сопственото ниво на возење, како на суво, така и на влажно, а благодарејќи на таа работа на слободните тренинзи, квалификации и трки, сметам дека сум го унапредил и целиот психофизички склоп. Де факто, секоја трка беше поинаква, беше потребно да се соберат колку што е можно повеќе информации, да имаме приспособувања во вистински правец… Иако не е сосема задоволен од тоа како се претставил во 2021 година, Кипровски смета дека би можел и подобро кога би имал поддршка.
За 2022 година останувам со идејата да настапам во „Mini Challenge UK“, но има опции и за серијата ГТ и за ТЦР. На крајот сè ќе зависи од менаџерскиот тим и од спонзорите. Иако цела сезона настапував под македонско знаме, имам впечаток дека ме игнорираа надлежните институции како Агенцијата за млади и спорт, но и Автомобилската федерација на Македонија. Сметам дека можеа да ми дадат поддршка како и на другите возачи што користат средства повеќе години наназад, но сепак останаа колку што се. Стартот на идната сезона е планиран за пролетта 2022 година, кога Кипровски и неговиот менаџмент треба да одлучат во кој шампионат ќе продолжат бидејќи сега имаат јасна слика за неговиот потенцијал и за можностите за борба со британските возачи. Следуваат зимските тестирања, по кои ќе се знаат повеќе детали за неговата натамошна кариера.
ЦЕЛОТО ПРВЕНСТВО ОД АГОЛ НА КИПРОВСКИ
Шампионатот воопшто не почна според очекувањата. Би се обидел да илустрирам: јас се обидував да возам чисто и да покажам дека не сум влетал во нивниот шампионат по грешка, но тоа ме чинеше два пласмана на подиумот. Колегите кон мене се поставуваа остро и двете трки на Донингтон ги завршиш со огромна материјална штета, а дополнително во втората трка останав и без поени. Утеха ми беше фактот дека имав второ најбрзо време во текот на целиот викенд, со задоцнување од само една десетинка зад тоа што беше најдобро! Вториот викенд на Силверстоун се возеше на дожд. Најпрво се квалификував на седмо место, каде што првите десет беа во интервал од половина секунда. Кога започна трката, веќе во првиот круг се борев за трето место, а во вториот повторно бев нападнат и истуркан поради што изгубив позиција. Следуваше момент во кој се блокираа моите сопирачки, па јас го потчукнав тој што ме удри, а на крајот тоа ме чинеше загуба на четири места. До крајот се вратив на шесто место, а тоа значеше во втората трка да стартувам од пол позиција. Но заради инцидентот ми беше дадена казна од 20 секунди и така паднав на 14 место. Во трката дојдов до осмата позиција, но освен бодови, заработив и 20 казнени поени за мојата лиценца.
Третиот викенд се возеше на Кастл Комб, а организаторот донесе одлука да немаме нови пневматици. Моите беа мошне оштетени и имав излетување со 180 км/ч во оградата, по што морав да паузирам и да ги пропуштам слободните тренинзи. На квалификациите дојдов до 11 место од 20 возачи, во трката прво паднав за две позиции, а потоа до финишот успеав да фатам ритам и да стигнам до шесто место. Тоа повторно значеше старт од пол позиција во втората трка, но кога конечно се случи: се изгасија светлата на семафорот, а мојот автомобил „вклучи“ безбедносен мод и сите ме поминаа. Не ја завршив трката.
Четвртиот викенд беше на Кадвел Парк, конечно со нови пневматици, но и нова патека за учење! Додека возев за да ја научам на слободните тренинзи сè беше в ред, но кога дојдоа квалификациите тргнав со резултат што беше половина секунда подобар и продолжив со форсирање, па ја платив грешката со излетување. Имав резултат за „топ 6“, но подоцна повторно бев казнет за непочитување на лимитот на патеката, па најдоброто време ми беше избришано и паднав на 11 стартна позиција. По сите перипетии завршив на деветто место, а во втората трка ги престигнав најдобрите од првата и дојдов до борба за подиум. Влегов во дуел со поранешниот возач на БТЦЦ Марк Проктор, но завршив на четврто место.
За петтиот викенд на Оултон парк си наштетив самиот откако не успеав да се ослободам од другите обврски и го пропуштив денот со слободни тренинзи. Отидов без никакво искуство и без штелување на автомобилот директно во квалификациите. Се квалификував на 11 место, па загубив две позиции на старт, но се консолидирав и дојдов до седмо место. Во втората трка повторно се случија моменти што предизвикаа разрешница на зелената маса: бев на 14 место, стигнав до осмо, но бев инволвиран во инцидент за што заработив дисквалификација и повторно ми беа впишани казнени поени на лиценцата.
Следната трка за мене лично имаше олеснителна околност бидејќи се одржуваше на патеката Крофт, каде што претходно имам возено. Квалификациите се возеа на дожд и успеав да ги изненадам фаворитите и да дојдам до трето место. Во трката имав најбрз круг, но сепак ме престигнаа и завршив на четврто место. Сепак, во втората трка успеав да се коригирам и да стигнам до прво место со најбрзо време за круг!
Иако имав чисто возење, претрпев многу удари. Дополнително, имав проблем со горивото, па во автомобилот имаше чад и внатре и однадвор. Брендс Хеч беше домаќин на седмиот и осмиот викенд на „Фокус Куп“, а јас во меѓувреме имав сервис на моторот. Овие викенди најмногу ќе ги паметам по тоа дека постигнував идентични времиња што и да направев со штелувањето на возилото, па едноставно изгубив волја. Во првата трка од деветто место на квалификациите дојдов до шеста позиција и старт од чело во втората трка, со конечен пласман на петто место. Третата трка беше повторно во дождливи услови, со старт од 12 место, но повторно борба за подиум и пласман на четврта позиција, со шест удари што ги избројав на мојот автомобил.
Последниот натпреварувачки викенд беше на патеката Донингтон, но иако се надевав на достоинствен крај на сезоната, имав малер уште на петочните слободни тренинзи. Во дождливи услови пробував нови линии и налетав на голема застоена вода, по што возилото пролизга и удрив во оградата со 120 километри на час. Возилото е целосно оштетено, јас морав да направам детален преглед што за среќа не покажа внатрешни повреди. Сепак, ми требаше околу една недела за да почнам да одам нормално и да се чувствувам подобро. Најлошото од сè за мене како тркач е што поради таа повреда морав да го откажам тестирањето за ТЦР Велика Британија.