Инетрвју со Даворин Штетнер-ИМАМ СОПСТВЕНО МЕРИЛО ЗА УСПЕХ

19/06/2022

ПРВИОТ ЧОВЕК НА ХРВАТСКИОТ АВТО СПОРТ ИМА ИНТЕРЕСНА ЖИВОТНА ПРИКАЗНА, А ВО НЕА ПОСЛЕДНО ПОГЛАВЈЕ Е СПРАВУВАЊЕТО СО ПРЕДИЗВИЦИТЕ КОИ ГИ ИМА ВО СОЈУЗОТ ШТО ГО ПРЕДВОДИ

 

Јавноста за Даворин Штетнер дозна преку неговите авантуристички патувања во Африка, но оттогаш до денес поминаа повеќе од 15 години. Во меѓувреме, тој изгради репутација на успешен менаџер, а еден од тие бизниси беше и телевизискиот проект со преземање на телевизиските права за Формула 1 за Хрватска. Со широк список на контакти од деловниот свет, се вклучи во управувањето со ХАКС (Хрватски авто и картинг сојуз), за што деталите ги открива во интервјуто за Клуб Мобилити.

Клуб М: Почитуван г-дин Штетнер, би сакал да го започнам ова интервју онаму каде што го завршив моето последно интервју со поранешиот прв човек на хрватскиот автомобилизам, Зринко Грегурек. Тој пред десетина години изјави дека во регионот можеме да добиеме организација на настан од светски калибар само ако сме сплотени заедно. Оттогаш измина една деценија, а Хрватска ја доби организацијата на трката од светското рели првенство. Дали со тоа ова поглавје е затворено или на него може да се гледа како „нов почеток“?

ШТЕТНЕР: Мојот личен став е дека самостојно сме многу мали, а заедно можеме да направиме многу повеќе. Во Централната европска зона учествувам од своето влегување во Управниот одбор на Хрватскиот автомобилски и картинг сојуз во 2011 година. Ме интересираше меѓународната соработка, а особено бенефитите кои ги дава фактот дека сите бевме во состав на поранешната држава. Тоа се сепак работи кои поврзуваат, па можам да кажам дека ХАКС одлично соработува со сите земји и сојузи во поширокиот регион. Регионот обезбедува база за љубителите на спортот. Во поширокиот регион сме повеќе од 30 милиони, што е битно за најголемите светски настани. Австрија и Унгарија немаат Формула 1 без причина, затоа е битен тој наш појас, од каде што доаѓа интересот, односно фановите на мотоспортот. Со доаѓање на местото претседател ја истакнував политиката на поврзување, така што една од моите основни цели беше да се засили заедничката соработка. Ме радува дека на рели трката во Хрватска имаше и многу луѓе од Македонија, а македонските возачи доаѓаат на трките кај нас и во регионот. Ќе се трудам да ја унапредиме нашата соработка.

Клуб М: Хрватска е единствената земја од поранешна Југославија која има тркачка патека изградена уште во минатото, познатиот „Гробник“ крај Ријека. Некогаш таму се возеше светско првенство во мотоциклизам. Во меѓувреме, постоеше идеја за нов автодром крај Загреб подготвен од Херман Тилке, но не се случи. На Балканот, од „Гробник“ и „Хунгароринг“ па се до Истанбул не постои друга тркачка патека, па се наметнува прашањето: како да се развива овој спорт ако не постојат ресурси за тоа?

ШТЕТНЕР: Имате право, тркачките патеки се многу скапи инвестиции во кои практично мораат да учествуваат самите влади. Имаше многу идеи, а и сега постојат некои кои се надевам дека ќе доживеат реализација. За жал, секогаш се проблем парите, и тука запнува работата во најголем дел од случаите. Ме радуваат инвестициите во Гробник. Претседателот на управата Роберт Живковиќ од неодамна е член на нашиот Управен одбор, па имаме одлична соработка. Се снаоѓаме на различни начини. Еве, пред две години, искористивме шанса што мојата телевизија ГП1 го пренесува купот ЕСЕТ, па со агилниот директор Деан Грбац успеавме да го договориме Првенството на Хрватска на кружни патеки, кое се вози на Хунгароринг, Грбоник, Словакиа Ринг, Брно… Имаме преноси во живо од секоја трка, обезбедивме бесплатен превоз на сите тркачки автомобили од страна на Нева логистика… Се направи многу и тоа сега дава резултати. Ако ги занемариме куповите, во две години Хрватска можеби е и најбројна во ЦЕЗ по број и квалитет на автомобили. Неодамна на Хунгароринг имавме седум ТЦР возила под хрватско знаме.

Клуб М: Преземањето на хрватската авто спорт федерација уследи откако претходно јавноста ве запозна како авантурист, бизнисмен, па дури и советник на претседателката Колинда Грабар Китаровиќ. Како ја доживувате оваа улога, дали повеќе сте насочени менаџерски, донаторски или можеби само како уште една почесна титула?

ШТЕТНЕР: Ова дојде спонтано. Сојузот имаше проблеми и реков дека или ќе се тргнам од местото член на Управен одбор или јас ќе го преземам сојузот и ќе го направам според својата визија. Оваа функција, како и секоја друга која сум ја презел, е сè, само не почесна. Работам секојдневно на многубројни области од интерес за сојузот. Ги посетив речиси сите трки во нашиот календар (а само минатата година имаше над 70). Сакам да комуницирам со организаторите, со нашите членови, со спортистите.

Клуб М:Дали веќе постои нешто што го имате постигнато со оваа федерација и со што би можеле да се гордеете? Ако не, кои се плановите и визиите за унапредување на авто мото спортот во Хрватска, но и во регионот?

ШТЕТНЕР: Пред сè, горд сум што со својот тим од над 500.000 евра долгови во 2019 година кога првпат бев избран за претседател, за помалку од три години дојдов до под 100.000 евра. Нема силен сојуз без чист и ликвиден сојуз. Мојата цел е ХАКС да биде без ниедно евро долг према никого, и на добар пат сме тоа да го постигнеме за година дена. Минатата година имавме 72 трки во дури 11 дисциплини. Трката ВРЦ, НАСКАР… Спортскиот дел е најактивен досега, од нашата 116 годишна историја. Им давам целосна поддршка на претседателите на Одборот за автоспорт и картинг, Серден и Мославац. Битно е тимски добро да се сложуваме. Тогаш сè оди полесно, со стручни и вредни луѓе. Почнав и со освежување на сојузот со нови кадри, тоа и го ветив кога бев избран пред година дена. Еве, пред неполн месец именувавме и нови заменици на претседателот – двајца млад, врвни спортисти, но и претприемачите Игор Томљановиќ и Вјекослав Чичак. Ќе дојдат и уште неколку нови луѓе. Нема застанување, ниту спиење. Договорени се и се реализираат соработки со Спортски новости, со останати медиуми, но тука уште не сум задоволен, затоа што можеме и мораме да правиме повеќе. На првите во историјата ФИА мотоспортски игри, хрватската репрезентација освои шесто место од 29 земји! Има уште доста работи, но ова се најбитните. Воспоставив некое свое мерило за успех на сојузот, па ја гледам финансиската состојба, бројот на трки во дисциплини, и вкупниот број на лиценци на сојузите. Сите три категории остваруваат одличен успех, и јас сум задоволен.

Клуб М: За Вас се пишуваше како авантурист пред да влетате во проектот со откупување на правата за Формула 1 во Хрватска, за што подоцна имате изјавено дека било „луд потег“, но и дека Ви го отворил патот за интернационален бизнис. Можете ли да споделите повеќе детали за таа приказна?

ШТЕТНЕР: Јас сум вечен авантурист! Се случи ситуација кон крајот на 2010 година да влезам во преговори со Ф1 околу медиумските права за Хрватска. Конкуренти ми беа ХТВ и Арена спорт. И се случи чудо, кога момче од 29 години, со помалку од 5.000 евра во џеб успее да стане најмладиот сопственик на Ф1 правата во светот. За тоа се зборува и денес, но кога имате визија, битна беше и упорноста и фокусираноста. Од тој проект денес израсна мојот ГП1 (поранешен Креатор ТВ) преку кој и вашето население може да ги следи врвните македонски возачи, на пример, во „Твинго куп“.

Клуб М: Во Македонија пред неколку години беше воведена поддршка од страна на државата за стимулирање на врвните спортисти преку таканаречени ваучери, кои државата ги определува за федерации и поединци, а можат да се „наплатат“ кај фирмите кои преку тоа добиваат ослободување од данокот на добивка. Дали го имате анализирано овој систем и дали го имате споредено со она што во моментов постои во Хрватска и претставува финансиска стимулација за врвните спортисти, меѓу кои и автомобилистите?

ШТЕТНЕР: Не сум запознаен со тоа, но тоа е потег во вистинска насока! Всушност, Италија има најмногу луѓе во мотоспортот бидејќи имаат и признавање на вложувањето во мотоспорт. Ние го немаме тоа, а тоа е клучно за развој и напредок. На пример, во Хрватска имаме можност компаниите да донираат до 2% од својот приход. Зошто да се ограничуваат? Ако некој сака да донира 10%, зошто да го лимитираме?

Клуб М: Кои ликови од авто мото сцената се Ваши фаворити? Имавте ли некој возач за кого навивавте како малечок или, пак, го поддржувате и ден денес?

ШТЕТНЕР: Апсолутно секогаш навивам за мојот пријател Ландо Норис, возачот на Мекларен во Формула 1. Драг ми е и Макс Ферстапен, а секогаш навивам и го следам нашиот Мартин Кодриќ, кој остварува врвни настапи во ГТ сериите. Секогаш навивам и за хрватските возачи, каде и да се натпреваруваат! Во минатото, симпатични ми беа Аиртон Сена и Дејмон Хил.

Клуб М: Во едно Ваше интервју прочитав изјава дека „неуспехот е составен дел од успехот“. Можете ли да ми одговорите кој Ваш личен неуспех Ви е најдраг и зошто?

ШТЕТНЕР: Апсолутно ја живеам таа своја изјава. Секој од нас многу често доживува неуспеси, но тие се главно скриени од очите на јавноста. Не е убаво да се доживее неуспех, разочарување, но ако од тоа научиме нешто, следниот проект ќе биде поуспешен баш заради тоа искуство. Ниту еден мој неуспех не ми е мил, бидејќи секој од нив ме чинел пари, нерви и време, но затоа денес сум тука каде што сум, и го ценам тоа, но се трудам да не ми се случи пак! Најдобрата лекција која сум ја научил од тие неуспеси е да ги слушам советите: еднаш поради сопствена тврдоглавост загубив многу пари заради курсни разлики, односно поради падот на вредноста на доларот, а бев советуван поинаку.

Клуб М: Во Вашата биографија се вели дека сте поминале низ преку 80 земји, почнувајќи од Буркина Фасо и други земји од Африка. По кој принцип одлучувате денес каде да патувате и што да посетите?

ШТЕТНЕР: Така е, денес тој список е подолг. Патувањата ме изградија и поминав многу ситуации опасни по живот, особено во Африка и Јужна Америка. Сепак денес моите патувања се врзани воглавно за мотоспортот. Еве, денес се вратив од Ред Бул Ринг, минатиот викенд бев гостин на организаторите на 24 часа Нирбургринг, следниот викенд имам нови патувања…

Клуб М: Што знаете за Македонија, за нејзиното минато и сегашност? Дали досега Ве привлекувала да ја истражите?

ШТЕТНЕР: Премалку. Апсолутно премалку со оглед на тоа колку пријатели имам таму. Една од работите кои ќе ги поправам многу брзо е што ќе ја посетам по првпат и убаво ќе ја истражам.

 

Александар Табаковски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.