Производителот на автомобили од Корејскиот Полуостров не мирува, а неговата офанзива сѐ уште трае и не попушта. Иако Хјундаи е релативно нова компанија, основана во 1967 год, сепак за период од половина век успеа да стане светски играч, а не локален. Таа упорност на Хјундаи го однесе речиси до врвот во автомобилската индустрија. Најновото чудо од Хјундаи е наречено „екстер“ и е претставено со две – три фотографии издадени од Хјундаи Мотор Индија, земја каде овој модел се произведува. Малку е чудно што одговорните сѐ уште не се изјасниле дали моделот „екстер“ ќе се продава во цел свет, а уште почудно е тоа што Хјундаи Мотор Индија даде многу штури информации за малото „сув“ возилото. Велиме малото затоа што овој модел е долг само 3,8 метри и е најмал во семејството, односно ќе биде сместен под сув моделот „венју“ кој е долг 4,0 м.
Засега моделот „екстер“ ќе користи 1,2 литарски атмосферски мотор, но во две изведби, едната ќе користи само бензин, а другата бензин / гас. Првиот мотор поседува 82 КС, а вториот 70 КС. Кога веќе ја спомнавме продажбата на светско ниво, добрите познавачи на автомобилската индустрија велат дека „хјундаи екстер“ ќе се продава низ цел свет, односно во земјите во развој, бидејќи „екстер“ ќе биде модел со примамлива цена за широк круг купувачи.
Сега само фотографии, а некаде на лето ќе биде и првичното светско претставување на моделот „екстер“. Гласините велат тоа ќе се случи во месец август.
Жарко Атанасоски