HUAYRA R EVO-ЕДНА ПОИНАКВА „УАЈРА“

15/02/2024

Хорацио Пагани не знае поинаку. И да сака поинаку да прави, не умее. Кај него нема ни ваму ни таму, односно автомобил од типот и за едно и за друго. Суров,а сила внесена во рачно направен V12 мотор директно нарачан од Мерцедес, од одделот АМГ и секако со потпис од лицето кое го правело моторот. Така работат во АМГ кога ја нарачуваат „V дванаесетката“, еден мотор, еден човек. Овој мотор без турбо полнач е вграден во моделот „уајра“ изведба “р ево“, но претходно дополнително доработен за да бидат извлечени 900 КС при фантастично високи 9.200 врт/мин. и максимален вртежен момент од 770 Нм. За разлика од обичната „уајра“, оваа со „р ево“ е поинаква во обликот, има долга опашка (лонг теил). Тој дел е всушност наследство од некогашните тркачки автомобили, најмногу од тие кои беа во трките на издржливост. Продолжениот дел придонесува за подобрување на аеродинамиката и заедно со спојлерот придонесуваат за зголемување на потисокот од дури 45 отсто. Колку поголема брзина толку поголем потисок. Штом има поголем потисок, толку автомобилот е постабилен. На тој принцип се сведува стабилноста на тркачките автомобили, но и на „сериските“.

И ако што секогаш бидува, секој автомобил од марката Пагани е направен од јаглеродни влакна, а Хорацио Пагани во таа област е во самиот светски врв. Тој е татко на тие најсовремени материјали. Затоа „пагани уајра р ево“ е уште полесен од моделот „утопија“ и има поголема цврстина за огромни 38 отсто.

Воопшто автомобилите Пагани се друга димензија, не се ниту Ферари, ниту Ламборџини, ниту Масерати, уште помалку Порше, Лотус или било кој друг од таафела. А „пагани уајра р ево“ е уште посурова изведба во смисла на екстраваганција, егзотичност и луксуз од трет вид. Цената на овој најбрз автомобил со името „пагани уајра р ево“ сѐ уште е непозната, но со оглед на претходните посебни модели, тие што се заинтересирани ќе треба да издвојат помеѓу пет и осум милиони долари. „Уајра“? Тоа е Бог на ветровите од Андите познат кај Инките. Инаку, основачот Хорацио Пагани е од Ј. Америка, поточно од Аргентина. Зошто името Уајра? Најверојатно од слични митови како и Масерати со ветровите Шамал, Кариф, Бора итн. – лесни и брзи како ветар.

 

Жарко Атанасоски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.