ГОРДОН ЏЕЈМС РЕМЗИ ЈУНИОР СЕ ЗДОБИ СО ТОЛКАВА ПОПУЛАРНОСТ БЛАГОДАРЕНИЕ НА РЕАЛНИТЕ ШОУА КОИ СЕ ЕМИТИРААТ ПРЕКУ ТЕЛЕВИЗИЈА, А ГЛЕДАЧИТЕ САКААТ ДА ГИ ИСПРОБААТ СИТЕ НЕГОВИ РЕЦЕПТИ БИДЕЈЌИ ЕДНОСТАВНО МУ ВЕРУВААТ. ЗДРАВАТА ИСХРАНА МУ Е ГЛАВЕН ПРИОРИТЕТ, ЈАДЕЊАТА ГИ ПРИГОТВУВА БРЗО, ИЗБЕГНУВА ДА КОРИСТИ МАСЛО И ИМА СÉ ПОВЕЌЕ ПРИВРЗАНИЦИ МЕЃУ ЖЕНИТЕ И МАЖИТЕ.
Шкотланџанецот, кој моментално живее на релација Лондон – Лос Анџелес со четирите деца и сопругата, инаку авторка на неговите книги, има педесет и три години. Патува често, низ целиот свет, бидејќи е (со)сопственик на триесетина ресторани. Ја обожава комбинацијата на британската, италијанската и француската кујна. Такви се и јадењата што ги приготвува секојдневно. Ужива кога експериментира. Откако ќе се увери во нивниот вкус и квалитет, им го презентира на телевизиските гледачи, а потоа ги внесува во ресторанските менија.
Гордон Џејмс Ремзи Јуниор стекна огромна популарност во јавноста преку реалните шоуа, како на пример „Кујнски ноќни мори“ и „Пеколна кујна“. Досега има добиено над десет мишелин-ѕвезди, што е преседан во кулинарството. Неговиот интерес кон готвењето храна потекнува уште од детството, како петнаесетгодишник. Играл фудбал, дури и членувал во подмладокот на Ренџерс, но се здобил со повреда на ногата, која била доста сериозна, поради што лекарите му советувале да се откаже. Ги послушал и се ориентирал на школувањето, вклучувајќи го и кулинарството. Вели дека никогаш не се поколебал во донесувањето на одлуката. Првиот ресторан го отворил во 1998 година, во лондонското предградие Челзи. Денес се вбројува меѓу десетте најдобри готвачи на светот, чии јадења се толку вкусни, едноставни за правење, здрави, што секој човек посакува да ги испроба неговите рецепти. Доколку има време, се разбира. Голем дел од менијата е кулинарска тајна. Затоа и се чека ред за специјалитетите што се служат во рестораните, без оглед на резервацијата. Имајќи предвид дека темпото на животот денес е забрзано, како на филмска лента, дека жените и мажите се посветени на работата повеќе од кога било, несудениот фудбалер постојано смислува нешто ново, да им олесни. Трите јадења, кои ги препорачува, можете да ги приготвите и вие, сами. Можете да го изненадите момчето, сопругот, девојката, сопругата, целото семејство. Следете ги неговите инструкции и, бидете сигурни, нема да згрешите. Напротив, ќе уживате во сè, и во готвењето храна, откривајќи ги кулинарските вештини, кои можеби не сте знаеле дека ги поседувате, и во нивните вкусови. Покрај тоа, се и здрави. Користете свежи продукти и мало количество масло кога печете или пржите, препорачува тој.
СУПА ОД БРОКУЛА
Потребни состојки: 1 голема или 2 средни (по големина) брокули; 3 лажичиња сол; црн пипер (4-5 вртки на мелницата); вода; маслиново масло; козјо сирење (две мали парчиња за една порција); и ореви (5 јатки од сад, чинија).
Начин на приготвување: тенџерето наполнете го со вода, ставете 1-1½ лажиче сол и оставете ја да зоврие. Додајте ја брокулата. Нека се вари додека не омекне. Готова е кога ќе можете лесно да ја прободете со виљушка. Таа ќе се лизга, без да ги напрегате силите. Ставете ја во блендер, додајте половина од водата каде што се варела и остатокот од солта. Измиксирајте ја да стане кашеста.
Доколку има потреба, ставете уште малку вода. Супата послужете ја во длабок сад или чинија, по ваш избор. Одозгора попрскајте ја со маслиново масло, запиперете ја, изрендајте го сирењето и додајте ги оревите.
РИЗОТО СО ВРГАЊ-ПЕЧУРКИ
Потребни состојки: 2 лажици путер; ¼ чаша (шолја) крупно исечкани вргањ-печурки; 2 пиперки, ситно исечкани; 1 кромид, исто така, ситно исечкан; 3 шолји зеленчуков булјон (може да се користи и супена коцка, растворена); маслиново масло; 3 шолји ориз; гранче рузмарин; и ¼ шолја пармезан.
Начин на приготвување: вклучете ја ринглата на средна температура. Тавчето попрскајте го со маслиново масло, да се загрее, и ставете ги печурките, пиперките и кромидот. Посолете и додајте малку црн пипер. Додека се пржи, мешајте повремено. Во мало тенџере ставете го оризот и постепено додавајте го зеленчуковиот булјон, за убаво да го впие за време на варењето.
Пред крајот ставете ја пржената мешавина од печурките, пиперките и кромидот и оставете го да се вари уште малку, додека оризот не биде готов („алденте“). Додајте ги путерот и пармезанот, измешајте ги убаво и тргнете го тавчето од ринглата. Ризотото ставете го во длабока чинија и послужете го.
ДОМАШЕН ХАМБУРГЕР
Здравата храна му е приоритетна. Дури и домашниот хамбургер на Гордон Џејмс Ремзи Јуниор се приготвува со продукти што не влијаат штетно на човечкиот организам. Вреди да се проба.
Потребни состојки: половина килограм мелено говедско месо (без мрснотии); 1 лажиче сол; 1 лажиче црн пипер; 1 лажица црвен пипер (димен); прстофат црвен пипер (чили); 2 лажичиња лут табаско-сос; 1 лажица вустершир-сос; кечап; 5 домати; 1 марула; и 4 лепињи. За додатокот од цвекло се потребни: 1 корен, исечен на ситни парчиња; 2 лажици оцет балсамико; ¼ лажиче сол, ¼ лажиче црн пипер; 3 лажици маслиново масло; 3 лажици капарис; и половина шолја магдонос.
Начин на приготвување: се мешаат говедското месо, солта, црниот пипер, двата вида црвен пипер, табаско и вустершир-сосот и кечапот додека не се изедначи смесата, и се става во фрижидер, да отстои. За тоа време се приготвува додатокот од цвекло, така што се мешаат ситните парчиња, оцетот балсамико, солта, црниот пипер, маслиновото масло, капарисот и магдоносот. Потоа се обликуваат плескавиците и се печат на скара или се пржат на тавче, со малку масло, околу пет минути. Лепињите се сечат на половина и се полнат, ред марула, домати, додаток од цвекло, се става плескавицата и пак се редат доматите, марулата, додатокот од цвекло, додека има. По желба можете да ставите и друг сос што самите ќе го приготвите и ќе биде исто така здрав.