МАКЕДОНЕЦОТ ГОРАН ЈОВАНОВСКИ E ПРВОРАНГИРАН ВО КЛАСАТА Е-1 ЗА 2021 ГОДИНА НА ОТВОРЕНОТО ПРВЕНСТВО НА СРБИЈА ВО КРУЖНИ АВТОТРКИ. ГОДИНАВА, ОСВЕН ЗА ОТВОРЕНОТО СРПСКО ПРВЕНСТВО ВО КРУЖНИ АВТОТРКИ, ЈОВАНОВСКИ СЕ ПОДГОТВУВА И ЗА МАКЕДОНСКОТО ПРВЕНСТВО. ПРВПАТ СЕ ПОДГОТВУВА ДА УЧЕСТВУВА И НА КРУЖНИ АВТОТРКИ ВО ИСТОЧНОЕВРОПСКИОТ ШАМПИОНАТ. ВО ДОСЕГАШНАТА КАРИЕРА ИМА ОСВОЕНО 16 ПЕХАРИ И ТРИ МЕДАЛИ
На Отвореното првенство на Србија велешанецот Горан Јовановски доби златен медал за најдобар во кружни автотрки за 2021 година во класата Е-1 од 1.400 до 1.600 кубици. Во 2021 година Јовановски учествуваше на пет од осум трки на Отвореното првенство на Србија и освои две први и три втори места, а во генералниот пласман со 80 бода го освои првото место и беше прогласен за најдобар меѓу десет натпреварувачи во класа Е-1. Јовановски се натпреварува со „цитроен саксо“ со работна зафатнина од 1.600 см3 со 215 КС со вистински тркачки делови од 750 килограми. Веќе една година е член на автокартинг клубот „Перформанс“ од Скопје.
ПРЕДИЗВИК САМ ДА ИЗРАБОТИ ВОЗИЛО
Јовановски вели дека занаетот го наследил од татко му, но сакал да научи повеќе за тркачките возила, па и да се трка со нив. Желба му било да создаде конкурентно возило, подготвено за предизвиците во трките.
Отсекогаш сакав да поседувам тркачко возило. Настојував да се усовршам во мојата струка, во автомеханичарската работа, да се надградам во нешто што како автомајстор не го знаеше ни татко ми Димитар-Мите. Имав замисла да ја претставувам нашата држава како автомобилист со автомобил што сам ќе го изработам. Две години го правев возилото, беа потребни многу средства, но го изработував со љубов и мерак и затоа постигнав такви резултати, потенцира Горан.
Неговото тркачко возило „цитроен саксо“ е едно од најубавите во Македонија, со најдобри перформанси, најдобри делови и со најнова технологија за комуникација и уреди. Во 2018 година учествувал на првата трка „Скопски круг“ во неговата автокариера. Организаторите му дозволиле да вози со лиценца што не била соодветна за кружни трки и освоил четврто место. Претходно возел автослалом и две години бил шампион. Тоа му било стартна позиција што морал да ја помине за да може да влезе во дисциплината кружни автотрки. Возел и неколку ридски автотрки, а учествувал и на првата ваква трка во Кочани на Пониква, каде што освоил трето место. Тоа било трка за Централноевропската зона на ридски трки. Во 2018 година во автослалом освоил шампионска титула со оригинално возило и прв пехар. Во 2019 година настапил со оригинално возило и со тркачко возило и освоил шампионска титула.
Со оригиналното возило освоил вицешампионско место. За неговото учество во Отвореното српско првенство Јовановски раскажува дека сам се пријавил и отишол во Србија за да учествува.
Во Србија отидов пред сè за да го пробам возилото и да го научам. Многу ми се допадна патеката, софистицирана и модерна, по сите европски и светски стандарди и безбедна. Потоа Федерацијата за автомобилизам од Србија ми прати покана да учествувам на Отворениот српски шампионат во кружни автотрки и имав успешна сезона, вели Горан. Во земјава во неговата класа има двајца конкуренти, во послабата класа има тројца и во повисоката класа има двајца колеги што се натпреваруваат.
ПОДГОТОВКИ ЗА 2022 ГОДИНА
Јовановски се подготвува и годинава да учествува на Отворениот српски шампионат, како и на трките што се предвидени за Централноевропската зона, кои спаѓаат во FIA главен организатор за овие трки.
Станува збор за сериозни трки, голема конкуренција и значителни средства што се потребни за учество. Во Централноевропската зона учествуваат натпреварувачи од Словачка, Словенија, Полска, Србија, Хрватска, БиХ, Црна Гора, Македонија, Албанија, Косово и други земји. Првата трка е од 8 до 10 април на патеката „Хунгароринг“ во Унгарија, а втората на 5 јуни на патеката „Редборинг“ во Австрија.
Станува збор за многу тешка патека. Ќе биде добро ако за учество на оваа трка ми помогнат државата, односно Федерацијата за автомобилизам, како и спонзори, потенцира Јовановски. Животна желба на Јовановски е да го освои шампионатот во Централноевропската зона. Веќе започнал со подготовките на возилото за настапот во оваа сезона.
Планирам за две-три недели да го пробам возилото и да тренирам на патеката Серез во Грција, една од најубавите балкански патеки. На оваа патека ќе се одржи македонскиот шампионат во автотрки, вели Јовановски.
МАКЕДОНИЈА НЕМА КРУЖНА ПАТЕКА ЗА АВТОМОТО ТРКИ
Младите во земјава покажуваат сè поголем интерес за кружните автотрки. Најчесто сакаат да им се надгради возилото за да добијат повеќе перформанси, односно да извадат максимум од него. Во работилницата правам и тунирање на возилата, читиринг…
Во Македонија нема кружна патека што ќе се користи и за автотрки и за мототрки, а која ќе може да ја користи и секој возач што сака да вози брзо. Со тоа ќе се придонесе да има помалку сообраќајни незгоди на македонските патишта и улици, а наедно и поголема безбедност, порачува македонскиот автошампион Горан Јовановски.