Како што „мириса“, на Генезис му се брза и тоа многу. Ако одиме според тоа кога е формирана компанијата, тогаш ќе кажеме дека Генезис е една од најмладите компании во светот на четирите тркала. Господата „вчера“ ја отворија компанијата, а денес сакаат да биде дел од трките и тоа не кои било туку тие каде се покажува врвната издржливост 24 ч Леман.
Генезис влегува во ВЕЧ (ворлд ендуранс чемпионшип) во 2026, а во ИМСА една година подоцна. Оваа вест пристигна како гром од ведро небо. Си го поставуваме прашањето како Гензис толку брзо успеа да се издигне до ниво на производители кои зад себе имаат речиси по еден век искуство во трките.
Автомобилот односно хипермобилот забрзано го подготвуваат, а неговото име е „гмр – 001“. Тежината не смее да биде под 1.030 кг, а силината е ограничена на 671 КС кои се пренесуваат на задната оска. Тоа се основните правила за хипермобилите учесници во ВЕЧ (ворлд ендуранс чемпионшип). Главен во тимот е Сирил Абитебул, некогашен инженер во два тима од формула 1, Кетерхем и Рено, а како прв возач во тимот е одбран Андре Лотере, трикратен победник на легендарната трка 24 часа Леман и носител на две титули во ВЕЧ. Вториот возач е Луис „Пипо“ Дерани со една победа на 24 часа Дајтона и четири победи на трката 12 часа Себринг. За шасијата ќе биде одговорна е- работилницата Орека, за менувачот главен е Икс Трек, бидејќи е хибрид батеријата ја позајмува од Вилијамс итн. Тоа се дел од правилата за влез во трките на издржливост. Патеката Пол Рикар ќе биде дом на „генезис гмр – 001“. Таму тимот ќе ги врши завршните испитувања и тест возења, а до првата трка имаат уште околу 15 месеци.
Нема димензии, нема ни основни податоци, а за детали и да не зборуваме. Како што ќе наближува денот за првата трка од шампионатот во издржливост, така Генезис ќе објавува по неколку детали. Како што тргнало, можно е да има гужва на патеката Сарт и секако на останатите каде се вози ВЕЧ.