GEELY PANDA MINI EV-ГИГАНТОТ ГИЛИ И „ПАНДА МИНИ“

06/01/2023

Создавањето мал градски автомобил е приказна која некогаш започнала, а крајот не и се гледа. Сѐ некој ќе се најде да направи речиси совршен градски автомобил, кога ете ти некој друг конструирал подобар и сѐ така до недоглед. Сега во светот најмногу се вреднуваат електричните автомобили, така што производителите речиси и да ги заборавија ото и дизел моторите. Најновиот мал градски автомобил на електричен погон доаѓа од Кина и е во сопственост на Гили, светскиот гигант во оваа индустрија, а ќе се појави во продажба некаде во првата половина од наредната година, поточно на пролет, ако сѐ оди според планот.

Обликот на автомобилот е веќе виден. Најголем дел од кинеските и јапонските производители го практикуваат тој облик на кутија. Пред една две недели Сузуки и Хонда претставија мали автомобили со кутија дизајн, така што ако некој мисли дека дизајнот е копија, тогаш греши. Ретко кој производител на автомобили од Далечниот Исток не го употребил претходно спомнатиот кутија дизајн.

Според озборувањата автомобилот ќе се продава за 5.500 до 7.000 долари, цена која и и не е толку многу примамлива, со оглед на димензиите – должина 3.065 мм, ширина 1.522 мм и 1.600 мм висина, додека растојанието помеѓу предната и задната оска изнесува 2.015 мм. Кинескиот автомобилски пазар веќе има неколку автомобили со слични димензии и со сличен дизајн, но најверојатно се натпреваруваат кој ќе биде поумешен во организирање на внатрешниот простор. Три метри долгиот автомобил при првата фото сесија беше претставен во два примероци, едниот розев, а другиот светло син. Предните светла неодоливо потсетуваат на пандините очи и не за џабе производителот го нарекол новиот мал автомобил, „панда мини“. Производителите од тој крај на светот како да се натпреваруваат кој ќе направи поубав автомобил кој ќе наликува на детска играчка.

Во „гили панда мини“ е вграден еден електричен мотор со силина од 40 КС и ги задвижува предните тркала, а со едно полнење на батеријата возилото изминува 150 км. Тешко дека овој модел на Гили ќе допатува на континентов и се чини ќе биде наменет само за домашниот и евентуално за пазарите во блиското соседство. Зошто името е „панда мини“? Пандата во Кина претставува своевиден симбол на државата, така што со право го избрале тоа име иако истото претходно го користел друг производител, но само првиот дел.

 

Жарко Атанасоски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.