МЕДИТЕРАНСКАТА ИСХРАНА ГИ ВКЛУЧУВА ТРАДИЦИОНАЛНИТЕ НАВИКИ НА ГРЦИТЕ, ИТАЛИЈАНЦИТЕ, ФРАНЦУЗИТЕ И ШПАНЦИТЕ. САМАТА ИСХРАНА ИМА ПОВЕЌЕ ДЕФИНИЦИИ БИДЕЈЌИ ВАРИРА ВО ЗАВИСНОСТ ОД ЗЕМЈАТА И РЕГИОНОТ. НО, ГЕНЕРАЛНО, СТАНУВА ЗБОР ЗА ИСХРАНА КОЈА СЕ БАЗИРА НА ПОГОЛЕМО КОЛИЧЕСТВО ЗЕЛЕНЧУК И ОВОШЈЕ, МЕШУНКИ (БОРАНИЈА, ГРАШОК, ГРАВ), ЈАТКАСТИ ПЛОДОВИ, ЖИТАРИЦИ, РИБИ И МАСЛИНОВО МАСЛО. ОБИЧНО ВКЛУЧУВА НИСКО НИВО НА МЕСО И МЛЕЧНИ ПРОИЗВОДИ. МЕДИТЕРАНСКАТА ИСХРАНА Е ПОВРЗАНА СО ДОБРОТО ЗДРАВЈЕ, ВКЛУЧУВАЈЌИ ГО И ЗДРАВЈЕТО НА СРЦЕТО.
Постојат многу теории за тоа која исхрана е најдобра за човековиот организам, а таквите теории се менувале низ времето во голема мера. Сепак, треба да им веруваме на научните факти, а тие се дека медитеранските народи, како на пр. Грците, Италијанците, Французите и Шпанците живеат најдолго. Овој феномен се следи од Втората светска војна до денес. Спроведени се бројни истражувања од страна на реномирани истражувачи, а резултатите се восхитувачки.
Списанието за медицина „The New England Journal of Medicine“ направило повеќе истражувања на оваа тема, а неодамна објави студија работена со 22.000 Грци, чија исхрана се базира на медитеранското готвење. Резултатите покажаа дека тие Грци живеат подолго од останатите. Исто така, списанието направило и истражување кое покажало како медитеранската исхрана влијае врз превенцијата од кардиоваскуларните болести. Резултатите покажале дека луѓето кои ја користат медитеранската исхрана многу поретко заболуваат од кардиоваскуларни болести во споредба со оние што се хранат поинаку. Оваа студија, а и многу други, покажала дека медитеранската исхрана е најјака во одбраната против коронарните болести.
„British Journal of Cancer“, пак, објавило неколку студии за тоа како медитеранската исхрана влијае врз превенцијата од рак. Покажале дека жените кои се хранат со медитеранска исхрана имаат 57% помалку шанси да заболат од рак на матката. Истражувањата на италијанските научници покажале дека го намалуваат ризикот од појава на малиген меланом, најсмртоносниот рак на кожата и слузокожата. Испитувањето спроведено на 8.000 Италијанци покажало дека оние што јаделе пица (со тенка кора, помалку сирење, а повеќе сос од домати и босилек) биле дури 59% помалку подложни да заболат од рак на јајниците и имале 26% помалку шанса да добијат рак на дебелото црево. „JAMA: The Journal of the American Medical Association“ објави извештај за користа од медитеранската исхрана. Студијата опфатила 2.000 мажи и жени на возраст од 70 до 90 години во 11 европски земји, кои биле следени повеќе од десет години. Веројатноста да починат во текот на истражувањето била 50% помала кај оние што се придржувале кон медитеранската исхрана. Безброј студии ја покажуваат нејзината добробит. Всушност, медитеранската исхрана е единствената исхрана на која Светската здравствена организација не и нашла мана и која ја препорачува како најздрава исхрана за човекот.
УМЕРЕНОСТА Е ПАТОТ ДО ЗДРАВЈЕТО
Покрај тоа што е здрава, медитеранската исхрана се смета и за многу вкусна. Во 1993 година, „Oldways“ во соработка со Harward School of Public Health и Светската здравствена организација креирале пирамида на медитеранската исхрана, која се смета за најздрава исхрана на светот. Таа се одликува со големо количество зеленчук, што значи дека во секое јадење треба да се најде понекој плод од зеленчук, како на пр. домат, кељ, брокола, спанаќ, морков, кромид… Сите видови зеленчук имаат благотворно дејство на здравјето. Овошјето, исто така, се наоѓа на дното од пирамидата на медитеранската исхрана, што значи дека треба често да се консумира. Се разбира, тоа не значи дека треба да се јаде само овошје, туку дека може да се користи во сите оброци. Тоа може да биде добра замена на слаткото кај оние што го сакаат. Свежото овошје, како на пример бананите, смоквите, грозјето, дињите итн. имаат благотворно дејство за организмот.
Медитеранската исхрана подразбира и консумирање на мешунки (боранија, грашок, грав) и јаткасти плодови. Добрата работа кај нив е што брзо заситуваат, ситоста држи долго, така што мала порција е доволна за здрав оброк. Интегралните житарици како што се целите зрна од пченица, зоб, јачмен и хелда влијаат позитивно на здравјето. Тука спаѓа и консумирањето на пченката и кафеавиот ориз, а може да се направат и тестенини од брашното на овие здрави житарици. Се разбира, не треба да се консумираат многу често, во секој оброк, туку да се консумираат на здрав начин.
Маслиновото масло е најпознато меѓу здравите масла и ја сочинува сржта на медитеранската исхрана. Познато е дека жителите околу Средоземното Море, кои го користат маслиновото масло, помалку заболуваат од кардиоваскуларни болести. Најздраво е ако се користи во динстувани јадења или како прелив за салата. Се препорачува девствено маслиново масло, од проверени производители. Тоа е паметно вложување бидејќи мало количество маслиново масло чини чуда, особено кога во прашање се тестенините. Може да се одбере и органско или маслиново масло со лук, пиперчиња, рузмарин, со тартуфи. Исто така, во медитеранската исхрана благодат по здравјето имаат и авокадото и маслото од авокадо. Медитеранските сирења се познати по својот вкус, но и по здравјето. Медитеранската исхрана изобилува со сирења, јогурт (најпознат е грчкиот јогурт) и друга млечна храна. Не треба да се јадат пречесто. Умереноста е патот до здравјето. Рибата како лососот, сардината, туната и сл. имаат голема благодат по органзимот. И морските плодови се многу вкусни специјалитети, кои претставуваат порција здравје. Јајцата и белото месо се извори на протеини, што значи дека претставуваат важен фактор во исхраната. Но, сепак, не треба да се јадат многу често. Еднаш неделно е сосема доволно. Тука спаѓа белото месо, како што е пилешкото, од патка, мисирка, а од јајца се препорачуваат кокошкини, од препелица, патка. Нашиот народ е познат по љубовта кон црвеното место, што е спротивно од „правилата“ на медитеранската исхрана, според која треба да се консумира еднаш неделно, дури и поретко. Доколку се јаде често, штетно влијае врз здравјето. Во мали количества е здраво. Шеќерот е најголемиот непријател на човековиот организам. Се препорачува дури и целосно да се исфрли од исхраната доколку е можно. Овошјето е добра замена за шеќерот, но доколку не се може без слатки, сепак нека не се претерува, еднаш неделно е сосем доволно.
Водата е главниот напиток во медитеранската исхрана. Ова е очекувано имајќи во предвид дека таа е најздрав напиток за човекот и дека 75% од човековиот организам и припаѓаат на водата. Треба да се избегнуваат газирани и засладени пијалаци. Виното може и треба да се пие во мали количества и тоа задолжително со јадење. Се препорачува со вечерата да се испие 1 дл вино. Најдобро е да се избере квалитетно вино за од него да се извлече најдоброто за здравјето.
Клучниот дел од медитеранската исхрана е јадењето во друштво и делењето здрави, хранливи оброци. Со поддршката од семејството и блиските пријатели може да се смени комплетно начинот на исхрана, а истовремено и начинот на живеење. Па така, со низа активности, вклучувајќи ја и медитеранскаат исхрана, ќе му се спротивстави на американскиот начин. Многумина сметаат дека медитеранската исхрана е скапа, но нашето поднебје изобилува со овошје и зеленчук, особено во летниот период, што значи дека сè е евтинио, а рибата и маслиновото масло не се голема инвестиција бидејќи не се консумираат во големи количества. Некои истражувања покажуваат дека исхраната што ја практикуваат повеќето луѓе е многу поскапа, според пресметките на истражувачите.