Покрај неколкуте италијански марки на луксузни спортски автомобили, се појавува уште една чие седиште се наоѓа во Торино. Производителот настапува мошне сигурно и најавува почеток на продажбата среде лето. Првичниот извештај вели дека новата марка ќе произведува само од тие егзотичните, како на пример марката Пагани која конструира исклучиво егзотика на четири тркала. Името на производителот е Франгивенто, а производот на четири тркала е наречен „сорпасо“, односно „фв франгивенто сорпасо“. И уште на почетокот компанијата ќе лансира две изведби од спомнатиот модел, едната е наречена „страдале“, а другата „гт икс икс“. Обете имаат погон на сите тркала и користат ист V10 мотор, но разликата е во силината. Првата, „страдале“ во себе има атмосферски мотор способен да произведе 610 КС, додека во моторот од другиот модел има вградено супер полнач (нешто слично на турбото) задолжен да произведе повеќе коњски сили, односно дури 850. Во првичното обраќање до јавноста, компанијата открива неколку брзински способности на втората изведба („гт икс икс“), – забрзување од 0 до 100 км/ч за 2,9 секунди и од 0 до 200 км/ч за 9,3 секунди. Оваа изведба постигнува крајна брзина од 345 км/ч.
Непишано правило е сопствениците на ваквите автомобили да посакаат нешто невообичаено и несекојдневно. Затоа компанијата му овозможува на секој купувач, се разбира ако има желба, да седи заедно со некој од одговорните и директно да учествува во создавањето на автомобилот. Не може да влијае на конструкторските работи, но затоа може да влијае колку што му душа сака при „китењето“ на автомобилот. На овој начин секој автомобил е приказна за себе и претставува своевиден уникат.
И сега си го поставуваме прашањето, како тоа во услови на повеќе кризни периоди во изминативе три децении во кои секојдневните автомобили бележеа пад во продажбата, луксузните марки да бележат огромни профити, најголеми од основањето на компаниите. Во спомнатиот период се појавија повеќе марки кои произведуваат исклучиво спортски купе автомбили, а една од најновите е ФВ – Франгивенто.