ФОРМУЛА Е-СТАРТОТ НА СЕЗОНАТА ПОМЕСТЕН ЗА ФЕВРУАРИ

02/01/2021

ЛОГИСТИЧКИТЕ ПРОБЛЕМИ ГИ ПРИНУДИЈА ОРГАНИЗАТОРИТЕ ДА ЈА ОТКАЖАТ ПРВАТА ПЛАНИРАНА ТРКА ЗА 2021 ГОДИНА.

 

Седмата сезона на трките со електрични болиди, која за првпат го понесува епитетот официјално светско првенство под капата на ФИА, сепак нема да започне со предвидените трки за 16 и 17 јануари во Сантијаго, Чиле.

Иако организаторите не наведоа причина во своето официјално известување, во кулоарите се пренесува информацијата дека логистичките проблеми за транспорт на опремата и возилата од Европа во Јужна Америка се испречиле како непремостливи, поради пандемијата од Ковид 19 којашто повторно зема замав низ повеќе земји. Поради тоа што трките во Формула Е претежно се возат во период декември – јуни, со цел да не се конфронтираат со популарните натпреварувања како Формула 1 или Мото ГП, пандемијата од Ковид 19 ја уништи веќе сезоната за 2019-2020, па организаторите, откако откажаа десетина трки, на крајот ја финишираа 2020 година организирајќи шест рунди во девет дена на патеката во Берлин. Ова соопштение за откажувањето на трките во Чиле беше лиферувано откако екипите се собраа за официјален тест на патеката „Рикардо Тормо“, лоцирана на југот од Шпанија, во Валенсија. Според календарот, втората рунда е предвидена за крајот на февруари во Саудиска Арабија, а тоа е веќе дестинација кадешто веќе видовме неколку светски настани на Блискиот Исток (Формула 1 во Бахреин и ОАЕ), а исто така во март се очекува стартот на Мото ГП во Катар. Во овој момент не постои најава дали организаторите ќе понудат алтернатива за откажаните трки, или повторно е можен крај на сезоната со финале по рецептот од 2020 година.

Меѓутоа, ова не е единствен проблем којшто му се заканува на првенството со брзорастечка популарност. Две респектабилни фабрики ја објавија својата интенција да ја напуштат Формула Е на крајот од сезоната во 2021 година. Први со ваква непопуларна одлука се јавија од Ауди. Во нивното соопштение е наведено дека ќе се фокусираат на сегашноста.

– Електромобилноста не е повеќе сон за иднината, туку сегашност. Ауди ќе ги искористи своите ресурси и ќе се рефокусира да подготви електричен автомобил што ќе се натпреварува на релито Дакар, како и други хибридни решенија кои ќе бидат прикажани во трките на издржливост, како што е легендарната „24 часа Ле Ман“.

Во соопштението, пак, на БМВ владее истата реторика и електрификацијата на возилата е наречена „новата нормалност“ и не се навестени други планови во светот на мото спортот.

– Стратешкиот фокус на БМВ групацијата се менува, но останува во полето на електричната мобилност. Сите решенија во иднина ќе бидат понудени во комплетната гама и на глобално ниво.

Според најавите, третата генерација на болиди од Формула Е требаше да стартуваат во 2022, а досега само од индиската фабрика Махиндра го имаат потврдено учеството во шампионатот. Со заедничка одлука на сите инволвирани, поради ефектите од пандемијата воведувањето на „генерација 3“ беше поместено за една година подоцна. Ауди заедно со Нисан беше еден од двата тима кои имаа советодавна улога во ФИА во насока на развивањето на електромобилноста, но тимскиот шеф на Ауди и поранешен Ф1 возач Ален Мекниш изјави дека повлекувањето не е инспирирано од грижите за третата генерација на болиди во Формула Е.

Дека можеби станува збор за извесни заеднички одлуки (или договор) меѓу двете германски фирми кои се во сенка на доминацијата на Мерцедес во Формула 1, може да послужи и одлуката истите две фабрики на крајот од 2020 година да го објават своето повлекување од туринг шампионатот ДТМ. Организаторите на Формула Е сметаат дека нема простор за паника и дека многу скоро ќе се појават други фабрики коишто ќе ги заменат досегашните, при што шпекулациите најмногу се однесуваат за јужнокорејските Хјундаи и Киа.

Исто така, Ф1 тимот Мекларен којшто подготви своја екипа за настап во Индикар, најави дека го разгледува можното учество во Формула Е, но со почеток од 2023 година.

– Ни беше забрането да учествуваме во Формула Е затоа што бевме добавувачи на акумулатори за сите тимови. Со тој тендер на ФИА ние немавме дозвола да се натпреваруваме како тим. Новата генерација на болиди во Формула Е воедно носи и ситуација кадешто ние не сме ексклузивни снабдувачи со акумулатори, па поради тоа ние започнуваме да ја анализираме ситуацијата, бидејќи таа тркачка серија е мошне интересна. Се разбира, треба да се прашаме и зошто другите напуштаат, – изјави извршниот директор на Мекларен, Зак Браун.

Според него Ауди е во право што оди во други сфери на спортот, но во исто време вели дека Формула Е станува атрактивна поради лимитирањето на трошоците од страна на организаторите.

– Започнаа како мошне ефтина серија, но потоа трошоците се искачија до баснословно ниво. Вообичаено тоа се случува, но сега се чини дека ќе бидат донесени прописи за воспоставување на лимити пред трошоците да продолжат да растат.

Воедно, Мекларен потврди дека освен за Формула Е, исто така, се интересираат и за трките на издржливост, бидејќи веруваат дека во двете серии можат да бидат конкурентни и дека тие ќе имаат позитивна рефлексија на нивниот бренд, како и дека се комерцијално одржливи.

Шпекулациите сугерираат дека и Хонда, по објавата за напуштање на Формула 1, можеби ќе има интерес да се вклучи во Формула Е, но јапонската фабрика ги сосредоточи своите интереси исклучиво кон Индикар првенството коешто е најбитно за пробив на јапонската фабрика на американскиот пазар.

УТВРДЕНИ ПРВИТЕ ОСУМ ТРКИ ОД КАЛЕНДАРОТ

На 28 јануари беше соопштено дека првиот дел од календарот е потврден и во него се вклучени осум трки. Конечниот изглед на сезоната ќе биде познат напролет, односно по одржувањето на првите две трки, а во конкуренција се уште шест локации (Берлин, Лондон, Сеул, Хаинан, Њујорк и Мексико Сити). Трките означени со две ѕвездички треба да поминат низ процесот на хомологација на патеката од страна на ФИА и да бидат потврдени од страна на Светскиот совет за моторспорт на ФИА, додека трките со една ѕвездичка ја чекаат само потврдата од највисокото тело на светската автомобилистичка федерација.

26.02.2021 – Дирија, Саудиска Арабија
27.02.2021 – Дирија, Саудиска Арабија
10.04.2021 – Рим, Италија * *
24.04.2021 – Валенсија, Шпанија * *
08.05.2021 – Монте Карло, Монако * *
22.05.2021 – Маракеш, Мароко *
05.06.2021 – Сантијаго, Чиле *
06.06.2021 – Сантијаго, Чиле *

РЕСЕНЧАНЕЦОТ ЕРХАН ЈАЈОВСКИ ПОБЕДИ ВО ФОРМУЛА Е СИМУЛАЦИЈА

Трките од таканаречените е-спортови, во кои што акцијата се одвива со посредство на електронски уреди (компјутери, симулатори) имаат огромна популарност на светско ниво, а од пред неколку години и највисоките светски првенства како Формула 1 и Формула Е започнаа со свои официјални натпреварувања. Изненадувањето не можеше да биде поголемо: во првата виртуелна трка од Формула Е победи македонски учесник-Ерхан Јајоски од Ресен. Поради фактот што ова е официјален натпревар од самата серија, победникот на крајот ќе добие шанса да тестира со вистински болид од Формула Е (генерација 2), а воедно да добие и парична награда. „АМСМ Клуб Мобилити“ веќе го контактираше Ерхан Јајоски за интервју во еден од следните броеви. •

 

Александар Табаковски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.