FORD PUMA-ОБНОВУВАЊЕ НА ПУМАТА

14/02/2024

Некогаш „форд пума“ беше класично мало купе, направено за инает на „опел тигра“. Но како што се менуваа времињата, така моделот „пума“ од купе прерасна во некој вид „сув“ со пет врати, „кросовер“, „сити крузер“, „крос крузер“, „викенд крузер“, од сѐ по малку спакувано во едно. Сега „пумата“ е број еден Фордов модел за градските гужви, бидејќи по димензии е најмалиот во семејството, а легендарната „фиеста“ отиде во историјата. Замислете, една „фиеста“ која макотрпно го градеше карактерот на Форд, сега е само минато и ништо повеќе. Купето „пума“ и „фиеста“ се заменети со новата „пума“ која е претворена во возило за забава (спорт јутилити викл = сув). Токму оваа „пума“ стаса за обновување. Дизајнерите направиле неколку измени на надворешноста, но сите тие се малку дискретни, додека покрупните измени се во одделот за патниците. Делот наменет за возачот сега е поедноставен или подобро да кажеме украсите и останатите китења сега ги нема, сѐ со цел нештата да бидат попрегледни и лесно воочливи. Надворешниот дизајн има нов одбојник и нови светла. Тој одбојник е со поагресивен изглед во изведбата „ст“, колку да се истакне спортската нота.

Редизајнираната „пума“ во себе има само еден мотор со три цилиндри со зафатнина од 1,0 литри и турбо полнач. Оваа генерација е позната под името „екобуст“ или во превод: моќен, еколошки прифатлив и штедлив. Истиот мотор се вградува и во формулите од Форд наменети за тркачите почетници, само што силината е променлива, односно поинаква. Тој со зафатнина од 1,5 л (200 КС) вградуван во изведбата „ст“ е надвор од употреба. Широко распространет мотор, така што не е чудо што е единствен во „пумата“, но со три силини: 125, 155 и 170 КС. За моторот со 125 КС наменет е обичен менувач со шест степени, а за тие со 155 и 170 КС автоматски со двојна спојка со седум преноси. И опремата одговорна за безбедност е дополнета со уште неколку системи, така што ништо не е препуштено на случајот, односно Форд секогаш однапред и навремено делува патниците максимално безгрижно да уживаат во возењето.

 

 

 

„Форд пума“ сѐ уште не е планирана да прејде во чисто електрични возила, а кога ќе се случи тоа сѐ уште не е познато. За цената, за почетокот на продажбата и за дополнителната опрема и за сите останати детали, како и секогаш обратете се кај увозникот.

 

Жарко Атанасоски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.