FORD PUMA GEN E-„ПУМА НА СТРУЈА“

16/12/2024

Моделот „пума“ некогаш беше мало и многу убаво скроено купе, а денес е нешто како ситикрузер, кросовер, партикрузер…важно е тоа дека е „сув“. Минатиот месец Форд го претстави своето најново електрично возило, „пума ген – е“. Производството се одвива во Крајова, Романија во една од најсовремените фабрики на Форд.

Претставувањето и продажбата тргнуваат во временска разлика од 24 часа, така што „капарисувањето“ веќе земало замав, а испораката ќе биде во првите месеци од наредната година. Допадлив дизајн, пред сѐ наменет за тие со изострен вкус за убав облик или во превод за младата популација возачи. Свеж дизајн дополнет со практични решенија, солиден простор и удобност – одделот за товар располага со завидно големи 574 л, а дополнителни 43 л има во предниот дел. „Пума ген – е“ е возило за секаква пригода, од крстосување низ градската гужва, до одење на одмор. Не за џабе сегашната „пума“ е најпродаваното возило во семејството Форд.

Електричните возила по правило се потешки од тие пред нив. Тежината од 1.553 кг и не е така голема споредбено со тежината од „алфа ромео џулиета“ која е тука некаде околу 1,5 тони, а има ото мотор и не е хибрид. Тие 1.553 кг ги „вози“ електромотор со силина од 168 коњи на предната оска. Со овој погон електричната „пума“ изминува 376 км и од 0 до 100 км/ч забрзува за 8,0 сек. Крајната брзина е ограничена електронски на 160 км/ч – не дека „форд пума ген – е“ не е побрза, туку сето тоа оди за поголема безбедност. И тие 160 км/ч се повеќе од доволни. Полнењето на батеријата зависи од тоа дали е приклучена на обичен полнач или на тие за брзо полнење – скоро 25 мин. се потребни за батеријата да се наполни до 80 отсто, почнувајќи од 10 отсто.

Сензори, камери, помош при паркирање, навигација и што уште не, списокот е долг, а за сето тоа треба да платите малку повеќе од 35.000 евра (!?). За подетални информации обратете се кај увозникот на возилата Форд.

 

Жарко Атанасоски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.