FORD MUSTANG-„МУСТАНГ“ ОД СЕДМАТА ГЕНЕРАЦИЈА

16/09/2022

На денот посебно наменети за новинарите, 14 септември, официјално беше претставена седмата генерација од легендарниот модел на Форд, „мустанг“. Автомобилот стана легенда таму некаде преку „Големата вода“, а творецот Ли Ајакока сигурно не сонувал дека неговата замисла претставена уште во 1964 година ќе достигне поголема слава од златен олимписки медал. Големиот Ли Ајакока преку Форд му подари на светот спортско купе по кое и денес трчаат безмалку сите љубители на автомобилите. Таа икона на четири тркала е толку голема не само поради убавината и силината, туку тамошните умеат таа придобивка да ја негуваат со децении, да ја зачуваат и да влезе во општеството на голема врата прераснувајќи во традиција. Од земјата на прериите и асфалтните џунгли можеме да видиме како убавите нешта се чуваат и претвораат во национален симбол и гордост. Затоа „форд мустанг“ не е обичен автомобил, туку нешто многу повеќе.

Ова е седма генерација од легендата „мустанг“ според која името е позајмено од јазикот на Индијанците кое е синоним за див коњ, нескротлив и полн со силина. Новинарите на Салонот за автомобили во Детроит имаа прилика да бидат сведоци на првичното светско претставување и имаа што да видат. Таа специфична линија, дизајн, сѐ уште се пронижува иако „мустангот“ е стар скоро шест децении. Тоа е таа традиција за која пишувавме на почетокот од текстов. И по толку многу генерации, „форд мустанг“ лесно можете да го препознаете на паркинг со илјада автомобили, затоа што е свој на своето и не е сличен со ниту едно друго купе.

Производителот веднаш нуди две изведби, едната класика купе, а другата без покрив, кабриолет. Засега ќе се вградуваат две погонски единици, 2,3 литри турбо од генерацијата „екобуст“ со четири цилиндри во линија и 320 КС и се разбира V мотор со осум цилиндри, од овој мотор нема откажување до последниот здив кој развива околу 500 КС. Кај оваа изведба и дизајнот на предниот и задниот дел е малку изменет колку да се знае дека под „хаубата“ има ѕвер од мотор со 5,0 литри работна зафатнина. „Перформанс пек“ спаѓа во дополнителната опрема со која добивате Рекаро седишта, спортски Брембо сопирачки, поинаков диференцијал, приспособливо подвозје  и уште еден куп други ситници кои го прават автомобилот да изгледа поагресивен. Обичен менувач со шест брзини или автоматски со 10 степени, преку нив се пренесува силината од моторите до задната оска.

Продажбата треба да започне во последниот квартал од наредната година, а некаде во првата половина од 2024 ќе се појави и на континентов. Љубителите на мускулестите купе автомобили добиваат подготвителен период во кој ќе одлучат да почекаат уште некој месец повеќе за да купат примерок од седмата генерација на популарниот „форд мустанг“.

 

Жарко Атанасоски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.