FISKER PEAR-ГОЛЕМАТА ГУЖВА НА ФИСКЕР

20/03/2023

Познатиот дизајнер Хенрик Фискер е во голема, но убава гужва. Деновиве прикажа неколку компјутерски цртежи од сув возилото кое треба да биде претставено некаде во втората половина од летото. Покрај најновиот проект нарeчен „пир“, на добар пат е и моделот „оушн“ кој треба наскоро да влезе во продажба. Досега има 65.000 нарачки, а австриската компанија Магна Штаер ветува навремена испорака. Но да се задржиме на возилото кое е директен конкурент на „хјундаи јоник 5“ и „фолксваген ид 4“. Конкурентите се за нијанса подолги од „фискер пир“, но тоа и не е некаква предност затоа што Фискер најавува цена од 29.000 долари за основниот модел и многу практични решенија во автомобилот, како на пример дополнување на батеријата преку фотоволтаици на покривот. Досега има над 5.600 нарачки што значи дека возилата Фискер на невидено се резервираат. Помалиот сув во семејството има должина од 4,5 м и во него ќе можат да се сместат пет возрасни лица.

Занимливо е тоа што Фискер нема своја фабрика туку користи туѓи. За моделот „оушн“ е во договор со тајванската компанија Фокстрон најпозната во светот по тоа што произведува мобилни телефони од марката „епл“, а американската фабрика е лоцирана во САД во Охајо. Тој објект некогаш беше во сопственост на Џенерал Моторс, а денес е производител на „фискер оушн“.

Уште еден автомобил е во трка со времето, кабриолетот четворосед „ронин“ кој, исто така, е во завршна производна фаза и наскоро треба да се појави во продажба. Затоа на почетокот напишавме, „Хенрик Фискер е во голема, но убава гужва“, најнапред „оушн“, потоа „пир“ и на крај луксузниот кабриолет „ронин“. И за нештата да бидат појасни, сите возила се електрични.

 

Жарко Атанасоски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.