FIAT GRANDE PANDA-МАЛКУ ПОГОЛЕМА „ПАНДА“

25/06/2024

Долго очекуваната „панда“ конечно го виде светлото на денот. Добро, не е автомобилот претставен, туку излегоа неколку официјални фотографии. Бидејќи новата „панда“ е подолга за 33 см, односно располага со 4,0 м должина, творците ја нарекоа „гранде панда“ – „големата панда“.

Да се добие наследник на еден легендарен автомобил како што беше „фиат панда“ прва генерација, но и таа по неа наново доработена, обновена, воопшто не е лесно. Практично ретко кога некој производител успеал да замени една легенда со наследник. На пример, кога Рено ја згасна легендарната „петка“ и како наследник се појави „клио“ – не беше многу добар потег. Новиот модел го немаше тоа волшебното, примамливото и шармот од „петката“, но затоа таквата замена му успеа на БМВ  кога тргна повторно да го произведува популарно наречениот „мини морис“. Минимални измени во дизајнот, осетно поголеми димензии, но сето тоа во границите на убавината. Истата формула неодамна ја примени и Рено при повторното лансирање на „петката“.

„Гранде пандата“ има некоја сличност со првата „панда“, но само некоја сличност и толку, а не требаше да биде така. Иако должината е 4,0 м (3,99), сепак можеле да го „испеглаат“ дизајнот да наликува многу повеќе на првата генерација. Затоа сега новата „панда“ најмногу наликува на „џип авенџер“. Зошто е тоа така најдобро знаат конструкторите и дизајнери и секако главниот во таборот на Фиат. ПСА и Фиат Крајслер Автомобили ја основаа компанијата Стелантис која ќе им овозможи унифицирање на производството, користење исти шасии (основи, платформи), делови и резервни делови и зголемено производство со многу помалку вложени пари. Така што „гранде панда“ е исто што и сѐ друго во Стелантис што има должина од 4,0 м со некој сантиметар повеќе или помалку, на пример спомнатиот „џип авенџер“, „опел мока“, „цитроен е – ц 3“ и на нив сличните во семејството Стелантис составено од Пежо, Цитроен, Фиат, Опел, Алфа Ромео, Ланча и Крајслер.

„Фиат гранде панда“ ќе биде задвижувана од електричен погон, од хибриден, но велат ќе има и мотор со умерена хибридна технологија. А дизел мотор?

И за крај доаѓа најдоброто, „гранде панда“ со погон на сите тркала. Сега го очекуваме неговото првично претставување пред светот, а потоа Фиат ќе претстави уште две други изведби од пандата, односно секоја година по една панда заклучно со 2027, така што светот очекува три (или четири?) подмодели (изведби) од моделот „гранде панда“.

 

Жарко Атанасоски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.